Избор хаику

Избор од најновите хаику песни на Владимир Мартиновски

Vladimir_Martinovski1

* * *

каква прегратка!
сто буки безлисни го
гушкаат небото.

* * *

наместо „старо
купувам!“ будење со
„деде се мачи!“

* * *

загледан накај
планината сркам од
планинскиот чај

* * *

колку е празно –
местото кај до вчера
стоеше елка!

* * *

балонот пукна!
низ ходникот се шири
ланскиот воздух

* * *

детска приредба…
најгласен аплауз за
згрешена песна

* * *

до штафелајот
бело платно чека ред
за распетие

* * *

снежна топка –
во центарот од знак за
забранет правец

* * *

без капа и шал
трчам да се потсетам
на вкусот на снегот

* * *

лае во це-мол –
во чест и спомен на еден
уличен свирач

* * *

пак станав дете…
пред кокиче баба ми
што го садела

* * *

трети ден веќе
пред кладилница чека
загрижен кокер

* * *

крчка канчето…
кесичката со чај во
чашата чека
(Според „Чаша чај“ од Блаже Конески)

* * *

снема струја…
за миг се сетивме дека
постојат ѕвезди

* * *

ги подзачисти:
и маглата и мислите –
зимскиот дождец

* * *

по бдеена ноќ
месечината дреме
врз антената

* * *

знам, еднаш ќе ме
прашаш: се сеќаваш на
зимата без снег?

* * *

Неделно утро:
дури и „Старо купујем“
киднал на Водно

* * *

отворија трето
шише… или тоа нив
ги подотвори?

* * *

во дрвата за
огрев стара лулашка…
огнот ќе лета?!

* * *

Планините се
острови врз море од
ситни измами
(на И.А.)

* * *

на терасата
низа лути пиперки и
насмеан дедо

* * *

Пелистер демне
врз бело езеро од
шеќерна волна

* * *

над океанот
од магла стрчи глава –
Солунска Глава!?

* * *

ги милува па
ги голта планините –
зимската магла

* * *

корка леб во снег
се изначека да слета
првиот врабец

* * *

капе од мразулци…
точно врз тезгата за
термо чорапи

* * *

паричка во леб…
се надева да ѝ се
падне човек

* * *

е ваков ли е
бескрајот? планини зад
планини? зад пла…

* * *

најтемната ноќ
на сред бел ден ја видов
сред шума густа

* * *

што ако лаже!?
трчаме к’о по леб кон
зимсконо сонце

* * *

две снегулки се
бркаат по стаклото…
сега се капка

* * *

се враќам гладен
маглата мириса на
печени костени

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Културата на слободата
Одличен есеј на нобеловецот Варгас Љоса во кој зборува за модернизацијата и...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *