Сликата на Истокот и Западот во дел од поезијата на Богомил Ѓузел

Тhe barbarians are coming (имагологијата во стиховите наспроти историјата во стиховите) или за поезијата на Богомил Ѓузел

Тhe barbarians are coming (имагологијата во стиховите наспроти историјата во стиховите)

Preludium

Името на Богомил Ѓузел уште со самото семантичко разложување, отвора еден интересен пристап во македонската современа поезија. Овој автор, неоправдано и незаслужно е маргинализиран во македонската литература и за него дури во еден период е „непрепорачливо“ да се пишува и да се коментира[1]. Овој автор, со своето поетско деби со стихозбирката „Медовина“ од 1962, даде еден нов тип на позајмување на темите од фолклорот, не како нивно „препишување“ или колаж техника, туку како Јунговско навраќање наназад. Авторот кој ја доживуваше историјата за некои како мајка (се мисли на сите југословенско-комунистички и соцреалистички подобни писатели, кои редовно се „додворуваа“ на официозите, како би добиле нова збирка песни, нов стан или посебни државни привилегии), а за некои маќеа, маштеа, тоа се таквите како него кои ќе се најдат под пресата на режимот и во одредени мигови ќе бидат дисквалификувани, затворани, следени, отпуштани од работа и ред други „заштитни“ мерки со кои се стимулира автократијата, стравот и медиокритетството. Авторот со себе засекогаш ја носи својата татковина, разложена како татко вина – „таткова вина“. Подеталната поетизирана биографија на Ѓузел е дадена во неговата збирка „Опстанок“ од 2005[2].

bogomil_naslovna

The barbarians are coming 

Тука накратко ќе ја напуштиме прозаичноста и ќе се свртиме кон поезијата. Проучувајќи го овој автор уште од студентските денови, многупати се  запрашував, понекогаш плашејќи се и чудејќи се „Зошто, никој не напишал за Ѓузел ништо повеќе од десетина страници, (ако се изземе докторската теза на Полјакот Лех Мјодински – но, тоа не е дел од македонската современа книжевна историја и критика и за волја на вистината слаб труд)[3]. Дали е Ѓузел толку херменевтичен како што се смета од критиката или сè уште неговата поезија е „врел“ компир за кој не се дискутира? Било така или не, темата денес ќе биде еден мал избор од неговите песни не поврзани со политиката, искривувањето на историјата на Ѓузел од југословенските политичари и историчари, туку историјата и имагологијата во песните на Ѓузел. Оваа условно земена компилација од песни е поврзана со темите на доаѓањето на Словените на Балканот и нивното завојување со Византијците (Ромеите), покрстувањето на бугарскиот цар Борис, Богомилите (оттаму и славното име на славниот поет, кој навистина е еретик во македонската повоена поезија)[4]. Неверојатно е, колку неговото име, ќе му стане и крст во неговото понатамошно творештво.

Во својата поезија, историјата не ја прераскажува како документарец од  „History channel“, туку ја инкорпорира низ гласот на Славјанинот застанат со меч над градот кој го запалил или низ очите на староседелецот Византиец кој ја чувствува наездата Славјанска како ги отвора вратите на Делос, во истоимената песна „Варварите во Делос“ која што е посветена на грчкиот поет Константин Кавафи велејќи:

„Што ни вреди што сме храбри на меч
Кога не знаеме ваков да делкаме камен
Каменот не можеш да го изместиш
Од неговото човечки засечено лежиште“

(„Варварите во Делос“)

… мислејќи притоа на цивилизацијата. Каменот кај Славјаните е оружје, во најдобар случај „тотем“ за обожување, додека пак за старогрчката цивилизација и нејзиниот наследник Византија тоа се градбите, спомениците, извајаните статуи, целокупната уметност која е поштедена од заборав. Како во еден постмодернистички расказ од македонскиот современ писател и теоретичар на литературата, Венко Андоновски („Одаја за душата“), стариот и мудар учител Аристотел му укажува на младиот Александар Македонски дека е способен да го освои целиот свет, но дали ќе му ја вдахне и душата. Нештата кои што не се наши, можеме да ги освоиме и да ги наречеме наши, да ги преименуваме, но дали длабоко во себе ќе се чувствуваат како дел од нас или само привремено ќе дават отпор од прскањето и пркосот. Тоа стариот Аристотел го покажува со една грда кула од гранит на која треба да ѝ се стави фино стакло. Стаклото пука. Не можеме во туѓите нешта, да ја всадиме нашата душа. Порано или подоцна тие ќе пукнат и ќе се случи неизбежното. Што прават во оваа песна Славјаните/варварите/освојувачите? Ги поганат изворите, каналите, почвата, ги кршат спомениците, статуата на Аполон, но…

„Оттогаш остана претчувството
дури и ако не го обноват,
еден ваков полуразурнат град од камен
ќе трае повеќе од цел еден осилав народ.“

                                                                        („Варварите во Делос“)

Нешто слично имаме и во песната „Опсадата на Цариград“, каде што новите завојувачи претставени како Другите, како варварите, го освојуваат градот без напаѓање, колежи и пожари, туку само со предавање. Остар заб го пронижува лирскиот субјект. Културата и цивилизацијата го победуваат новиот завојувач, нешто налик на песната од Мизар „АрмаКедон“ велејќи:

„Над главата ми летаат бесни змејови
Од очиве ми искрат молњи пламени
Замавнувам со мечот косам пред себе
Господи, ти си моето силно оружје!

Зад мене летаат сили и престоли
Бегајте гнасни ѕверој, змии, гуштери
Одвнатре бликнува твојата светлина
Ќе ги погубиме со убавина!“

Убавината е она што ќе победи. Инаку залудно постои уметноста.

Прометеј и Едип – Anno Domine 

prometej

Песните за посттоталитарниот Едип и еден поинаков Прометеј, кој не е херој и не е затвореник, туку лирскиот субјект е орелот кој мора да го колва џигерот на Прометеј, до оној степен додека повторно не се регенерира, до следното колвање.

„Дур нему џигерот му се обновува и расте
јас сонувам за бескрајните пространства
што некогаш ги летав слободен
пред боговите да ми ја дадат гаднава работа.“

(„Орелот на Прометеј“)

 Орелот е како затворски чувар кој не е вистински слободен, иако е на другата страна од оковите и решетките. Не е ли тоа сликата на човештвото низ вековите. Целата човечка цивилизација е еден голем затвор, според Мишел Фуко. Дури и во миговите на најголема слобода да се живее во еден „внатрешен затвор“, но како што вели Хамлет, I could be bounded in a nutshell, and count myself a king of infinite space.

Што станува пак со Едип

Песната прикажува малку поинаков Едип. Овој Едип се движи како урбан херој низ балканските посттоталитарни режими. Барајќи ја правдата заглавува во сивото ежедневие каде и сопствената мајка и татко му се далечни за бегство од својата судбина.

„Дете на фортуната? Копиле, копиле па макар
И кралско!“ го ругаа другарите.

„Оттогаш семето се намножи толку
Што девалвираше како и ѕвездите“

                                                („Едип пост-тоталитарен“)

Евидентна е појавата дека „Ѓузел развива еден ироничен, наместа бизарен, провокативен, дури и деструктивен однос кон востановените митски обрасци, што треба да се сфати како своевиден пркос, револт против закостенетата навика и востановените норми. Во оваа смисла, Ѓузел е следбеник на прочуената рембоовска девиза која ја прифаќаат и надреалистите како своја: „Треба да се биде апсолутно модерен.“[5]

Oh, Captain, my captain…        

         Ѓузел како никој претходно во современата македонска поезија се залага за длабок херменевтизам, но потоа со поминувањето на годините и со созревањето на неговиот стил, се чини дека секојдневието ја заменува опскурноста на изразот, а видливото доминира над матното и неразбирливото. Небаре стражар кој решил да ги предаде клучевите на недофатливото на сите љубопитни кон тајната на спознанието. Оттаму и неговата првична опседнатост со Алхемијата и Великата тајна.[6]. Според теоријата на Дејвид Лоџ, најопштата дихотомија на поетскиот израз може да се стави на два пола кои не се целосно спротивни и при тоа да се исклучуваат, туку и се надоврзуваат: метафоричниот и метонимискиот израз. Ѓузел започнува со првиот начин додека неговата поезија внесуваше „момчешка ноншаланција и гаменска разбушавеност“ како што вели Влада Урошевиќ во еден есеј посветен за Ѓузеловата поезија.[7]  Но, потоа спротивно на постулатите од еден од првите (ако не и прв) официјални манифести во македонската повоена поезија наречен „Епското на гласање“ (составено од Ѓузел заедно со Радован Павловски, само/прогласениот „принц на метафората“) да се приклони кон метонимискиот израз обидувајќи се притоа да создаде поетика од непоетичните нешта, притоа прифаќајќи ја улогата на еден „побунет демијург“ кон официјалната критика и жабокречината на македонската поезија насочена кон дневно додворување кон официозите. Со тоа секојдневните нешта: шетањето, јадењето, сексот, посета на родното место, немањето точно пари при пазарување стануваат попоетични од оние метафизички нешта кои се differentia specifica на поезијата. Антипоезијата прогласи смрт на „вечните теми“ и се сврти кон минливото, обидувајќи се него да го зароби во вечната клепсидра на песната.

edipus

Уште една од покарактеристичните работи во поезијата на Ѓузел, е елиотовската „временска машина“. „Постапката на Ѓузел, всушност се состои од едно сугестивно елиотовско мешање на времињата. Се доведуваат во врска нешта кои се разделени со огромни временски дистанци, кои се раздалечени во просторот. Амалгамизацијата на поетската моќ на Ѓузел доведува во врска и нешта од различни вредносни сфери, нешта кои не припаѓаат кон истиот ред на појави. (… Ѓузел поседува еден систем на асоцијации та во најразнородните појави ќе најде поетски соодветства кои сите разнородни елементи на материјалот ги сложуваат во функција на една идеја. Механизмот на тој систем произлегува од расчленувањето на нештата, од една метонимична и синегдотска претстава за појавите“[8]. Такви се песните: „Атена Палада“ каде вели:

„На што ли само се сведе Големата Мајка
да се роди од главата на еден бекрија
Зевс, земјо- и куро-тресец
кој на ќерка си од љубомора
ѝ ја заши вагината
ѝ ја запечати утробата
со казната на вечна девица
со искуството: секој ден без очај
да ѝ е злочин“

Вакво пресоздавање на историјата и на митологијата, мешање на времињата и опфаќање на актуелни настани во мотиви од Антиката има и во песните за Хомер и Итака, притоа изјавувајќи:

„Тебе барем никој претходен поет
не те убил во поим
никој врховен орган не те ебел
во мозок
освен Зевс кој се проѕевал
но божемно, зашто и тој се караше со боговите
(а не само со простосмртните)
за тоа како си го прикажал него и нив

(„Хомер“)

Каде што Хомер го има статусот на модерен писател кој ќе крене врева и можеби ќе бил следен од УДБА и останатите комунистички служби кои што сакале да го уништат поетот. Добро е што Хомер бил прв меѓу големите, па немало многу што му ја барале главата.

  Речиси во секоја песна уште од самиот почеток, остава таен премин во дешифрирањето каде неговата лична трагедија што беше спомната и на почетокот, некако се отвора во секој стих, макар и силно закопан во алегоријата или преку порталот на митологијата. Во тоа лежи умешноста на оваа поезија: Успева да пее на модерен јазик низ митологија и фолклор, па „црната чума“ да се претвори во млада убава девојка кај Богомил Ѓузел укажува на повторното навраќање на сведоштавата за симнувањето на партизаните од планините и боиштата на горите, но и лажните комунисти кои сакале реваншизам, но упатувањето на чумата може да биде и насочено кон доаѓањето на Турците, ако се следи во целост фолклорната матрица од народните песни за Крале Марко и останатите локални јунаци. Таму чумата е персонификација за турската наезда. Но, може да се чита и како општо зло кое навјасува генерално низ светот. Алиенацијата, стравот, апокалиптичните визии и катаклизми. Секој обид за конечна дешифрација е залуден како барање излез од лавиринт, Тука, најспокојно би можеле да се потсетиме на една мисла од нобеловецот Еуџенио Монтале која што гласи „Никој не би пишувал стихови ако проблемот на поезијата би се состоел во тоа да се биде разбирлив.“

Стиховниот Бош пред туѓата наезда 

Накратко за кадаверичните слики и за смртта во песните на Ѓузел. Како да се преселени Бош и Бројгел во сферата на поетското и необичното. Кај него постои убавина со суровост, убавина без конформизам и со висока доза на иронија. Како изразено силна и „машка“ поезија тој се отргнува од сферата на лирското, кон сферата на сировата песна. Слики на скелети, распарчени трупови, мирис на изгорени села, острици извадени од каниите, војни и пустошења, како големите историски спектакли „Александар“, „Храбро срце“ и „Троја“ или пак како стихови од хеви-метал бендови. Оттука е очигледно влијанието на старите антички и римски епови, но и епизоди од тевтонските легенди. Хомер и Херодот се константно присутни во стиховите на Ѓузел, иако и славјанската карпатска оставштина и митологија наѕираат зад секој стих.

Интересно е како Ѓузел ја гледа наезадата на Славјани/Варвари од гледна точка на Византијците/Старите Грци, како од позиција на културно издигнат народ наспрема варварскиот. Сликата на цивилизираниот наспрема нецивилизираниот народ и нивната вечна борба поставени на бас. Таква е песната „Клетвата на староседелецот“

„Опустеа села, оретчи воздухот од палеж
и дури гарванот остана гладен –
капна последната жешка солза
и ги испари сите езера

Дојдоа туѓинци ококорени ко ѕверки
со муцки долгнавести ко секири
збаруштија кладенци, крвјосаа сонце-
крвта да им се осуши…

                                                („Клетва на староседелецот“)

 The never ending journey

Што станува со миграциите и номадизмот? И тие се тука. Во песната „Пат до Легена града“, песна на преселувањето Леген Градот е археолошки локалитет во западна Унгарија, каде што се пронајдени траги од населби од петиот милениум п.н.е. коишто не се слични на соседните, туку на оние крај Јадранот. Овие откритија ги поттикнале претпоставките дека во тоа време се одвивале преселби од брегот на Јадранското море кон базенот на реката Сава.

Паметењето кај Ѓузел е длабоко во потесвеста. Ѓузел не памети во историски датуми и бројки, тој памети во археслики и митови и легенди. Токму затоа и бил санкциониран. Затоа што историјата не ја читал во „фингирани“ учебници, тој историјата ја сонува и памети по мајчиното млеко и татковиот збор. Песните на Богомил Ѓузел се испреплетени со повеќе конотации. Иако може да го разработува мотивот на Икар, Атена или Прометеј, тој всушност низ вешто прикриена алузија или алегорија ја опишува сегашноста. Како изразито неконформистички поет и критичар, тој се реваншира со секојдневието на само нему познат начин, удирајќи по најболните точки. Македонската современа поезија е богата со проблесоци од рангот на Ѓузел, Павловски, Урошевиќ и Маџиров, но исто така е богата и со книжевни паразити. Токму против тие паразити се бори Ѓузел во своите песни.

 Наместо епилог или мироносница последна 

Од Балканот до Америка, од Почетокот до Крајот, од древните Грци до модерните Англичани, од Истокот до Западот… Уште стотици страници ќе се испишат за Ѓузеловите стихови, затоа што тие тоа го заслужуваат. Една поетско, историска неправда треба да биде исправена и со овој краток есеј ќе се даде (делумно и дефинитивно недоволно) извинување за една долго (речиси) заобиколувана македонска поетска икона. Она што можеме да кажеме за него е дека стоички издржа низ времето да не биде заборавен или супресиран, па да престане со пишувањето. Неговата поетика ќе остави уште место за проучување и ќе остави уште рецепти за дешифрирање, како и можност неговата поезија да стане нечиј друг палимпсест и појдовна точка за да се продолжи со прометејската и сизифовската и орфејска поетика. Поетиката на побунетиот човек.

Користена литература:

  • D. Lodge: Načini modernog pisanja (metafora, metonimija i tipologija moderne književnosti), Zagreb, 1988.
  • M. Boyadzievska: Mit, knizhevnost, identitet, Skopje, 2002.
  • B. Gjuzel: Ostrov na kopno (Izbrani pesni, prireduvach Sonja Stojmenska – Elzeser, Bitola, 2008.
  • L. Kapushevska-Drakulevska: Poetika na iznenaduvanjeto, Skopje, 2003.
  • L. Kapushevska-Drakulevska: Poetika na nesoznajnoto, Skopje, 2001.
  • E. Kletnikov: Orion, Skopje, 1985.
  • G. Stardelov: Hermenevtika na novata makedonska knizhevnost, Bitola, 2008.
  • M. Todorova: Zamisluvajki go Balkanot, 2001.
  • V. Uroshevik: Vrsnici, 1971.
  • F. Hugo: Struktura moderne lirike. Novi Sad, 2003. 
  • Бојаџиевска, Маја: Мит, книжевност, идентитет, Скопје, „Сигмапрес“, 2002
  • Ѓузел, Богомил: Остров на копно – избрани песни, приредувач Соња Стојменска – Елзесер, Битола, НИД „Микена“, 2008.
  • Капушевска – Дракулевска, Лидија: Поетика на изненадувањето, Скопје, „Магор“, 2003.
  • Капушевска – Дракулевска, Лидија: Поетика на несознајното, Скопје, „Магор“, 2001.
  • Клетников, Ефтим: Орион, Скопје, „Наша книга“, 1985.
  • Старделов, Георги: Херменевтика на новата македонска книжевност, Битола, „Микена“,2008
  • Тодорова, Марија: Замислувајќи го Балканот, Скопје, „Магор“, 2001.
  • Урошевиќ, Влада: Врсници, Скопје, „Мисла“,1971
  • Фридрих, Хуго: Структура модерне лирике, Нови Сад, „Светови“, 2003.

[1] При истражувањата за овој есеј во Универзитетската библиотека во Скопје наидов на книга од Слободан Мицковиќ, „Трета генерација“, за една од најплодните генерации на современи македонски поети на која што припаѓа и самиот Ѓузел (заедно со Радован Павловски, Влада Урошевиќ, Петар Т. Бошковски, Јован Котески, Петре М. Андреевски). Од оваа книга, од примероците беа скинати страниците посветени на Ѓузел. Наеднаш ме облеа чувство на Борхесовска зачуденост и страв. Дали воопшто постои тој есеј за Ѓузел? Кој сака да му се реваншира? Дали е некој обид за доброволно маргинализирање или самоуништувачки порив, со оглед дека Ѓузел и беше дел од луѓето што работеа во библиотеката?

[2] „Таа негова книга, таа ужасна, тегобна и трагична книга, како инвокација, низ животот на куќните, фамилијарни таткови предмети, ја оживува духовната биографија на ова познато високо интелектуално семејство, особено духовната биографија на таткото, првиот македонски школуван философ и доктор по философија, неговата трагична смрт и татковиот неостварен гроб, книга во која откриваме дека злосторници се, всушност, убијците, не убиениот“. Старделов 2008, 42.

[3] Секоја чест на најдоследните истражувачи на делото на Ѓузел како: Лидија Капушевска-Дракулевска, Влада Урошевиќ, Ефтим Клетников и уште неколку други кои имаат најмногу есеи посветени за него, но повторно недостасува еден подолг, поголем и подетален аналитички труд.

[4] Така, во ерата на соцреалистичката парадигма, тој беше модернист (недвосмислено се определи за субјективното пеење по углед на западните искуства); во периодот кога во македонската поезија царуваше интимизмот, тој го прокламираше „епското на гласање“ (преку истоимениот манифест објавен во новосадското Polja во 1960 година заедно со Радован Павловски); дваесет години пред да биде официјализиран постмодернизмот, ја антиципираше интертекстуалноста (како типично постмодернистичка постапка) со „Белешките“ кон втората по ред стихозбирка – Алхемиска ружа (1963) напишани по аналогија на Т. С. Елиот; во 70-те години на минатиот век беше прогласен за анархо-либерал и остана без работа; на преминот на милениумите кога поезијата генерално се сврте кон апокалиптични визии, толку чести во неговите профетски (есхатолошко-космогониски) стихови, Ѓузел одеднаш објави еротска поема со симболичен наслов – Она

[5] Капушевска – Дракулевска 2003, 217.

[6] Тој има една поема којашто е насловена „Рицарот и алхемиската ружа“, каде што има влијание од стиховите на Томас Елиот, Блејк, Јејтс и останатите големи англо-американски поети

[7] Урошевиќ 1971, 51.

[8] Капушевска – Дракулевска 2003, 171.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Натура или назад кон природата
Фесон Лудовик (Fesson Ludovic) со својот проект Back to Nature.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *