Патописот „Зима во Мајорка“

...По дефиниција книжевноста на патувањето се стреми да ги преминува границите.

457px-Eugène_Ferdinand_Victor_Delacroix_041Уште во минатото, човекот, патувајќи низ светот, надвор од својата татковина, се запознавал со различните карактеристики, обичаи и традиции на земјите што ги посетувал. Тој останувал толку фасциниран од нив што набљудувајќи ги чуствувал потреба да пишува за нив, за своите импресии и доживувањата што ги стекнал токму на тие патувања. Овој вид книжевни текстови во кои авторот ги опишува луѓето и земјите во кои патувал и престојувал се нарекуваат патописи. Преку овој литературен жанр непознатото станува познато,  на тој начин доближувајќи ги не само другите земји туку и  континентите. На пример, познавањето на источниот континент се зголемило благодарение на описите на Марко Поло со кои тој се здобива за време на својот престој во монголскиот двор на Кублај Кан во Кина. 

„…По дефиниција книжевноста на патувањето се стреми да ги преминува границите. Токму во тоа се состои нејзиниот основен карактер: да ја преминува границата за да види што има на другата страна, да ѝ се спротивстави внатрешноста на надворешноста, ова овде на она таму, да го прераскаже судирот меѓу нив преведувајќи ја во текст и интерпретирајќи ја средбата со другиот…“ (Њиши, 2006:158)

Во 16 и во 17 век многубројни биле димпломатските патувања за чија цел често се пишувале патописи, кои поради тоа во раниот период биле врзувани со политиката. Исто така, многубројни се примерите авторот да е истовремено и филозоф и писател. Тој во своето пишување ја користел формата на  есејот, со кој патописот остварил една значајна врска, која е особено  нагласена од модернистите кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Но од посебно значење биле патувањата што биле во мода меѓу младите образовани Европејци во сè уште сочуваните градови од антиката. Нив ги има  во 18 век, а за своја дестинација најчесто ја бираат Италија. Да ги наведеме примерите на младиот Гете и на Стендал, чии патувања низ ренесансните и низ античките градови ги инспирирало да напишат впечатливи патописи. Тие патувања се поврзани со интензивните истражувања на археолошките наоѓалишта.

Друг вид патописи, кои биле најприсутни во 18 век, се научните патувања преку кои се запознаваме со природата, климата, населението, општествениот поредок. Човекот тежнее кон набљудување на општествените, како и на географските факти, и преку нив подлабоко  го осознава светот.  Некои од тие автори, како Монтеские во своите „Персиски писма“ или Волтер во „Кандид“, под превезот на егзотичното ги кажуваат своите ставови и мислења за државното уредување во сопствената земја.

Значи, според претходно кажаното, можеме да заклучиме дека низ историјата патописот, како книжевен жанр,  доживува забележителни промени  во формата, но и во самата суштина. Но до значајна преобразба на патописот доаѓа токму за време на романтизмот, а таа се забележува пред сѐ во авторот (јунакот) на патoписот, кој сѐ повеќе наликува на херој на новото време. Тој на субјективен начин ги опишува искуствата што ги доживува додека љубопитно го истражува непознатото. Главен интерес не се повеќе географските и научните факти, се јавува еден силен афинитет кон природата. Се присвојува  лиризмот преку кој авторот ги изнесува своите интимни чувства. Најдобар пример за тоа е „ Странствувањето на Чајлд Харолд“ од Џ. Г. Бајрон.

Ние  ќе се задржиме токму на епохата на романтизмот, односно на почетокот на 19 век, време кога една од неговите преставнички, француската писателка Жорж Санд, го остварува своето зимско патување на  шпанскиот остров Мајорка, што е меѓу другото главна тема за обработка во овој есеј.

Жорж Санд
(1804-1876)

Жорж Санд е француска писателка, која се смета за најистакната женска фигура на романтизмот, не само поради своите книжевни дела туку и поради начинот на живот што го водела , невообичаен за жена од 19 век.

472px-George_Sand_en_Madeleine_par_Louis_BoulangerНејзиното вистинско име е Амандин Аурора Дипен. Родена е во Париз, но младоста главно ја поминува во провинциското гратче Ноан, на имотот на баба си, каде што остварува блиско доживување на руралната средина и на природата, теми што подоцна ќе бидат присутни во повеќе нејзини дела, меѓу кои се познати романите  „Лелиа“ (1833), „Малечката Фадета“ (1849) и др. Таа уште на само 18 години се зема со Барон Касимир Дудеван, десет години постар од неа, со кого има две деца. Незадоволна од бракот, наскоро се разведува и заминува за Париз, каде што започнува со својата писателска дејност присвојувајќи го псевдонимот Жорж Санд. Наскоро станува препознатлива во уметничките кругови по својот неконвенционален начин на однесување и на облекување. Како еден вид протест против ограничувањата што тогашното општество ѝ ги наметнувало на жената наспроти слободата на мажот, таа почнува да носи машка облека, панталони, кошула и палто, како и да пуши цигари во јавност, нешто што било незамисливо за  жена што припаѓала на тоа време. Оваа критика кон нерамноправниот третман на жената во однос на мажот е присутна и во нејзиниот роман „Индијана“ (1832). Таа, освен по своето невообичаено однесување, била позната и по многуте пријателства и афери што ги имала со познатите уметници како Жил Сандо, Алфред де Мисе, Проспер Мериме, Луи Блан, Фелисиан Малфиj,  додека пак  најпозната е нејзината љубовна врска со полскиот композитор Фредерик Шопен, чие заедничко патување на островот Мајорка го опишува во книгата „Зима во Мајорка“, патопис што ќе биде тема на есејот.

 Портрет на Жорж Санд и Фредерик Шопен од Ежен Делакроа 1838 г. 

Зима во Мајорка

Како што споменавме пред малку, една од најпознатите љубовни врски во уметничкиот свет е онаа помеѓу Жорж Санд и Фредерик Шопен. Освен фактот што станува збор за двајца славни припадници на романтизмот, оваа врска продолжува да привлекува внимание до денешен ден пред сѐ поради нивните контрадикторни природи. Односно, според претходно кажаното, може да заклучиме дека Санд била отворена и либерална жена, храбра во изнесувањето на своите ставови, колку и да биле несвојствени за тоа време, додека пак Шопен бил позатворен, нежен и кревок човек, што се должи најмногу на неговото слабо здравје, кое е меѓу другото и главната причина поради која се решааваат зимата помеѓу 1838 и 1839 година да ја поминат во Мајорка, надевајќи се дека топлата медитеранска клима ќе има поволно влијание врз него. Шопен и Санд, заедно со двете деца од претходниот брак на Санд, синот Морис и ќерката Соланж, заминуваат за шпанскиот остров, а импресиите и доживувањата стекнати за време на престојот Санд ги опишува во делото „Зима во Мајорка“.

Читајќи го патописот, добиваме слика за една Мајорка  поинаква не само од нашите очекувања, туку и од тие на самата писателка. Имено, за да ги избегнат градскиот метеж и студената зима во Париз, Шопен и Санд, како вистински романтичари, доаѓаат со желба да го истражат овој егзотичен остров и да ги откријат нескротливите природни убавини што тука се кријат, да уживаат во топлата клима и во живописните пејзажи, во остатоците од арапската окупација од средновековното владеење на Арагонците и да го запознаат народот за кој слушнале од своите шпански пријатели дека е љубезен и гостопримлив.

Палма де Мајорка и пристаништето  во 19 век од Х.Б. Лауренс, 1839 г.

2411990Заминуваат за Барселона, од каде што, задоволни од климата и од градот, тргнуваат за Мајорка со брод на кој поминуваат една пријатна ноќ слушајќи ја музиката на кормиларот. Но со пристигнувањето во Палма де Мајорка, во ноември 1838 година, сфаќаат дека голем дел од нивните очекувања не се исполнети и токму тука почнуваат нивните непријатности. Поради немањето гостилница или хотел во градот, не можат да најдат пристојно место во кое би престојувале. И, кога конечно го наоѓаат во една селска вила во населбата Естаблиментс, доаѓа до промена на климата, го нема повеќе пријатното и сончево време,  преовладува дождот проследен со влажен воздух и со силни ветрови, клима типична за зимскиот период во овие медитерантски краеви, која ќе нанесе тежок удар врз здравјето на болешливиот Шопен. За негово подобрување не придонесуваат ниту лекарите, чија некомпетентност е евидентна во нивните дијагнози, според кои за бронхитисот од кој боледува Шопен нема лек, тврдејќи дека блиската смрт е неизбежна.  А од голема помош  не се ниту аптеките, чија неснабденост може да се забележи во малиот број достапни лекови. Што се однесува на локалното население, тоа е убедено дека Шопен е заболен од туберкулоза, па сопственикот на вилата, плашејќи се за сопственото здравје и за здравјето на своето семејство, ги тера да заминат. Тие тоа не го примаат многу тешко со оглед на тоа што студенилото навлезено во вилата поради тенките ѕидови  не им годи ни најмалку. Се селат во ќелиите на стариот манастир на Валдемоса, изграден во почетокот на 14 век. Местото им го отстапува шпански политички бегалец, кој со својата жена, планирајќи да избега од земјата, им го остава ова доброопремено засолниште за скромна сума пари.

Манастирот во Валдемоса

Откако конечно ќе го добие пијаното нарачано од Франција, Шопен, инспириран од возвишената и мистериозна атмосфера што владее во манастирот, создава голем број композиции во кои може да се забележат меланхолија и  вознемиреност предизвикани од болеста на композиторот, која се влошува како резултат на немирното и дождливо време, но во тие композиции се присутни и моменти на внатрешна смиреност. Некои од неговите дела компонирани во Мајорка се: Балада бр. 2 – Оп. 38 во Еф-ур, Скерцо бр. 3 – Оп. 39 во цис-мол,  две полонези Оп. 40, како и прелудиумите, меѓу кои најпознат е Прелудиумот бр. 15 – Оп. 28 во Дес-дур, подобро познат како „Дождовни капки“. Само слушајќи ги овие композиции, веднаш можеме да си претставиме во каква психичка состојба се наоѓал Шопен. Санд пишува:

„…Тука тој ги компонираше своите најубави кратки страници, на кои скромно им го даде името прелудиуми. Тоа се ремек-дела. Некои од нив потсетуваат на привиденија на мртви монаси и на погребни песни и тие привиденија и тие погребни песни него го опседнуваа; другите прелудиуми се тажни и убави; инспирацијата за нив му доаѓаше во моментите кога сјаеше сонцето, кога беше здрав, кога ги ослушнуваше бучната детска смеа под прозорецот, оддалечениот звук на гитарата и пеењето на птиците под мокрите лисја или кога ќе ги здогледаше малите бледи рози, расцветани на снегот…“ (Санд, 1963:255)

 

Ова е уште еден пример како под тешки животни услови може да се создаде врвно уметничко дело, дури и потврда дека осаменоста и болеста може да бидат многу инспиративни во креативниот процес.

Пијаното на кое свирел Шопен во манастирот

ChopinSandDelacroixВо овој манастир остануваат до крајот на својот тримесечен  престој, а во март заминуваат со брод за Барселона. Но не остануваат поштедени од непријатности ниту за време на ова враќање, кое го поминуваат во придружба на свињи и во слушање на звукот на нивното постојано грокање. Ова патување е особено напорно за изнемоштениот Шопен, кој е принуден да го помине, наместо во најдобриот,  во најлошиот кревет, со оглед на тоа што капетанот, верувајќи дека секоја болест е заразна, се има решено да го запали.

Според претходно раскажаните искуства што ги имаат доживеано двајцата уметници на островот, не ни изненадува силната огорченост со која Санд во својот патопис пишува за Мајорка и за нејзиниот народ, но токму поради тоа и е евидентна субјективноста со која таа ги изнесува своите мислења. Односно, тие пристигнуваат на шпанскиот остров полни со очекувања и се непријатно изненадени од заостанатата средина  што ја затекнуваат. Санд пишува:

„…Никој на светов не е толку жален и тажен како овој сирот селанец, кој само знае да се моли, пее и работи и кој никогаш не размислува. Неговата молитва е апсурдна формула, која неговиот дух е неспособен да ја разоткрие; неговата физичка работа е дејност, која тој е неспособен да ја подобри со каков било интелектуален напор; и неговата песна е израз на таа мрачна меланхолија, која несвесно го надвладува, оставајќи го целосно несвесен за нејзината трогателна поезија. Да не беше таа суета, која повремено го разбудуваше од неговата вкочанетост и го праќаше надвор да игра, неговите празници ќе беа целосно посветени на спиење…“ (Санд, 2004: 25,26)

 

Ова е една строга критика, која во голем дел се должи на нејзиното недоволно познавање на шпанската историја. Односно, малку време е поминато од Шпанската војна за независност против Наполеон (1808-1814), а меѓу другото 19 век во Шпанија е период на граѓански војни, кои ја оставаат Мајорка во целосна изолираност, резултирајќи со слаб развој на економијата и на индустријата. Па, оттука не е ни чудно што токму во тоа време, на остров изолиран од другиот дел од Шпанија, голем бил бројот на необразованите луѓе полни суеверија, недоверливост и алчност.

Како што претходно споменавме, сликата за Мајорка опишана во патописот на Санд не ги исполнува ниту нашите очекувања бидејќи, гледано од денешна перспектива, изненадувачки е како еден толку изолиран и заостанат остров станал интернационално познато место сметано за една од најбараните туристички дестинации во светот. Но, од друга страна, интересно е да се забележи дека сè уште се присутни извесни сличности во однос на менталитетот, со оглед на тоа што тој натешко се менува, па така остануваат претпазливоста и резервираноста, кои меѓу другото се карактеристики својствени за островјаните.

Заклучок

Патописот на Жорж Санд насловен „Зима во Мајорка“ е сведоштво за животот, за културата и за традициите на жителите на шпанскиот остров Мајорка во првата половина на 19 век, во епохата на романтизмот, чии карактеристики се присутни во романот, како субјективноста на авторот (која ни овозможува делото да го читаме како еден вид дневник), воодушевувачките описи на природата, големиот интерес за средниот век…

Санд на ова патување заминува со Шопен, а нивната љубовна врска за време на престојот во Мајорка се претвора во врска помеѓу негувателка и пациент. Тој поради влажната и ветровита клима на остовот се разболува, а како резултат на тоа времето го минува полн чувства на депримираност и на изнемоштеност, додека пак на Санд ѝ припаѓа задачата да се грижи за него. За нејзиното сѐ позасилено чувство на разочарување придонесува и грубиот начин на кој е третиран нејзиниот сакан од страна на простите и необразовани жители на островот, кои полни суеверија, поради неговата болест, го осудуваат како непријател. Па, според тоа, може на некој начин да ги оправдаме големото незадоволство и субјективноста со која Санд пишува за овој остров и народ, кој таа го споредува со мајмуни:

„…На Мајорка ѝ го дадовме прекарот Островот на мајмуните, бидејќи, опколени од овие итри, крадливи, а сепак невини суштества, се навикнавме да се заштитуваме себеси од нив и не почувствувавме повеќе омраза и презир отколку што Индијците чувствуваат кон шимпанзата или палавите, срамежливи орангутани…“ (Санд, 2004:183)

Контраст на ова силно разочарување и потсмев присутни во описите на народот на Мајорка се чувствата на воодушевување со кои Санд пишува за природата на островот, за живописните пејзажи, кои со својата разновидност, наспроти монотоната градска средина, се вистинска инспирација за уметникот. Прекрасните описи на разнобојната природа, меѓу другото карактеристика на романтизмот, се присутни низ целиот роман, а читателот не го оставаат рамнодушен:

„…Во Мајорка конечно бев во можност да го видам морето од моите соништа, транспарентно и сино како небото, сафирна рамнина внимателно изорана во нежно брановити бразди, кои, ако гледаш надолу од одредена височина, изгледаат неподвижни и врамени од темнозелени шуми. Со секој изоден чекор на планината ни се нудеше нова глетка, секоја повеличенствена од претходната…“ (Санд, 2004:189)

Иако овој патопис не се смета за едно од нејзините познати и значајни дела, во голем дел поради малата веродостојност на нејзиното пишување, како резултат на недостигот на објективност, „Зима во Мајорка“, како романтичарско дело, ни открива барем еден краток период од животот и од љубовната врска помеѓу Санд и Шопен. И покрај тоа што ова патување во Мајорка не им донело особено среќно и позитивно искуство, останува фактот дека престојот на островот преставува продуктивен период за двајцата уметници, кои инспирирани од  дождот, од разбранетото море и од живописните пејзажи создаваат голем број значајни уметнички дела, слушани и читани и до денешен ден.

Користена литература:

 

 Sand, George, „A Winter in Majorca“, „Edicions Cort“: Palma, Illes Balears, 2004

 Sand, George, „Povijest moga života“, „Zora“: Zagreb, 1963

 Džakula, Branko, „Francuska književnost 2“, „Nolit“: Beograd, 1978

  Њиши, Армандо, „Компаративна книжевност“, „ДККМ & Магор“: Скопје, 2006

Напишано од
More from РЕПЕР
Од другата страна на христијанството
Никој не може да им служи на двајца господари: или едниот ќе...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *