Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што доаѓам?
Прво, затоа што мојот прапрадедо по таткова линија живеел во Крушево и избегал од сѐ уште поробената Македонија во Османлиската Империја и се населил во веќе слободната Бугарија…
Второ, затоа што имам многу пријатели во Македонија!
И трето, но не на последното место, затоа што поезијата во Македонија многу се почитува, а тоа за мене значи многу!
Кое место е најубаво?
За мене лично, тоа се манастирот „Свети Наум“ на Охридското Езеро и стариот дел на Охрид. Би ги додал уште и манастирот „Св. Пантелејмон“ во Нерези, потоа Галичник, како и карпестата мегалитска опсерваторија Кокино.
Сигурен сум дека има и други прекрасни места на кои сѐ уште не сум бил, како на пример Крушево, кое се надевам дека ќе го посетам еден ден.
Од храна секогаш нарачувам…?
Кисело млеко, македонски бурек и овошје и зеленчук… Тука е местото да кажам дека такво сирење какво што пробав во Галичник никогаш и никаде на друго место не сум јадел.
Уметничко дело што ќе го паметам барем дваесет години…?
Не можам да посочам едно единствено… Пред сè, голем дел од современата македонска поезија.
Највозбудливата случка во Македонија…
Моето прво гостување во Македонија во 2006 г. и моето прво учество на Струшките вечери на поезијата во 2007 г.
Се дружам со…?
…многу македонски поети и уметници од различни генерации.
Што би сменил во Македонија?
Спомениците во центарот на Скопје, како и некои од новите претенциозни згради, кои не се вклопуваат природно во средината. Има и други нешта, но мислам дека како ваш гостин подобро е тактично да премолчам.
Што е тоа што го има само тука и никаде на друго место?
Струшките вечери на поезијата.