За домашните „корпоративни“ автори што ни ја нудат полемиката како производ на сопствената домашна трудољубивост, а плодноста на нивниот привиден конфликт се споредува со естетскиот дофат на рекламниот текст
Дел од интелектуалната атмосфера на крајот на секој век, а во нашиот случај и на почетокот на милениумот, е т.н. „ендизам“, поим што Стјуарт Сим го дефинира како широко растојание на гледиштата чие заедничко обележје е прогласувањето крај на нешто – на историјата, на хуманизмот, на идеологијата, на современоста, на филозофијата, на авторот, на човекот, на светот. Потребата од прогласување крај на историјата Бодријар ја има доведено во врска со нарцисоидната идеја за декадентноста на Западот – Западот отсекогаш уживал во замислување на сопствената смрт. Поривот за „катастрофирање“, смета Славој Жижек, им бил омилената ментална вежба на интелектуалците од дваесеттиот век. Во искушение и самиот да понуди радикално читање на тој синдром, кинеската клетва Да даде Господ да живееме во интересни времиња!, Жижек ја преформулира во извикот Добре дојдовте во интересните времиња!, заклучувајќи дека се приближуваме кон нова доба на историски интересни времиња, односно на период на немири, на војни и на борби за власт, во кои страдаат милиони невини. Жижек нè потсетува дека живееме во време на трајна економска криза, која стана начин на живот и која со тоа покажува дека глобалниот капиталистички состав се приближува кон апокалиптичната нулта точка, а примерите на реакциите, т.е. начините на кои нашата општествена свест се обидува да се носи со надоаѓачката апокалипса, ги издвојува и ги анализира преку шемата на пет степени на жалење (одрекување, бес, ценкање, депресија, прифаќање), која ја предложила Елизабет Киблер-Рос, психолог. Размислувајќи за Фројдовиот поим „неудобности во културата“ (Unbehagen in der Kultur), Жижек се запрашува кој ќе ја артикулира и ќе ја искористи очигледната неудобност во либералниот капитализам. Со таа неудобност, и во ова се раѓа пристапот на анализа на реториката, кој го негуваат современите писатели во своите публицистички и книжевни текстови, особено имајќи ја предвид улогата на интелектуалците во сите претходни „интересни времиња“.
Малите тајни на мајсторите на големите корпорации
Во врска со тоа, поаѓам од неодамнешниот обид за одредување на насоките на развој на културата/книжевноста во согласност со барањата на „пазарот“ во Хрватска. Имено, истата година кога беше објавена Жижековата книга Да се живее на крајот на времето (2012), во домашната јавност се одвиваше полемика помеѓу новинарот и писател Анте Томиќ и Јурица Павичиќ, во која тие заземаа спротивни позиции, главно претставени како елитистичка наспроти популистичка. Предизвикувајќи здрава доза пазарна неизвесност во културата, залагајќи се за компромисна, лесночитлива, забавна и пазарно успешна литература, па барајќи книжевниците да им ја поделат судбината на даночните обврзници за чии пари живеат и творат, во своите новинарски текстови Анте Томиќ ја претстави програмата што горе-долу му оди во корист на „даночниот обврзник“ (а тоа е неолибералниот „мал човек“), мобилизирајќи ги во име на книжевноста сите непријатели на книжевноста. Меѓутоа, како навистина во книжевниот текст функционира таа програма, чија цел е да ги смири „пазарната вредност на уметноста“ и интересите на „даночниот обврзник“, може да се види преку примерот на романот-реклама Вегета блуз (2009) на Томиќ, првиот хрватски роман што е напишан по нарачка на некоја корпорација, во овој случај Подравка. На прв поглед станува збор за роман за растење, во кој ги следиме семејните проблеми на едно дванаесетгодишно девојче од Загреб на летните распусти кај бабата и дедото. Приказната е цврсто укотвена во конкретната историја во 1975 година, кога во кината се прикажува Капетанот Микула Мали; Јосип Броз Тито на Брдо кај Крањ го прима уредникот на Le Monde и му дава изјава во која го поздравува крајот на Виетнамската војна; во Мексико се одвива Светската конференција на жените, на која учествуваат Индира Ганди, Изабела Перон и Сиримаво Бандаранаике; а на Европското првенство во кошарка во Белград репрезентацијата на СССР губи од репрезентацијата на Југославија. Меѓутоа, оваа нападна временска рамка функционира исклучиво како подлога на низата рекламни огласи, затоа што историските околности се истакнати само за да ја поддржат автентичноста на рекламната презентација. Ни конференцијата на неврзаните ни крајот на Виетнамската војна во овој текст не би имале никакво значење ако во 1975 година ќебапите не се јаделе со ајварот од Подравка, тестенините – со конзерва од говедскиот гулаш од Подравка, а чајот не се пиел од шолјата со црвени срца на Подравка. Според законите на рекламниот жанр, се развиваат и покомплексни досетки за публицитет – дедото е борец за женските права, кој во име на рамноправноста на жените се залага за подгревање конзерви и за супа во вреќичка и се противи на готвењето домашна храна, кое жената ја врзува за куќата, а со коцка инстант телешка супа ја објаснува теоријата за големата експлозија; вселената, имено, настанала од една точка со неизмерна густина, каква што е супата во коцка од Подравка. Тука е и дементната баба, која во Оливер Млакар, додека тој ја води емисијата Малите тајни на големите мајстори од кујната, го препознава изгубениот брат Мирко, а при крајот на романот таткото на главниот лик во Москва е уапсен од КГБ поради шверц, додека со келнерот Серјож разменува вреќичка вегета за килограм касписки кавијар и за литар грузиски коњак. Ова се наративните целини, заокружени како во рекламен спот, но и функционално вклопени во главната фабулна линија на романот, кој припаѓа на некој (нов) рабно книжевен, хибриден жанр, бидејќи е структуиран и како книжевен и како рекламен текст.
Основното расположение на носталгија за минатите времиња (односно блуз) е пренасочено во носталгија за производите на прехранбената индустрија (затоа Вегета блуз), па романот не е само реклама туку и идеолошки заговор на консумеризмот. Уметничката порака на жанрот роман-реклама ја заменува рекламната порака: Ако копнеете за некои минати времиња кога вашиот свет бил млад, купете го производот од тоа време што опстанал на пазарот до денес; опстојувањето на пазарот е гарант дури и за квалитетот на вашите сеќавања. Покрај тоа што овде книгата се третира како производ, истиот тој производ како книга на пазарот се појави најпрвин како реклама, а потоа како книжевен текст, со друг наслов, Полноглавци (2011). Значи, истиот производ се продаваше во две различни пакувања, со различни декларации, еднаш спакуван како книжевен, а другиот пат како рекламен текст. Способниот човек Томиќ најпрвин ни продаде рог за свеќа, а откако го прогласи рогот за свеќа, ја продаде и свеќата, која и натаму остана рог. Во тој контекст треба да се чита и пораката на Томиќ за книжевниците – Ако не можете да живеете од книжевноста, веројатно е време да ја промените професијата (Слободна Далмација, 20 април 2012).
Менаџер на својата судбина
Меѓутоа, таквиот совет тој не им го упатува само на своите колеги; сите би требало да си ја промениме професијата затоа што Томиќ хаотична состојба во општеството системски ја толкува со тоа дека се сите на погрешното место, а на тоа погрешно место уште се и преплатени. Во друга колумна читаме: Селаните по навика ораат, сеат и жнеат пченица, не размислувајќи дали таа некому му треба и сметајќи на државниот откуп за цената што сами ќе ја одредат (Слободна Далмација, 20 август 2013). За трговците на пазарите и за пешкариите што се спротивставуваат на воведувањето фискална каса: Многу се оние што заработуваат многу повеќе од онаа мизерија што ја пријавуваат. Битангите се лигават дека им гладуваат децата, а кусур ви враќаат од сноп пари подебел од Речникот на Клаиќ (Слободна Далмација, 2 јули 2013). Уште повеќе, тој ги поздравува проблемите со фискализацијата со следните зборови: Кога некоја баба улизувајќи ви се ќе ви зацимоли: „Ајде, мило мое, земи…“, знаете дека расипаната вештерка сака да ве ограби, а не можете да ѝ одолеете (Слободна Далмација, 2 јули 2013). Во својот последен текст им се обраќа на комуналците, односно на луѓето што ја одржуваат градската чистота, со страсна омраза. Комуналците за Томиќ се паразити што ги немаат прочитано ниту Шено ниту Цесариќ, насобрале во текот на школувањето по десет илјади неоправдани часови, а сега добиваат исто толку во куни и ужинаат јастози и фазани (Слободна Далмација, 8 октомври 2013). Зајадливите текстови на овој министер за народно просветување и пропаганда се насочени, значи, против: писателите, бабата на пазарот, комуналците, пензионерите, вработените во јавните претпријатија, во стопанството, во високото образование… Процената на Томиќ е дека се тоа неморални и мрзливи расипници што не го заслужуваат ниту она што го имаат, а камоли пак она што го посакуваат. Од друга страна, се чини дека самопроцената на Анте Томиќ е на трагата на Маовото тврдење: Под небесата е голем неред, значи ситуацијата е извонредна. Воедно, овој мисловен состав е дел од реакциите што Жижек ги нарекува „одрекување во либералната утопија“. Накратко, тоа е реакција на злото и на неуспехот што им се случуваат на другите, а не ми се случуваат мене поради тоа што јас сум исклучителна личност. Во таквата аргументација, сиромаштијата станува речиси прашање на слобода на изборот, а бидејќи приватната сопственост и разликата во богатството се природни, грев е да се бара егалитаризам. Освен тоа, цинизмот на Томиќ совршено се вклопува во Жижековото тврдење дека денес владејачката идеологија не е ни смислена за да биде сфатена сериозно или буквално. Томиќ, имено, најчесто не сака да стои зад своите ставови, тој всушност се оградува од себе. Вообичаена стратегија на бегање од одговорноста е релативизирањето на сопствената позиција, а притоа формулите на лажната скромност се само маска на безобразната суета: (…) но кога ќе видам комуналец, веднаш ме обзема детскиот копнеж да го оставам својот живот, да ја напуштам кариерата на новинар од трето одделение и на уште полош писател, без каење да го фрлам лаптопот во торба преку рамена и да се затрчам. Пишувајќи за „тајните на успехот на неолиберализмот“, Жарко Паиќ истакнува: За да може ефективно да се владее со светите потреби и со спротивставените интереси, сè мора да се конструира како жед и како желба на слободниот поединец да биде самиот темел на сопствената одговорност и менаџер на сопствената судбина (Постхумана состојба, 2011:156). Навистина, во неолибералната идеологија непоткупливоста на уметничкиот морал е само неспособност за опстанок на пазарот. Успешна литература на пазарот е онаа што сама бара спонзори и што не зависи од субвенции, а успешен книжевник не е оној што пишува за одбрана читателска публика, туку оној што ги ослободува даночните обврзници – забавувајќи ги или самофинансирајќи се.
Залуден е бродот кога е појако брдото
Да погледнеме како концептот на „елитна книжевност“, за кој се залагаше Павичиќ во полемиката, се манифестира во неговите книжевни текстови. Неговиот расказ Брод во дворот е парадигматски пример за таа „елитна“ програма. Приказната се отвора со цитат од Фридрих Рикерт (1788-1866), еден од втемелувачите на германската ориенталистика, преземен од баладата Кидхер, неговата варијанта на „вечниот Евреин“, скитникот Ахасвер, во која се предизвикува страв од повлекувањето на цивилизацијата пред наездата на елементите од руралната култура – Но по петстотини лета стигнав на истото место од светот / Тука веќе немаше трага од градот; / туку стоката брстеше прачки, / дудукот пастиров му свиреше на стадото; / запрашав: Каде сте ги вденале куќите? Во средината на расказот на Павичиќ се гастрономски супериорните „јунаци“, кои јадат само зрнеста храна, лутеница, тиквички и грашок, грав со блитва, аспарагус со цикорија. Кулинарските пуристи очигледно припаѓаат на културата на маслиновото масло во исчезнување, зашто на крајот на расказот на местото на таа цивилизација затекнуваме непозната жена, доселеничка, во домашен фустан полн со дамки, чие дете е вошливо и црномурно како Бразилец. Значи, во дворот во кој некој градел брод што никогаш не запловил, се случил судир на цивилизациите и сега тука е Рикертовиот „дудук пастиров“, додека бродот пропаѓа заедно со поморските врски и со прехранбените навики што не оставаат мрсни дамки. Во тој книжевен текст, како и во неговите публицистички трудови, се изразува постојаниот страв од наездата на Другите, „селаните од брдото“ (rolling stones), која Сплит ќе го претвори во Балкан. Во една од своите колумни тој се жали – Почнувајќи од цементните куќи од кои стрчи арматурата, па до музиката што се слуша и до политиката за која гласаат, Сплит е денес најчистиот Балкан, несомнено најбалканскиот дел на Хрватска (Слободна Далмација, 3 април 2013).
Инвазија на камењата што се тркалаат (rolling stones) на пасташутата
Меѓутоа, нешто порано, во написот Кој уште не ги сака камењата што се тркалаат? (Утрински лист, 8 септември 2007), по повод изложбата во дворецот на Кловиќ, Далматинска Загора – непозната земја, сакајќи да се огради од раширените предрасуди за Влаите[1], Јурица Павичиќ само потврдува дека ни со најсилната желба не може да побегне од есенцијализирањето, ниту пак да го тргне сопствениот поглед од високо, кој субверзивно му намигнува под секоја наизглед афирмативна теза за „Влашко“. Со оглед на тоа што Павичиќ кон кујната го негува ставот на „јужен нацист“ (да се потсетиме на Џери Синфелд), во тој текст повторно се потпрел на храната за да го илустрира светот на непомирливите културолошки спротивности. Тој раскажува како во шеесеттите и во седумдесеттите години, додека растел на сплитскиот асфалт, за него и за многу од нас што имавме приморско потекло „кошер“, Далматинската Загора беше своевидно тајно неместо. Тие години, тврди тој, далматинскиот „терор на мали разлики“ се откривал преку непцата, кога кај соседите од Каштеланска Загора понекогаш јадел „манистра на суво“, а притоа мирисот и вкусот на тоа јадење биле различни во споредба со јадењето што се приготвувало во неговата, „бодулско-веровалошка“ куќа: Наместо мирисот на каранфилче, на мускат и на колонијални треви, сосот на нашите соседи мирисаше на богата маст, на селен и на лавор. Така, преку непцата, додека бев во основно училиште, ги откривав ситните цивилизациски инваријанти што ги крие едно толку едноставно јадење на разлика од само десетина километри. Тоа беше мојата прва Загора, топла и зготвена. Во текстот што цело време најавува, само за потребите на деконструирањето на стереотипите за „секогаш виновните Влаи“, искажување некакво признание на Загора, Павичиќ воспоставува нови хетеростереотипи, и тоа на начин на излегување накрај со пасташутата. Освен што храната и лексиката за храната секогаш се јавуваат како важни параметри за утврдување на идентитетот во колонијалната фантазија, во текстот на Павичиќ тие идентитети се претставени како фиксни категории, па иако не тврди дека „сите Влаи се исти“, тој навистина тврди дека сите Влаи јадат иста пасташута и дека тоа најверојатно отсекогаш е така – можеме да си замислиме дека и денес јадат како во шеесеттите, без „колонијалните зачини“, за разлика од Далматинците „кошер“. Сето тоа е разбирливо; да се потсетиме дека ниту Петко на Робинсон Крусо никогаш не ја прифати солта, иако престана да јаде луѓе. Има нешто тврдокорно влашко во тој Петко на Дефо, исто како што има нешто колонијално во атмосферата од увозот и нешто возгордеано во дискурсот што неавтентично, а форсирајќи изворност, стрчи во тој Сплит на Павичиќ. Во својата книга Балкан: од географија до фантазија (2013), Катарина Лукетиќ погрешно забележува дека е Јурица Павичиќ инаку сензибилизиран за темите на Балканот и на балканизмот (…) во желбата да ги разобличи негативните предрасуди за Загора, губи рамнотежа и наведува на претерана афирмација на една култура. Повеќе би се рекло дека тој, можеби со желба да ги разобличи негативните предрасуди за Загора, создава нови, кои ги надградуваат постоечките сакајќи да ги заменат како дотрајаните делови на бродот, а сè поради тоа што со неговата аргументација владее една форма на позитивна „идеолошка осаменост“ (Жижек). Обидувајќи се да го разобличи сплитскиот мит за „секогаш виновните Влаи“, тој не протестира против есенцијализирањето, туку само против ширењето и против погрешната употреба на поимот „Влаи“. Уште повеќе, самиот тој негува изразито есенцијализирачки дискурс, инсистирајќи на сликата на поделена Хрватска, на поделени градови, на сликата на спротивставени култури, а конфликтите што произлегуваат од тоа (како полемиката со Кулиш) се однесуваат само на утврдувањето каде да се повлече граница и како да се вреднува поделениот свет. На другата страна секогаш се некои отпадници, но многу важни затоа што без нив не би постоела ни кастата што го воспоставува таквиот светоглед.
Ако се вратиме на контекстот на составот реакции што ги предлага Жижек, а кој се движи од одрекување до прифаќање на либералната утопија, се чини дека елитистичката и популистичката концепција на корпоративните писатели се само привидно спротивставени позиции, а во реалноста на растојанието од пазарниот фундаментализам до анахроното малограѓанство на конзервативизмот им се искажува едно исто добредојде на Жижековите „интересни времиња“.
Овој напис во својата изворна форма е прочитан на 20 септември како соопштение на Десничарските средби 2013. Интегрално ќе биде испечатен во книгата Интелектуалецот денес. Зборник трудови од меѓународниот собир Десничарски средби 2013 кон средината на 2014 година.
Извор на написот: http://www.zarez.hr/
Превод од хрватски јазик: Кристина Велевска
[1] Терминот „Влаи“ е пејоративен и на далматинскиот брег се употребува за населението на Далматинска Загора. Називот потекнува од „Власи“. Со него обично се врзуваат негативни културни стереотипи, какви што се примитивноста и варваството, наспроти урбаната култура и цивилизација врзани за далматинските градови (заб. на прев.).