(Бранислав Нушиќ: „НАЖАЛЕНА ФАМИЛИЈА“; режија: Драгана Милошевски-Попова; сценографија: Викторија Динева; костимографија: Андриана Динева; музика: „Суперхикс“; продукција: НУ ЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово)
Најновата премиера на театарот од Куманово, „Нажалена фамилија“, која по подолг период го врати на македонската театарска сцена – се чини, вечно актуелниот – Бранислав Нушиќ, најголемиот балкански комедиограф од крајот на 19 и од почетокот на 20 век во однос на тематско-стилските одредници, донесе една необична и интересна постановка, оправдувајќи го овој репертоарски потег како осмислен и како мошне добар.
На кумановската сцена, балканскиот владетел на сценскиот хумор (и сатира), луцидно исцеден низ постапката на комедија на ситуација и на карактери, Бранислав Нушиќ, овој пат го постави Драгана Милошевски-Попова, помлада претставничка на режисерскиот „занает“ во Македонија, чии постановки и досега сме можеле да ги видиме во најголем број токму во Куманово. И веднаш треба да се подвлече дека и оваа премиера е уште една потврда за издигнувањето и за созревањето на Драгана М. Попова како режисерка на која ѝ се познати пооддалечените простори на уметничката имагинација кон кои нè води – и, што е уште поважно, нејзе очигледно ѝ се познати и ризикот и несигурностите на тие патишта кон целта, па оттаму, секако, таа внимателност и строга/темелна самоконтрола во движењето. Драгана М. Попова знае да размислува и, што е најважно, и покрај чувствителната внимателност (до скептицизам), кај неа секогаш постои творечкиот оптимизам – дека секогаш сè може да се сработи и подобро. Како резултат на таквата творечка постапка имаме една „Нажалена фамилија“, не толку влезена во иновации колку во исползување на онаа забележителна тенденција кај младата режисерска генерација – да се ползуваат искуствата и поуките на поранешните театарски, но и филмски реализации на проектите на класиката, во општата интеракција на медиумите, воопшто. Така, ја имаме оваа „Нажалена фамилија“, во која со мерка се иновира, се сумблимираат искуства и се создава сценски проект што го менува приодот, во обид да се создаде претстава што ќе ги допре актуелностите на денот, ќе насмее, ќе забавува – но и ќе критикува. Во таа смисла, основниот текст добива драматуршки интервенции и додавки на делови од „Покојник“ и од други текстови. Поставувањето на музичкиот сегмент во директна и жива присутност на сцената преку познатата група „Суперхикс“, препознатлива по својот необичен стил на уривање конвенционалности и музички стереотипи, во многу нешта авангарден, во кој хуморот/смешното и сатиричното се доминанта, ѝ два една илустративна или контрапунктна функција на самата претстава. Ова функционално користење на музиката, живата свирка на „Суперхикс“, особено се остварува во ефектниот завршеток на претставата, додека на другите места очигледно ќе треба време и играње за синхронизирање на актерските и на музичките партии. Во таа насока е најпозитивно илустративна играта на актерот/пејачот (Димитрија Доксевски, кој говореше и српски), како многу успешен дел од финалната сцена.
Иако долго трае практиката, поради недоволниот простор, за актерите и за нивниот учинок да се говори на крајот од секој ваков осврт, и тоа најмалку – нека се гледа како на почеток на мала промена во таа смисла на искажувањето дека во претставата тие со успех настапија, започнувајќи од доајените на кумановска театарска сцена Горан Илиќ и Кети Дончевска-Илиќ, која и овој пат ја демонстрираше сигурноста на своето богато искуство и дарба; но, и покрај неблагодарноста од издвојување од мнозинството, со поголема впечатливост кај публиката се чини дека претставата ја одбележаа помладите актери, остварувајќи го хумористичното – меѓу кои особено: Стефанија Зисовска, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски и другите. Но, исто така, останува и впечатокот дека за некои од ролјите можеби изостанала и поинаква поделба.
Треба да се одбележи дека со оваа своја најнова премиера на „Нажалена фамилија“, кумановскиот театар – како домаќин – зеде учество и успешно го означи крајот на меѓународниот фестивал „Денови на комедијата Куманово 2013“, веќе шеснаесетти по ред (!), чиј организатор беше Центарот за култура.