Розова
Розови ти се небата
и количката инвалидска во која ти се возат чувствата
и следната автобуска станица на која си веќе возрасен човек
и туѓите реченици во кои се пронаоѓаш и давиш
(јас упорно се противам, зошто не во моите)
Розови се духовите на кои секоја вечер дрско им се јуначам,
а сѐ уште носам патики триесет и петка.
Розови се наочарите низ кои ги гледам мапите на мојата иднина,
розов е напрстокот во кој ти ја собира душата,
розова е пеглата со која пробувам да ги испеглам рабовите
на одраснатите здолништа,
и розова е вистината, која ретко ја кажувам
розова е револуцијата во мојот емотивен желудник
и розова е шеќерната волна што ми е во глава – достојна замена за мозок е, молам!
розова ти е кармата, која, иако си неписмен, сам си ја пишуваш,
розово е и местото во полусон, каде што срцето ми е толку мирно што ќе излета.
Клуч
Ме шибаат грди зборови, ме мава промаја од навреди, на моја адреса стигнуваат само критики и пцости, очите ми се испиваат ко недоварена жолчка од јајце и се полнат со солена вода, ми се крши тазе асфалтот под нозете, кули-близначки ми се рушат во утробата, утредента ми се брише, ми се суши корката леб што намерно заборавив да ја изедам, ми мувлосува патетиката, ми ветвеат алиштата, косата ми расцветува, тажаленка средното име ми биднува, ми се реновира мозокот (а ти си вечен кираџија со замрсени сметки), но не и душата, не и душата, нозете ми се на траект, прстите ми пливаат во купови од изговори, панично дишам оти најголемиот страв ми вперува пиштол во слепоочница – ти ги отклучувам најнежните стихови за тебе.
Школски пример
Ти ги посветувам овие јадни школски стихови – за мене нема веќе место летово.
Ги спакував куферите откако го претепа Бога во мене (а јас Бога во дневникот и ги добив првите единици),
и низ нос ми ги извади сите мои јадни и јавни и инфантилни додворувања.
Секоја буква ти ја славев,
и ти принесував жртви секој ден,
и ти изведував обреди,
и се колнев во тебе,
и ти ѕвонев по стопати,
смртно загрижена за твојата безбедност,
а ти брзопотезно ме матираше нарекувајќи ме смор.
Ти простував и заборавав без да побараш,
зашто друг за мене и нема, сите други се премногу ниски,
дури и оние повисоките од тебе.
Носев бременост од пеперутки во стомакот со месеци,
а потоа се пролонгираше во бременост со молци.
Секое твое мирување и мудрување и карање и ќутење и лутење
ми ги скокоткаше виугите и ги срамнуваше
ги искорени сите и мозокот ми го заобли
до совршено тркалезна форма – мазна и тапа
за секоја приказна што ќе ја чуе да не ја прима, туку да ја лизга и одбива.
Мразам географија, ама онаа на твоето тело што ми се провлекува
сѐ уште низ ноздрите на сеќавањава,
на твоето нежно, квазимажествено, недовлезено во пубертет, а совршено
добро обликувано со нерамнини што ми го креваат адреналинот тело,
ми е омилен предмет.
И секоја бенка можам на карта мижеечкум да ја покажам.
Ѝ заповедам на мојата карма, тоа добиче подмолно во кое вербата ми е сега лабилна, да прекине да го пушта одново
блузот на моите шеснаесет години и нека мојата прва љубов ја направи и последна и вечна, а не да ми остави само еден блуткав вкус на една неостварена, платонска љубов, оти инаку ОДБИВАМ да живеам.