Д-р Остоиќ: уредничко нарушување

Најлошата последица од ова болест, секако, е прекумерната изложеност на поезија.

 Македонските гости на Ревијата на малите книжевности во Хрватска направија злосторство – рецитирање со умисла. Криминалистичката полиција си ја врши работата…

large_prvavecer

ПРАШАЊЕ

Почитуван докторе,

Јас сум Дорис, не можам да Ви кажам многу за себе поради ова силно чукање отстрана. Не се сеќавам што бев, не знам што се случува, само знам дека очигледно сум станала некаква муза и дека ќе полудам поради тоа.

Не знам ни кога почна сè, најверојатно во еден моментпочнаа да ме следат некои поети, кои ми ги рецитираат своите стихови. Луѓе што не ги познавам доаѓаат до мене, стојат покрај мене, одат со мене, седат на подот во мојот стан, во канцеларијата или на улица и – рецитираат ли рецитираат.

И така – со денови, со недели, со месеци? Со години? Добив огромни подочници, си ја зголемив тежината. Говорот ми е испрекинат со кашлање. Пријателите ме избегнуваат, не можам ни да им замерам. Не ме пуштаат на работа со распеаните поети, не ме пуштаат во продавница, не ме пуштаат во книжарница, не ме пуштаат во фризерски салон – само во биртија ме пуштаат. Пијам премногу. И развив грда смисла за сарказам.

Овие два дена ме следат двајца македонски писатели: едниот на некакво тамбурче, а другиот само со куп хартии. Оној со тамбурчето набројува цитати, римува, раскажува анегдоти во стихови, шири добра енергија, која само го распалува мојот сарказам. Другиот, некој младич, пее за Хефест, за Ахеронт, за исконски ликови, за некакви неизречени тестаменти, за неископани гробови, за крикови… додека тој така безнадежно лелека, првиот мава по тамбурчето. Со задоволство и на двајцата би им ги истегнала ушите, но страв ми е дека и за тоа ќе напишат песна. Во гроб ќе ме однесат со своето лелекање од гробот.

Ако ништо друго, барем пеат во слободен стих, па не морам цело време да слушам едни исти рими, плими, кравји вимиња[1].

Би Ви пишувала и понатаму, имам уште илјада здравствени проблеми, но не можам, главата ми пука зашто поетов сега ми пее за „ребус од смислени недоречености“?! Доста ми е веќе од сите тие овенчани поети, лауреати, стихосоздавачи, строфофили… сите би ги испратила во Македонија. Не само овие двајца Македонци, туку сите поети, само нека одат во Охрид, што подалеку од мене. Како да го решам тоа, докторе?

ОДГОВОР

Почитувана Дорис,

Врз основа на Вашиот опис, во соработка со книжевната полиција, направивме поеторобот и го откривме идентитетот на македонските поети: поетот-свирач е Влатко Мартиновски, а младиот поет е Иван Антоновски. Покрај Вашиот случај, многу сведоци дадоа исказ дека двајцата поети го направиле истото книжевно злосторство – рецитирање со умисла – и пред публиката во книжевниот клуб „Букса“. Освен тоа, полицискиот каталог на македонската книжевност (достапен во „Букса“) покажува дека, покрај нив, исто така дејствуваат и поетите Звонко Танески (кој пишува за зачудувачкиот секојдневен живот) и Јовица Тасевски-Етернијан (кој пишува духовни и религиозни песни). За прозаистите подобро да не зборуваме! Криминалистичките инспектори во моментов собираат доказни стихови, поминуваат низ безброј пречекорувања и составуваат обвинителен сонет против дрските поети.

Меѓутоа, двајцата поети се само капка во морето на Вашите хронични поетски проблеми. Имено, не сте станале муза, туку боледувате од уредничко нарушување – Вашето тело емитира феромони, кои на луѓето со истенчени сетила (т.е. поетите) им откриваат дека сте своевидна книжевна уредничка. Затоа Ви ги рецитираат своите песни – за да Ве убедат да им испечатите книга.

Најлошата последица од ова болест, секако, е прекумерната изложеност на поезија. Како што гледаме во слободниот стих на Антоновски и на Мартиновски, станува збор за богата и висококалорична книжевност, која кај слушателот создава вишок енергија, од која дел се претвора во масни наслаги, а дел се манифестира во облик на невроза. Освен тоа, натрупаноста на смислата во стихот, повторувањето мотиви и зборови и користењето аорист се дозволени во многу мала концентрација, но доколку зборуваме за постојана изложеност на таква поезија (и тоа уште со музичка придружба!), тогаш Вие, како слушателка, се наоѓате во особено стресна и опасна положба.

Решението на проблемот во еден дел се наоѓа во Вашиот сарказам, кој е всушност реакција на белите крвни зрнца на конкретната болест. Имено, единствениот начин да ги замолчите поетите е да им упаднете во зборот (помеѓу две строфи) и да не им дозволувате повторно да прозборат. Со други зборови, треба да развиете вештина за зборување во еден бескраен стих. Снабдете се со анегдоти, со нејасни теми за филозофирање, со будалести прашања, со глупави вицови, со саркастични коментари, со чудни цитати… Поетите набргу ќе потклекнат пред прозната стрелба и ќе побегнат кај некој следен пациент на мојата ординација.

 

Извор на текстот:  http://www.booksa.hr/kolumne/dr-ostojic-urednicki-poremecaj

Превод од хрватски јазик: Кристина Велевска



[1] Во оригиналот е „rime, plime, kravino vime“, со што се постигнува римување. (з.п.)

Напишано од
More from РЕПЕР
Prim and proper girls. I love them
Моето прашање е кога обичноста, пристојното однесување и манири / prim and...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *