Уметноста што се создава на отворено, попозната како land art, станува сè поинтересна за концептуалните уметници. Сè почесто гледаме проекти што се изработени од органски или од рециклирани материјали. Таков е случајот и со уметникот што го претставуваме во овој број на Репер.
Фесон Лудовик (Fesson Ludovic) со својот проект Back to Nature го привлече вниманието на ликовните критичари. Неговата серија од скулптури направени од природни материјали, како што се тревата и дрвото, на интересен начин ги покажува основните линии, лакови, триаголници и геометриски форми. Елементите што ги користи ги закопува на површината на земјата и си игра со нивните сенки или ги поставува во вода со што создава можност за нивна рефлексија.
Овие скулптури збунуваат со својата едноставност, но од друга страна, и со сложеноста. Тој создава комплексни форми во кои секое парче има своја линија и движење, креира уникатен однос со природата во која се поставени, ја користи сончевата светлина како партнер, како еден од најважните двигатели за заживување на неговите дела. Овие симетрични форми вибрираат во просторот, нудат динамика и стабилност истовремено.
Лудовик ја користи можноста да си игра апстрактно со погледот на набљудувачот, го менува фокусот и на моменти сака да посочи дека е можеби поважно да се гледаат сенките што ги создаваат гранките, дрвјата или тревата, отколку самата основна форма што ја има поставено, т.е. конструкцијата што е основа на неговите скулптури. Елементите ги поставува на различно растојание, но целината што ја доловува е секогаш рамна, објектот што го создава се перципира како сложен спој што флуктуира во едно. Одлични пејзажи што будат инспирација, уметникот си поигрува со аглите, со перцепцијата, гради интензивна длабочина, која на гледачот му создава возбуда. Овие скулптури имаат некои нови детали, кои се одразуваат врз досегашната перцепција на реалното наспроти илузијата, на балансот наспроти дисхармонијата на природата.
Градејќи внатрешна хармонија со природата, тој ѝ пркоси на гравитацијата, докажува дека надворешната уметност (outdoor), односно уметноста што се создава на отворено, во природа, може да биде помагична од онаа што ја создава самата природа, како на пример случајното поставување на некои камења, карпи и сл.
Овие скулптури на извонреден начин се вклопуваат во животната средина.
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest