Јазикот ни „експлодирува“ од вакви глаголи

На еден од нашите портали прочитавме дека „Перо Антиќ повторно експлодирува, и тоа на американскиот паркет“.

На еден од нашите портали прочитавме дека „Перо Антиќ повторно експлодирува, и тоа на американскиот паркет“. Вниманието, секако, ни го привлече формата на глаголот „експлодирува“, во која може да се забележи комбинација на две дублетни наставки: -(из)ира и –ува.

Познато е дека во македонскиот јазик, напоредно со наставката –ува, се употребува и наставката –(из)ира, која е од туѓо потекло. Во последно време, на оваа наставка дури и ѝ се дава предност, пред сè поради фактот што во некои случаи таа не може да се замени со наставката –ува.

Глаголите образувани со наставката –(из)ира во нашиот јазик се специфични поради повеќе свои карактеристики, а најмногу поради акцентирањето на вториот слог од крајот на зборот и поради двовидската припадност. Со нив се занимавале повеќе автори, како на пример Лилјана Минова-Ѓуркова: „Нив ги изделуваме затоа што, покрај туѓата основа, тие имаат и некои други заеднички особености. Во морфолошки поглед тие се одликуваат со својата посебна наставка ира, односно изира; исто така се одликуваат и со својот акцент, со кој не се прилагодени кон македонскиот акцентен систем (акцентот кај нив по правило паѓа на вториот слог од крајот), и на крајот, пројавуваат особености и во поглед на видот (најголем број од нив се јавуваат во двата вида)“ (Минова-Ѓуркова, 1966: 117). Нејзиниот став во врска со замената на наставката –(из)ира со наставката –ува е следниот: „Тенденцијата кон замена на оваа наставка со соодветната македонска наставка, иако се пројави уште во првите години на нашиот литературен јазик, не дојде до некој позабележлив израз. Таа се ограничи главно на еден определен број глаголи“ (Минова-Ѓуркова, 1966: 119-120).

Благоја Корубин, пак, забележува: „Во резултат на тие тенденции некои од овие глаголи се јавуваат и во, така да кажеме, помакедончена форма, која се состои во тоа што на местото на позајмената наставка се јавува македонската наставка -ува“ (Корубин, 1976: 211).

Таа помакедончена форма за која зборува Корубин ја согледуваме и во однос на акцентот – глаголите со –ува се акцентираат на третиот слог одзади, што и е во духот на македонскиот јазик, додека, пак, глаголите со наставката –ира редовно се акцентираат на вториот слог одзади (на пр. б’одува / бод’ира; ј’отува / јот’ира; компл’икува / комплиц’ира; модиф’икува / модифиц’ира).

Затоа, нормата денес препорачува да ѝ се даде предност на наставката –ува, барем во оние примери каде што е тоа можно, од причина што е од домашно потекло. Велиме барем во оние примери каде што е тоа можно бидејќи, бездруго, постојат многу глаголи кај кои наставката –(из)ира никако не може да се замени со наставката –ува (на пр. варира, дипломира, експлодира, импресионира, организира, потенцира, рекламира, телефонира и др.). Тука треба да се спомене и глаголот интересува (се) – иако е овој глагол прифатен од стандардот, сè уште е повообичаена и поприродна употребата на интересира.

Сепак, без оглед на тоа на која од овие две наставки ќе ѝ дадеме предност, никако не може да се прифати нивното комбинирање: експлодирува, окарактеризирува, расформирува. Имајќи предвид дека наведените глаголи тешко може да си ги замислиме со наставката –ува (иако не е невозможно: окарактерува, расформува), останува барем да се задржиме на наставката –(из)ира: експлодира, окарактеризира, расформира и сл.

Ги очекуваме вашите јазични препораки и коментари на: mak.katce@gmail.com.

Литература:

Корубин, Б. 1976: Јазикот наш денешен (кн. 2). Скопје: Сојуз на друштвата за македонски јазик и литература на СРМ.

Минова-Ѓуркова, Л. 1966: „Некои карактеристики на глаголите на -(из)ира во македонскиот литературен јазик“. Македонски јазик бр. 17, 117-126.

Минова-Ѓуркова Л. 2000: Синтакса на македонскиот стандарден јазик. Скопје: „Магор“.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Болвјите пазари во европските метрополи
За болвјите пазари во убавата литература, уметноста, филмот, музиката...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *