Кога не држам камера, ја земам штицата за сурфање

Јас не сум многу комплициран, но морам да ги почувствувам страста во личноста и чувството дека се вклучени.

Многу често Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ не само што го носи кремот од филмскиот свет туку открива и нови млади таленти. Списокот е предолг, список на кој ќе се најдат имињата на уметниците што уште со првите филмови имале чест да бидат дел од програмите на Фестивалот, дури и да освојат награда, а многу подоцна светот да ги потврди како исклучителни кинематографи. Годинава во Македонија ќе пристигне еден млад директор на фотографија, кој сепак може да се пофали со завидни постигнувања и со бистри размислувања. Се вика Беноа Солер. Првпат доаѓа во Македонија, но со причина. Да го претстави филмот „Ило, ило“ на 34. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, и тоа како дел од натпреварувачката програма. Господинот Солер зборува за своите амбиции пред и по Фестивалот.

LogoBenoitSoler1

Опишете го мигот кога си рековте: „Сакам да бидам кинематограф!“

Тоа не се случи веднаш. Имав неколку навестувања пред да откријам дека сакам да бидам директор на фотографија, бидејќи едноставно не знаев која е функцијата на таа професија. Секогаш мислев дека директор на фотографија е оној што стои зад камерата и снима. За време на вежбите, секогаш добивав убави коментари за моите кадрирања и за композицијата. Потоа започнав да учам која е работата на директорот на фотографија. Вистинскиот предизвик беше откако го изгледав „Рајски денови“, филм на Теренс Малик – толку бев воодушевен од работата со камерата што започнав да се интересирам за кинематографијата. Откако погледнав нешто од работата на Нестор Алмендрос, знаев дека е тоа работата што сакам да ја правам.

Во Вашата биографија стои дека сте биле под менторство на великаните како што се Брајан Туфано („Трејнспитинг“, „Били Елиот“) и Син Бобит („Глад“, „Срам“). Какво беше чувството да се соработува со нив и која би била поуката што сте ја извлекле преку нивното искуство?

Ретка е можноста да се биде подучуван од толку добар даскал. Имав одредени афинитети кон нив поради пристапот на едноставна кинематографија и на документарна заднина. Лекцијата што ја добив од нив е дека нема лекција и дека сите работат на различен начин, така што е сè сведено на сопствениот сензибилитет. Не треба да земате ништо такво какво што е. Тоа е можеби главното правило, кое се употребува насекаде, но само неколкумина го кажуваат, со што се отвора голема можност за креативност. Башка, се чувствувам привилегирано што еден од моите филмови има добиено иста награда како една од оние што ги има и Син (Бобит, н.з.).

Со последниот филм имавте доста тешка работа. За кратко време и со мал буџет го снимивте „Ило, ило“ во Сингапур. Кажете ни нешто за филмот. Со кои предизвици се сретнавте како кинематограф и колку сте задоволен од она што излезе како краен производ?

Тоа беше проста математика, немаше ни време, ни пари… а моравме да работиме многу бргу за да го завршиме филмот за дваесет и четири часа, плус три непредвидени денови. Така што, морав да ја испланирам светлината на таков начин што бргу ќе заврши работа во речиси 360 степени. Многу користевме придружна светлина како наша главна светлина, што ни помогна да бидеме пофлексибилни. Во зависност од локациите, јас буквално трошев време на менување светилки и цевки, кои ги купивме специјално за филмот, на ставање, па симнување итн. Потоа, требаше да го направам да биде малку посебно. Мислам дека како краен производ излезе со природниот изглед што го баравме.

Benoit-Soler-2

Колку е Беноа Солер запознат со Македонија? Сте имале ли претходно некаква поврзаност со нешто што доаѓа од нашата држава?

За жал, (сè уште) немам никакви допирни точки со државата, но тоа е една од убавите работи во нашата професија – патуваме и откриваме нови земји и култури. Така што, многу сум среќен што ја добив шансата да наминам тука.

На интернет ретко може да се пронајде нешто за Вас и за Вашиот живот кога не ги држите камерата или фотоапаратот во рацете. Затоа, што сака да прави Беноа Солер во своето слободно време?

Навистина зависи, бидејќи главно секогаш имам нешто да правам. Но, скоро станав опседнат со тоа да се учам да сурфам. Тоа е нешто што сакам да го правам почесто и го обожавам југоисточното крајбрежје на Франција (од каде што потекнува дел од моето семејство, што ми дава добра причина да одам таму). Понекогаш ја чувствувам потребата да избегам и да ѝ се доближам на природата бидејќи сум градски човек.

Опишете ја својата омилена филмска сцена. Што е она што Ви оставило најсилен впечаток?

Можеби филмот и не ми е толку омилен, но секогаш ќе ги сакам оние сцени од „Црвениот круг“ од режисерот Жан-Пјер Мелвил. Целиот прв дел од филмот нема дијалог. Има два лика што се претставени дека изгледаат доста слично. Едниот е полицаец, а другиот е лошо момче, но интересното е што не сфаќаме кој е кој во првите пет минути. Овде режисерот буквално си игра со сличноста на ликовите со цел да го засени читањето. Тој не зборува за луѓе што се црни или бели, туку за луѓе што имаат различни сенки преку своите карактеристики, и сфаќате сè низ слики без дијалози. Ова, според мене, е моќта на филмот. Јас потајно се надевам дека ќе бидам способен да го направам тоа како што го направи Мелвил.

Како би го објасниле времето поминато по различни фестивали? Како Вие ги доживувате нив и која е разликата меѓу оние поголеми и попознати и оние помали и понеафирмирани?

Штом завршив со образованието, имав можност да присуствувам на голем број фестивали од различен карактер. Навистина е интересно да присуствувате и да набљудувате. Некои очигледно се попрестижни, но главно тие не се толку интересни и забавни. Имам проблеми со големите фестивали, бидејќи сметам дека се целосно комерцијални и ја забораваат целта на еден фестивал, која е всушност славењето на создавањето филм и на режисерите. Секогаш ги претпочитам помалите.

Во што е разликата (ако ја има) помеѓу снимањето филм и снимањето реклама, освен, се разбира, во должината? Дали за да се сними една реклама е потребен поголем или помал напор?

Без разлика дали станува збор за снимање реклама или филм, вие мора да вметнете иста количина работа и посветеност. За мене фундаменталната разлика е во тоа што во едниот случај имате човек заедно со повеќе луѓе што донесуваат одлуки и што често стигнуваат до резултат, при што се губи неговиот интерес преку постигнување компромис, додека во другиот случај работите со визијата на една личност, која најчесто се нарекува режисер.

Cover

Со каква опрема најмногу сакате да работите (под опрема мислам на камера)?

Можам да кажам дека сум обожавател на „Алекса“ и нејзин чест корисник, бидејќи има многу предности што не морам да ги набројувам; сепак, камерата ја избирам во зависност од потребите на проектот бидејќи „Алекса“ не е добра за сè. Јас навистина уживам во тестирање нови камери. Според мене, дигиталните камери не се како филмските, не ги одбирате поради посебниот изглед (иако постојат видни разлики, помеки се, имаат повеќе опции, подобри се при силни светлини, подобри се при слаби светлини) бидејќи за мене местото е најважно за да ја постигнете текстурата што сте ја барале. Така што, тоа е дел од мојата работа на кој посветувам посебно внимание.

Кога Вие самиот би режирале и би снимале филм, на која локација би го снимиле и што би сакале да претставите во прв план?

Мојата прва локација би било човечкото суштество за кое зборувам во филмот. За мене, ликовите во филмовите се првото место што ве транспортира во светот. Ако морам да бидам попрецизен, јас особено им се восхитувам на воените фотографи, бидејќи мислам дека е потребна лудост за да се впуштите во нешто такво.

Кој е Вашиот идол (не мора да биде од светот на филмот)?

Јас немам баш некој идол, не ја сакам идејата да се живее глорифицирајќи некоја личност. Но, сакам луѓе што се визионери. Одисеј, на пример. Неговата намера да се врати дома е толку силна што ќе направи сè за да ја постигне целта без да се откаже.

Capture-d’écran-2013-02-28-à-11.35.58-550x332

Кога бевте млад, кој најмногу Ви помогна да ги реализирате своите визии?

Можеби ќе биде клише, но тоа е моето семејство, особено мајка ми, која ми помогна и која веруваше во мене при реализирање на мојата желба и цел. Имав шанса да изберам за она што сакам да го работам без да ме спречи некој од семејството.

Со каков тип луѓе најмногу сакате да соработувате?

Јас не сум многу комплициран, но морам да ги почувствувам страста во личноста и чувството дека се вклучени. Било тој/таа да е техничар, режисер, продуцент…

Со кои режисери би сакале да соработувате во иднина?

Едноставно, со оние со кои ќе работам. Немам некоја посебна желба да работам со некој конкретно, бидејќи ги има многумина што се одлични и сакам да соработувам со што е можно повеќе од нив. На најразлични начини (бидејќи не сакам да правам една иста работа двапати). Ако веќе морам да именувам еден, тоа најверојатно би бил Теренс Малик, бидејќи го обожавам неговиот поетски начин на раскажување.

Кое е Вашето мислење за технологијата денес? Сметате ли дека „новата ера“ ќе ѝ помогне на кинематографијата?

Јас сум голем обожавател на новата технологија, но ретко ја користам. Потребна ми е добра причина, која ќе биде интересна за филмот. Сега проблемот е во тоа што има еден куп можности и бесконечен број решенија за да го постигнете она што го сакате. Затоа, треба да внимавате да не се изгубите и потребно е да донесете строга одлука уште на самиот почеток од проектот.

Но, во секој случај, технологијата ѝ помага на кинематографијата поради многуте алатки, а она што го правиме ние е прашање на вкус, тоа е нешто индивидуално.

Која е мислата со која секојдневно се мотивирате да продолжите со она што го правите?

Со своите 31 година, јас сум млад директор на фотографија, така што сè уште имам многу за истражување и многу работи што би ме мотивирале. Но, и самото чувство да се биде на снимање е доволно во моментов. Можеби ќе биде различно по десетина години…

Кој е Вашиот совет за младите што решиле да тргнат кон патот до кинематографијата? На што треба да внимаваат и што сè треба да поминат за да го достигнат тоа ниво?

Тешко е да се даде совет бидејќи, како што кажав, јас самиот сум млад, така што би било малку претенциозно да им давам совет на помладите. Она што постојано го имам наум е дека се најважни страста со која го правам она што го правам и чувството. Ако не верувам во нешто, не можам да го правам, така што го одбивам. Енергијата што ја внесувате е многу важна бидејќи верувам дека можете да ја пренасочите.

Што можеме да очекуваме од Вас во иднина, некој проект можеби?

Како и сите други автори, малку ќе бидам суеверен, така што не можам да кажам ништо во моментов.

4 септември 2013 г.
Емилија Петреска

Напишано од
More from РЕПЕР
Нема добра и лоша уметност
Нема добра и лоша уметност, а најмалку има совршена уметност. Секој од...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *