ДОМА
Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што доаѓам?
Македонците се многу гостопримливи. Не ти оставаат можност дури ни за миг да се почувствуваш како странец. Вечната насмевка на Македонците ти помага да мислиш дека кај нив си секогаш добредојден.
ШЕТАМ
Кое место е најубаво?
За мене, најубавото место за шетање е брегот на Охридското Езеро. Избегнувам места во кои има премногу згради и луѓе.
ХРАНА
Од храна секогаш нарачувам…?
Само македонски специјалитети. Гравче-тавче, ќебапчиња, бурек. Сето она што го нема во Полска.
УМЕТНОСТ
Уметничко дело што ќе го паметам барем едно дваесет години…?
Македонската народна музика. Една од песните што ми остави многу длабок впечаток е „Со маки сум се родила“. Првпат ја слушнав на предавањата за македонската култура. Паметам дека сите ние, студентите, имавме солзи во очите кога го учевме нејзиниот текст.
АВАНТУРА
Највозбудливата случка во Македонија…
Во Македонија секојдневно имав некаква авантура. Сега жалам што не ги запишав некаде. Онаа што со сигурност нема да ја заборавам никогаш се случи во кањонот Матка. Се качивме горе до манастирот на свети Никола и сакавме да се вратиме одејќи по пат што никој од нас не го познаваше. Тоа, секако, не беше добра идеја. Ни стана јасно кога одевме речиси еден час и надвор веќе се беше смрачило. Конечно се вративме по стариот пат. Една другарка, која остана долу, му рекла на сопственикот на кајчето да нè земе од брегот и тој нè спаси од спиење во шумата.
ЛУЃЕ
Се дружам со…?
Луѓе што имаат смисла за хумор и можат да се смеат на своја сметка.
СЕПАК
Што би сменила во Македонија?
Мислам дека едни од најголемите проблеми во Македонија се неразумното трошење на народните пари и невработеноста. Секогаш кога ги гледав спомениците во Скопје, се чудев колку семејства би можеле да живеат подобро кога би ги имале парите потрошени за непотребните споменици.
САМО
Што е тоа што само тука го има и никаде на друго место?
Позитивна енергија. Македонците, дури и да имаат многу проблеми, знаат како да уживаат во животот и да ги ценат сите добри моменти.
Наталија Мадајчак, славист од Полска
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest