Ко Ун, овогодинешниот добитник на „Златен Венец“ на Струшките вечери на поезијата е роден е во 1933 во градот Гунсан, во северната корејската провинција Чола, во време кога земјата е под окупација на Јапонија. Поетскиот опус на Ко Ун е огромен, тој напишал повеќе од било кој корејски поет. Издал 140 книги од кои 50 се книги поезија. Комплетното творештво објавено пред неколку години е собрано во 40 томови од суштинска вредност.
Без наслов
Еве една старомодна поема од оние што се пишуваа пред 1950,
најчесто насловени „Без наслов“.
Еден ден зедов камче од
плажа на Источното Море и го ставив в џеб
но скокна надвор со врисок.
Дури брзаше во далечината,
не испушти ниту звук.
Немав поим за силните емоции по кои копнеев.
На отвореното море има јата гулаби
спремни да колваат и голтаат лесни зборови.
Нова Година
Ова е најосаменото место во земјава на Нова Година.
Целата долга зима ја минав овде,
лишен од сѐ.
Има цела недела како бродовите прекинаа да пловат.
островот Чуџа се смалува сѐ повеќе,
дури тажните очи веќе не го гледаат.
Не превртувај ја чашата од која пиеш.
Кога ќе ги заминеш триесеттите,
можеш да се спријателиш со празната чаша.
Кажи ми, ветру: што да посакам за Нова Година на овој забатален остров?
После досадното, многу досадното читање
под светлото на газиената ламбичка,
бладам една пијана реченица
но само со самогласки не се слуша
дури до гробницата на вдовецот надвор.
Па, ветру: нека не живее никој овде, освен оние што овде ќе умрат.
Издржливоста е најдолгото патување.
Дури и бродовите да ги навјаса луњата,
Ќе испловам, иако немам капут.
Кажи ми уште еднаш, ветру: за што повеќе да се надевам на Нова Година?
Од утробата на пансионот, кашлици бегаат
едни по други, само тоа можам да го слушнам.
Еден ден ќе се вратат, престорени во локалниот дијалект.
Ах, новогодишни честитки, живи закопани од дивите вртлози на островот Чеџу.
Поетовото срце
Поетот се раѓа во процепот на злосторствата,
Пљачка, убиство, измама, или насилство,
Во некој зафрлен ќош на светот.
Најпрвин поетовите зборови ползат
Низ процепи, грубо пцуејќи со најгадните пцовки
Слушнати во најгнасните и најбедните градски гета,
И накратко доминираат врз општеството.
А потоа поетовото срце испушта еден единствен крик
Од сите денешни вистини што прокапуваат
низ процепите на злото и лагите,
И бива смртно претепано од други срца.
Поетовото срце е проколнато, верувај.
Возвишена пролет
Топлиот источен ветер дува,
земјата се топи.
Глетка што ги отвора
очите на слепите.
Децата се собираат
едни до други ко пиленца,
подземните инсекти
претаат неспокојно.
Само гледај!
Рибите кои излегуваат
од длабоките води
мразот го кршат
со грб!
Како ли може, жити сѐ
небото да е тивко?
Дивите гусаци
ги водат јатата
далеку кон реката Сунгари.
Сега во земјава
чуда се случуваат.
Доаѓа возвишена пролет!
Буда во карпата, западната планина
Жолтото Море не е океан, двор е,
двор со сите членови на фамилијата.
Никој не живее таму, но сепак
океанот создава бранови,
самиот, кои сериозно
го донесуваат и однесуваат,
денес исто како вчера.
Таков вид двор.
Рибите од длабините ми се предци.
Генерација по генерација,
предците ми излегувале
на површина, дури не ги смениле
животите и станале
луѓето на брегот.
Каде што е Буда изделкан
во карпата на брегот,
кон зајдисонцето,
целосно обвиен во сончевина,
бие издлабеното срце.
Буда во карпата на Западната Планина,
Јужната Чунгчонг Провинција,
кој ми е предок,
а не оној од западна Индија.
Сега е најблескавиот момент.
По зајдисонце, мижурка со очите,
зјапа во далечината,
среде океанот,
на еден остров ко точка
сега веќе во темнината која надоаѓа,
Буда бебе е издлабено во карпата.
Ова не е чедо на вечноста.
Денес звукот на јатото црвеноперки што минува
надвор, во тој океан.
Двата Буди ги начулуваат ушите
кон величественото патување,
бебето Буда само слуша,
и знае дека ајкулата се приближува
до јатата што заостануваат.
И во тој момент, од бебето Буда,
краток страден крик.
Бабички на пазар
На пазарот Ансонг, на секои пет дена,
група бабички доаѓаат да продаваат.
Изгледаат најневино
но кријат лукавство длабоко во нив.
Со лажлив изглед на искреност
се спремаат да мамат.
Низинскиот лук, не убедуваат,
бил ископан во ридиштата.
Кога ќе ја продадат скоро цела стока,
го нудат останатото попладнето,
и велат дека тоа било сефте.
И потоа малку покасно кога сѐ ќе се продаде,
кога веќе нема што да се стави на попуст,
ги прибираат остатоците од кај продавачот на големо
и ги продаваат како „распродажба“ за фајронт.
Неверојатно! Цел ден си дозволуваме
да бидеме насамарени од овие седум-осумдесет годишни бабишта.
И тогаш кога се враќав дома,
помислив хибискусот е кинеска роза.
Исто ко и тие, стариот хибискус
ме прелажа мене, будалата.
Стрели
Престорени во стрели
да одиме сите, со тело и душа!
Воздухот го прободуваме
да одиме, со тело и душа
Нема враќање
прободени тука
гниеме од болката на погодување дома
никогаш да не се вратиме.
Последен здив! Сега, да летнеме од жицата на лакот,
фрлајќи ко да е крпиште
сѐ што сме имале низ годините
сѐ што сме уживале низ годините
сѐ што сме натрупале низ годините
среќата
и сѐ друго.
Престорени во стрели,
да летнеме сите, со тело и душа!
Воздухот вреска! Воздухот го прободуваме,
да летнеме со тело и душа.
Во мрачната дневна светлост, метата ита кон нас.
Конечно, дури метата паѓа
во пороен крвав дожд
ајде сите барем еднаш како стрели
да крвариме.
Никогаш да не се вратиме!
Никогаш да не се вратиме!
Поздрав, храбри стрели, стрели народни!
Поздрав, Воини! Духови на паднатите!
Директорот Ејб
Директорот Ејб Судому, од Јапонија:
страшен човек, со заоблените очила,
црвени како најлута пиперка.
Кога врвеше и тропаше по ходникот
со затропотените влечки
направени од пар стари чизми,
гробна тишина се задаваше над секое одделение.
Во втора година на часот по етика,
нè запраша што се надеваме да станеме во иднина.
Децата одговараа:
Јас сакам да бидам генерал во Империјалната Армија!
Јас сакам да бидам адмирал!
Јас сакам да бидам новиот Јамамото Исороко!
Јас сакам да бидам болничарка!
Јас сакам да бидам механичар во фабрика за авиони
и да правам авиони
за да ги победиме Американските и Британските ѓаволи!
Тогаш директорот Ејб ме праша мене за одговор.
Скокав на нозе:
Јас сакам да бидам Императорот!
Само што ги изговорив зборовите
гром падна од небесата:
Јавно го хулевте величественото име
на неговото Империјално Височество: истерани сте веднаш!
Кога го чув тоа, се струполив на столот.
Но класниот молеше,
татко ми облече чисти алишта и дојде и молеше,
и за влакно, наместо бркање,
бев казнет да поминам неколку месеци
во сортирање пластови скапан јачмен
кој стоеше во школскиот двор
да ги одделувам зрната уште здрави за јадење.
Секој ден бев затворен во реа на распаѓање
и таму, под горештото сонце и поројниот дожд,
сфатив дека сум сам на светов.
Откако тие три месеци казна завршија,
на часот по етика Директорот Ејб рече:
Победуваме, победуваме, победуваме!
Штом великата Јапонска армија ќе ја добие војната, во иднина
вашите полуостровски луѓе ќе одат во Манџурија, во Кина,
на важни владини позиции!
Ете тоа го рече.
Тогаш се појави еден Б-29,
и дури сребрениот 4-моторен авион минуваше над нас
директорот свика најгласно:
Ѓаволи! Тоа е непријателот! врескаше бестрашно.
Но рамената му клапнаа.
Вресокот му се претвори во осамен мрмор.
Дојде 15ти август. Ослободување.
Замина за Јапонија во солзи.
Дедо по мајка
Чои Хонг-кван, нашиот дедо по мајка,
беше толку висок што цилиндарот му стигаше до стреите,
и ги гребеше гнездата на врапчињата под кровот.
Секогаш беше насмеан.
Ако баба му дадеше еден залак на питачот да касне,
нему најпрво му беше мило.
Ако баба почнеше да го кара,
тој се смееше и не обрнуваше внимание што вели.
Еднаш, кога бев мал, ми рече:
’Слушај, ако го изметиш дворот добро
дворот ќе се смее.
Ако се смее дворот,
ќе се смее и оградата.
Дури и грамофончињата ќе се смеат
дури цветаат на оградата’.
Ехо
Кон планините на самрак:
Што сте вие?
Што сте вие сте вие…
Бебе
Пред да се родиш
пред татко ти
пред мајка ти
твоето мрморење
постоеше.
Питачи: Маж и Жена
Кога немаат веќе храна
талкаат низ петте села:
Окџонг-гол, Јонгдун-ри, Чаетчонгџи,
Чигок-ри и позади Сомун –
не, шест, заедно со Танбук-ри во Округот Оксан:
’Ако имате некаква храна, ве молам, може ли едно касајче?
Понизноста им е далеку поскромна
па дури и од онаа на жената од Сонун-ри во Џунгтун.
Зборовите ’ве молам, може ли барем’ едвај се слушаат.
За време на најтемните денови на остриот пролетен глад
кога дури и остатоци од тенџере со јачмен-ориз
нема ни за лек, тие велат:
’Ајде тогаш да се напиеме вода’.
И одат кон бунарот во Соиџонџи
да извадат цела кофа. Тогаш питачите,
маж и жена, со љубов го споделуваат пијалокот и се враќаат дома
Во самракот големи јата чавки слетуваат,
дневната светлост бледнее во самрак,
дури маж и жена преминуваат по ридот кај Окџонг-гол.
Во самракот, чад од оган на кој се готви вечера
се издига од премалку куќи.
Маргини на Медитација
Пред некој ден еден од мртвите стана од гробот.
Со истата насмевка, секојдневните алишта обновени од пепелта,
си раскажува сѐ за него. Насекаде околу него сјае водеста светлост.
Зборува колку што може, потоа заминува како писмо.
Крај мене помладиот брат, прочистен во тело и срце, го испраќа.
Секое попладне ни поминува вака, во поздравување и испраќање.
Понекогаш ги слушам мртвите на античка Кореја како разговараат.
Често пропуштаат по нешто, си мислам.
Како можат да откријат сѐ во едно кратко воскреснување?
Нивната приказна, пред да умрат и потоа, е неискажлива со неколку зборови.
Откако ќе ги испрати, брат ми занемува како празна чинија.
Облечен лежерно, секогаш ги пречекува гостите од отаде,
со чисти стаклени бариери на табуа поредени долж ходникот
Одговара просто со тивок глас на она што го кажуваат,
срцето му е отворено, спремно да прими сѐ, само.
Секое попладне ги пречекуваме и испраќаме гостите од задгробниот живот.
Светлината зад прозорецот е сончев часовник со кој го мериме времето.
Секој збор што брат ми го слуша од мртвите
е првин исушен на сонце, потоа зачуван.
Навистина, овој свет е другиот свет, огромен и простран;
светов е гробница.
Изутрина, да не ги испраќаме оние што ќе дојдат, ајде нека живеат со нас.
Извор: Струшки вечери на поезијата
Препев: Горјан Костовски