БОЛНИЦА
поетот
господа
слуша со своите раце
прави акробации
со своите уши
и гледа со помош на својот пенис
(да се изразам медицински).
добриот поет
господа
не џвака туку веднаш голта
не ја разликува шеќерта од солта
верува дека мозокот
е гениталија
но во нашата модерна религија
не постои место за верба.
поет-пациент што секој лекар
би го посакал е оној
што самиот инсистира на лоботомија
иако е само настинат од премалку секс
поет достоен за почит
е оној
што прави салто по ходниците
што бара крајниците да му се вадат
без анестезија
што сам си извршува аутопсија
што при здрав разум настојува
да му ја ампутираат главата
притоа доживува оргазам
и пишува болна поезија
до остатокот од лекувањето.
ВРСКА
те видов
ми се допадна
се вљубив во тебе
и сега си моја
сега ми припаѓаш мене
ти ќе ми бидеш девојка
јас ќе ти бидам дечко
ние ќе имаме врска
отсега па натаму ќе слушаш џез
затоа што и јас слушам џез
ќе мрдаме заедно со стапалата и главите
додека слушаме џез
ќе почнеш да пушиш цигари
какви што пушам јас
за да не купуваш две различни кутии
а ако не пушиш
ќе пропушиш
ќе се смееш
на мојата смисла за хумор
но нема да смееш да се смееш премногу
почнувајќи од денес
ќе бидеш романтична
бидејќи јас сум многу романтичен
многу ќе сакаш да водиш љубов со мене
затоа што и јас многу сакам секс
постојано ќе ми кажуваш
колку сум јас умен, добар и мажествен
затоа што тоа е навистина така
ти си навистина една среќна девојка
КОГА
Кога Буковски
Би станал хомосексуалец
И Гинзберг би почнал
Да пишува хаику песнички
И кога Винсент би си го залепил
Со плунка
Повторно увото
И кога Ботичели
Би ја насликал
Својата Венера со градник
И кога Толстој би престанал
Да сере толку за ова или она
И кога Лудвиг не би го изгубил слухот
А Хомер својот вид
Што и така не му требаше
Кога Пикасо би цртал
Дрвја
Птици
Курви и инсекти
Што личат на
Дрвја
Птици
Курви и инсекти
Орфеј кога би престанал
Да цимоли
И би си нашол друго женско газе
Кога Ленон би станал панкер
И кога Мона Лиза
Би ја мавнала
Таа своја патетична цинична насмевка
Од својата фаца
И кога Ниче би се избричил
И кога ти би станала
Лошо татино девојче
Дури и кога
Ох човече
Дури и кога вечно би постоел
Јас…
Сепак би те љубел.
РОДЕНДЕН
смртта ме покани на забава
кај неа
роденден
сите беа таму
и бог и ѓаволот и харон и
некои што ги знам и
сите се смееја
сите носеа капи од картон
пиеја
сите флертуваа едни со други
сите заедно ѝ посакавме
среќен роденден на смртта
таа учтиво се заблагодари
трепна со очињата
и срамежливо дувна во безбројните свеќи
„што си посака?“
љубопитните прашаа
таа ме погледна мене
и, гледајќи ме вљубено, им рече:
„ништо“
и отиде по ножот…
за тортата
ЈАС И ОН
бог…
бог е мисла
плус нема брада
има само џигерици
јас го љубам бог
да не речам, го посакувам
иако е бесполов.
на крајот на краиштата
навивам за фелационото стимулирање
се сретнавме неколкупати
пиевме вино, ракија, мастика, узо
коњак, вотка, мартини, еден бурбон
еден скоч и едно пиво.
мешавме.
он немаше проблем
а јас отидов чесно да повратам
во шолјата
каде што имав визија
дека од мојот
космогониски блуеж
одново се создава сиот свет
сѐ што некогаш сум испил или изел
почна да излегува набрзина од
мојата душа полна со киселина
и го видов новото небо и
новата земја
на старите плочки
сиот потонат во креативност
почнав да барам и барам
материјал за новиот човек
но во тој миг:
„човеку, тебе стварно ти треба помош“
го чув мојот пријател
јахве
повторно разочаран
како пред 2000 и нешто години
Он
правејќи еден непристоен гест
стори нешто величествено
нешто грандиозно
нешто што најдобро знае да го прави
ми го сврте грбот
и си замина
гледав низ прозорецот
додека џигериците му се лелееја
на утринското ветре