Дизајнираше, коментираше, дипломираше…

За глаголите на -ира/-изира

tajmsПовод за изборот на темата за ова издание на „Тајмс Њу Маседониан“ беше насловот на една статија објавена неодамна на еден од нашите портали: „Туркиш ерлајнс“ дизајнираше сопствени авионски седишта. Освен во медиумите, ваквите примери често ги среќаваме и во секојдневната комуникација; така, ќе слушнеме: тој дипломираше вчера, или: тој многу чудно реагираше на неговите зборови.

За глаголите на –ира/-изира е напишано многу, пред сè затоа што се специфични по многу нешта. Имено, тие отстапуваат од правилата за акцентирање во македонскиот стандарден јазик и се акцентираат на вториот слог од крајот на зборот. Од морфолошка гледна точка, пак, овие глаголи се двовидски, односно се јавуваат и како свршени и како несвршени. Препораките во врска со нив, како што споменавме во некој од претходните броеви, е да се заменат со глаголите со наставката –ува, барем во оние случаи каде што е можно тоа.

Кога станува збор за нивната употреба во минато свршено време, најголем проблем се јавува кај формите во второ и во трето лице еднина, како што може да се забележи и од горенаведениот наслов. Формата дизајнираше, употребена во него, е форма за минатото несвршено време, а е употребена за искажување свршено дејство. Оттаму, насловот не би требало да гласи така, туку: „Туркиш ерлајнс“ дизајнира сопствени авионски седишта. Истото се однесува и на следниот пример: тој дипломира вчера; или, во второ лице: ти дипломира вчера.

Во некои случаи, пак, за да се одбегне поистоветувањето со сегашното време, се препорачува ваквите глаголи да се префиксираат. На пример, за да биде појасно дека станува збор за свршено дејство, подобро е да се каже: тој многу чудно изреагира на неговите зборови; исто и во второ лице еднина: ти многу чудно изреагира на неговите зборови.

Овде вреди да се спомене и погрешната употреба на формата зема наместо формата зеде. Всушност, формата на глаголот земе во минато определено свршено време за второ и за трето лице еднина е зеде, а не зема (која се употребува за искажување сегашни дејства: Марко еднаш неделно зема книга од библиотеката). Значи, наместо: Марко вчера ми ја зема книгата, правилно е да се каже: Марко вчера ми ја зеде книгата. Освен за второ и за трето лице еднина, правилото важи и за сите други лица; за изразување свршени дејства се употребуваат формите: зедов, зеде, зеде, зедовме, зедовте, зедоа; за изразување несвршени дејства се употребуваат формите: земав, земаше, земаше, земавме, земавте, земаа.

Вклучете се и вие во нашата рубрика, пишете ни на mak.katce@gmail.com.

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Чекори во соништата
Во креативниот свет на Ана Андроска.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *