Бденија и виденија

Интервју во „Репер“ со Петко Дабески во врска со антологијата на македонската песна во проза „БДЕНИЈА И ВИДЕНИЈА“

Во август минатата година беше објавена првата антологија на македонската песна во проза „Бденија и виденија“, по што следуваше и нејзината промоција. Неколку месеци потоа, откако антологискиот избор веќе е достапен и за поширокиот читателски аудиториум и за стручните проследувачи на современата македонска книжевност, редакцијата на „Репер“ подготви интервју со приредувачот на „Бденија и виденија“ – поетот и антологичар Петко Дабески, во кое се обидовме да дојдеме до одговори на прашањата што ги сметаме за клучни во врска и со самата антологија и со македонската песна во проза воопшто.

петко3

РЕПЕР: Вие ја приредивте првата антологија на македонската песна во проза. Темата удира директно во темелите на книжевната генеалогија. Колку сметате дека постојат строги и точни книжевни категории, а колку се апстракции?

Дабески: Првите познати лирски творби во проза ги среќаваме уште во текстовите на древната кинеска лирика и во старозаветните Давидови псалми. Во овие древни текстови од светската книжевна ризница, пишувани без жанровски ноти, јасно се препознатливи сите жанровски обележја на песната во проза: лирски текст без нагласени примеси на нарација, на фабула и на временска прогресија во развивањето на исказот. А тоа значи дека песната во проза е во блескава примена повеќе од шест века пред вообличувањето на првата античка книжевна теорија и дека на еден ваков неспорен книжевен субјект со долга и богата сопствена традиција не може да му се заканува опасност од сведување на книжевна апстракција. Напротив, нејзиното блескаво присуство од древноста до ден-денес е уште еден од многуте нагледни примери дека и најостроумната теорија на книжевноста, од Аристотела до денес, претставува само заднинско-коморна книжевна формација што каска далеку зад грбот на галопирачката ударна книжевна коњица на создавачите на книжевни дела.

РЕПЕР: Зошто, тогаш, моравме да чекаме дури до 2013 година за современата македонска книжевност да ја добие својата прва антологија на песната во проза?

Дабески: Меѓу факторите со изразено инертно влијание врз појавата на една ваква или сродна антологија би го посочил недорасчистениот поетички терен околу жанровската дефиниција и типологија на песната во проза во текот на еден подолг период и во еден книжевен контекст поширок од македонскиот.
Разногласијата се зародени од самите почетоци на песната во проза како нов лирски жанр на европската почва, особено по Бодлеровото воведување во примена наративна постапка и микрофабула во лирски цели. Овие неразрешени разногласија се здобиваат со дополнителни поводи врз поширока емпиричка основа во осумдесеттите години на минатиот век преку масовната појава на светската книжевна сцена на хибридните краткопрозни текстови во кои наративната постапка се става во функција на нагласено фокусирање врз специфичната поетичност на микронастанот. Дел од таквите краткопрозни текстови, дури и кога се напишани од појдовни раскажувачки позиции, му се приближуваат во жанровски поглед во широк опфат на бодлеровскиот модел на наративна песна во проза, делумно препокривајќи го и создавајќи лажен впечаток дека сите текстови дотогаш именувани како песни во проза се само специјален случај на кратката прозна форма.

РЕПЕР: Какво влијание би можеле да имаат експанзијата на кратките прозни текстови во светот и неусогласениот, во глобални рамки, жанровски статус на песната во проза врз нејзиното практикување и презентирање на македонската почва?

Дабески: Влијанието на споменатите книжевни процеси во светот се рефлектира поинтензивно и во македонската книжевна средина веќе од осумдесеттите години на дваесеттиот век, меѓу другото и преку појава на сѐ поголем број книги од македонски автори со текстови припадни на кратката прозна форма, и преку прогресивното исчезнување на терминот песна во проза од книжевниот вокабулар дури и кај најафирмираните македонски автори во овој лирски жанр.

РЕПЕР: Во околности кога жанровскиот образец на Бодлеровиот наративен тип песна во проза веќе се користи и според раскажувачки мотивирани пристапи на сѐ поголем број автори на кратката прозна форма, постои ли воопшто цврста поетичка потпора врз која би се прикрепила посебноста на жанровска одредница „песна во проза“?

Дабески: Основнниот жанровски столб на песната во проза врз кој се потпира нејзината жанровска посебност е моделот на лирската песна во проза, нагледно овоплотен и во претходно споменатите древнокинески и библиски лирски текстови во проза.
На секој поопитен автор на творби во слободен стих и на песни во проза му е повеќе од очигледно дека тој модел на лирската песна во проза не е ништо друго освен лирска творба со прозна текстографија, во која жанровската димензија стих е заменета со прозен дискурс. Тоа значи дека, ако постои лирска песна во слободен стих, мора да постои и нејзин еквивалент (по значење, по смисла и по вредност) во прозна верзија, доослободен и од самиот слободен стих. Поетската практика изобилува со примери на песни во проза добиени од првични нивни верзии во слободен стих и на лирски песни од познати автори објавувани и во слободностишна и во прозна верзија. Самиот факт што лирската песна во проза поседува лирски еквивалент со лирската песна во слободен стих повлекува како последица и заклучок дека песната во проза поседува и жанровски легитимитет што не е помал од соодветната песна во слободен стих.

antologija

РЕПЕР: При неспорното постоење на песната во проза како посебен лирски жанр, кое е граничното обележје помеѓу неа и кратката прозна форма?

Дабески: Песната во проза (ПВП) и кратката прозна форма (КПФ) се засебни текстовни множества, кои поседуваат заеднички меѓусебен жанровски пресек составен од лирско-наративни текстови. Линијата на разграничувањето помеѓу ПВП и КПФ е по обемот на контурата од заедничкиот жанровски пресек. Тоа значи дека лирско-наративните текстови имаат двојна жанровска припадност – припаѓаат и на песната во проза и на кратката прозна форма. Битно е да се напомене дека чисто лирските песни во проза не може да бидат во опфатот на кратката прозна форма, па согласно на тоа дека и терминот „песна во проза“ не може да се смета како застарен синоним на кратката прозна форма. Ваквиот сооднос меѓу ПВП и КПФ повлекува и јасна консеквенција – составувачот на антологија на песни во проза мора да ги земе предвид сите постоечки лирски песни во проза, а е слободен во рамките на своето жанровско интересирање да го проширува или да го стеснува само обемот на подмножеството составено од лирско-наративни текстови, во согласност со некој однапред утврден или лично поставен референтен репер за ниво на задолжителна лиричност.

РЕПЕР: Приредувањето на една антологија е мошне одговорна задача. Зошто приредувањето на оваа антологија го доживеавте како свој предизвик? Колку долго го подготвувавте овој избор?

Дабески: Фактот на мојата лична ангажираност околу составувањето на оваа антологија би рекол дека има некакви совпаѓања и со мојата фасцинација со песната во проза во моите гимназиски години и со совпаѓањето на тие педесетти години со појавата на првите песни во проза во поетските книги на македонските писатели. При еден ваков синхроницитет, на сосема природен начин, врз фасцинацијата од средбата со култните дела на великаните на светската и на јужнословенската песна во проза (Бодлер, Тургењев, Тагоре, Клодел, Дучиќ, Андриќ, Уевиќ…) се надоврза и спонтаната трајна приврзаност кон песнопрозните креации на македонските автори, изразена преку следење со децении на секоја информација и на секоја нова книга од доменот на македонската песна во проза и на кратката прозна форма. Благодарение на таквата долгогодишна посветеност, пред очи и на дофат од рака ми биле и сите книги со песни во проза на македонските автори, потребни за љубопитни увиди и согледби во достигнувања во овој лирски жанр.
Инаку, првите верзии на антологијата на македонската песна во проза и на антологијата на кратката прозна форма ги имам составено во 2004 година, а за потребата од поседување пообјективен критериум за жанровско разграничување на нивните текстови сум бил принуден да го напишам и огледот „Жанровскиот пресек меѓу песната во проза и кусата прозна форма“, објавен во списанието „Книжевна академија“ бр.4, Скопје, 2004.

РЕПЕР: А дали антологијава ја сметате за коректив на претходни пропусти на македонската книжевна наука во вреднувањето на македонската песна во проза?

Дабески: При нејзиното составување не сум се раководел од потребата за некаков свој обид за поправање на некои или нечии пропусти во врска со проблематиката на македонската песна во проза и со евентуалното нејзино превреднување, од едноставна причина што критички и аналитички текстови за овој лирски жанр имало и сѐ уште има премалку. Во вакви околности, и еден конвенционален одглас за овој вид лирско творештво би го прифатил за добродојден и подобар од чинот на премолчувањето.

РЕПЕР: Во „Бденија и виденија“ се застапени над педесет македонски автори. На што се должи овој број, кој, мораме да признаеме, не е мал?

Дабески: Бидејќи бројот од 52 застапени автори во антологијата не е намерно исфорсиран, би можел да се толкува како реален одраз на некоја присутна зачудувачка заинтересираност кај толку голем број македонски автори со завиден елан да се огледаат во овој неконвенционален лирски жанр.

петко

РЕПЕР: Дали фактот што оваа антологија е прва за овој жанр во македонската книжевност, сам по себе иницира да застапите толку многу автори за да се создаде целосна слика за македонската песна во проза или сите застапени песни имаат антологиска вредност што би била релевантна за да бидат застапени во Вашиот избор, дури и ако оваа антологија не беше прва?

Дабески: Со оглед на тоа што се работи за прва антологија на македонската песна во проза, разбирлива е грижата на составувачот да не биде испуштен од опфат ниеден автор со објавени песни во проза (во состав на поетска книга) во периодот пред деведесеттите години.
Наспроти тоа, вршена е строга вредносна селекција на застапените текстови од секој автор, со делимична толеранција кај само двајца автори со објавени песни во проза во шеесеттите години, така што овие лирски творби, иако не може да бидат сите антологиски, и поединечно и според вкупната резултанта на уметничкиот придонес, ги натфрлуваат дострелите на најголемиот број досега објавени антологии на македонската стихувана лирика.

РЕПЕР: А дали има автори што објавувале или можеби објавуваат песна во проза, а не се тука поместени?

Дабески: Сум се трудел да нема заобиколен автор со објавени песни во проза во посебна книга или во состав на книга со лирика во стих. Сепак, не е исклучено да ми останал неидентификуван некој со песнопрозна објава во последниве десет години.

РЕПЕР: Колку поетите, а колку прозаистите во македонската литература пишуваат и објавуваат соодветно песни во проза?

Дабески: И покрај тоа што, како составувач на необјавена антологија на македонската кратка прозна форма, подолго време ја следам, покрај продукцијата на песната во проза, и онаа на кратката прозна форма, не би можел задоволително да одговорам на поставеното прашање без претходно направени некој вид анкетни разговори со авторите за координатите на нивната автопоетичка самосвест, барем такви муабети какви што имам веќе правено со поголем број хаику-автори.
За неколкуте прозаисти застапени со свои песни во проза во објавената антологија сметам дека се таму заслужено присутни, а другите прозаисти што пишуваат и краткопрозни текстови веќе е крајно време да се најдат заедно во соодветна антологија на кратката прозна форма.

РЕПЕР: Колку авторите се практично свесни дека пишуваат песни во проза? Дали има случаи кога поинаку жанровски ги перципираат своите дела?

Дабески: Се чини дека постојат и дека ви се познати и конкретни случаи за кои би можело да се однесува вашето прашање, но како составувач на антологијата на македонската песна во проза, ги чувствувам премногу блиски сите застапени автори, па повеќе би ми одговарал некој разговор со нив за поетиката на нивната песна во проза отколку да потфрлам поетички алузии што лесно може погрешно да се сфатат.

петко2

РЕПЕР: Во „Бденија и виденија“ се застапени помладите генерации македонски поети. Дали нивните лирски текстови укажуваат на некои нови тенденции, кои нивната песна во проза ја прават поразлична од онаа на нивните претходници? Впрочем, според Вас, какви „промени“ доживеа песната во проза од својата појава во македонската книжевност до денес?

Дабески: Меѓу творците на песна во проза се поизразено нагласени индивидуалните отколку групните или генерациските поетско-поетички специфичности. Меѓу обележјата на крупен план интересна е доминацијата на лирската песна во проза во периодот до осумдесеттите години, со превага на лирско-наративната песна во проза потоа.

РЕПЕР: Што укажува компарацијата меѓу естетските вредности на македонската антологиска песна во проза и естетските вредности на антолиските песни во проза во светската книжевност? Кое е местото на македонската песна во проза надвор од македонскиот или од јужнословенскиот книжевен контекст?

Дабески: Соочувајќи ги и споредувајќи ги песнопрозните остварувања претставени во постојните антологиски претставувања на јужнословенскиот простор, се добива опиплив впечаток дека македонската песна во проза не заостанува според сумарните уметничките достоинства зад песната во проза на другите јужнословенски народи со подолга и побогата книжевна традиција.

РЕПЕР: Што очекувате по промовирањето на оваа антологија? Дали и какви промени ќе предизвика или би требало да предизвика нејзиното објавување во вреднувањето на современата македонска поезија?

Дабески: Антологијата би требало со својата појава и своето присуство да припомогне за пореален увид во културните вредности што генерации македонски творци за последниве шест децении ги создавале во овој интересен лирско-прозен жанр, но и за посеопфатно и позадлабочено согледување и толкување на неговите суштински одлики и доблести.

Разговорот го водеа: Жарко Кујнџиски и Иван Антоновски

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Поврзи ги точките
Претставуваме избор поезија од новата книга на Николина Андова Шопова - „Поврзи...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *