Не познавам уметник што претендира да го уништи човештвото наместо да го спаси

Ние сме овде за да се сеќаваме. Душата им диктира на рацете да пишуваат една песна. Тоа е една иста песна, која е парадигма на нашето унитарно постоење, таа е жиг, отпечаток, златна спирала која ги сврзува совршено точките од генеризмите на нашето месијно гласноговорништво.

Гаврило, те снема од поетскава сцена некое време или мене така ми се чини? Долго време ја крчкаше „Антиепитаф“. Работеше нешто друго во меѓувреме?

„Поетска сцена“ е оксиморон во македонски рамки… но не ми пречи. Тој што го носи стихот во себе ќе изнајде начин да го канализира секогаш. На сите ни се собира во птијалинот и само чекаме веродостоен момент да го исплукаме. А јас? Јас го собирам како шлајм, пријателче. Затоа најчесто во моите творби се занимавам со егзистенцијализам наместо со приземјени секојдневија и со тривијалност. Вистината е дека не се занимавам со поезија. Само понекогаш гласно си размислувам, ете. Само пишувам. Не редактирам. Поради фактот што сум музичар, овие размисли успеаја да добијат ритмичка и мелодиска форма. Поради фактот што сум човек, овие размисли успеаја да болат… но и да возљубат, баш онака инфантилно и слатко. Сте имале некогаш секс по една година целибат? Ете, такви се моите стихотворби. Ненаситни. Прозрачни. Гладни. Бескомпромисни. Жедни…

Иако сѐ е поезија како што и сѐ е музика, техничкиот одговор на горепоставеното прашање ќе гласи вака: компонирање и продуцирање авторски дела во рамките на проектите „Гордиев јазол“, „Прагма“, „Igloo Pyramid“, „Фоторобот“, „Alien God“ и уште многу други музички инсталации и модерни концепти со интернационалните „Time Collectors“, во соработка со нашата најдобра ликовна уметница Биба Кајевиќ и светски познатата полска уметница Силвија Горак, чија е и корицата на „Антиепитаф“; потоа музика за повеќе театарски претстави од кои најпретенциозна е неодамнешната соработка со нашиот најголем театарски режисер Љубиша Георгиевски; започнување неколку филмски проекти како режисер, од кои ќе го издвојам „Последниот македонски цар“, документарниот филм за Ѓорѓи Колозов, кој го работам со мултиталентираниот Борче Георгиев и кој ќе имате можност да го погледнете наскоро, и уште некои арт-филмови што чекаат да бидат реализирани. Дури започнав да пишувам и роман. Проклето тешка одлука. Најбитниот проект што го работам во моментов е „Quiet Hiroshima“ со оперската дива Симона Петровска, кој сакам да го експанзирам надвор од границиве. Минатото лето имав прекрасно музичко и баскерско искуство да свирам во нуклеусот на повеќе европски метрополи и директно да се држам за раце со публиката, што како еден емпиризам, според мене, е најважно за секој уметник пред да започне на софистицирано ниво да ја пласира својата уметност. Секако, „Струшките вечери на поезијата“, „Поетската ноќ во Велестово“, „Седеф“ и „Песнило“ се доволен доказ дека ме има и во поетските кругови. Можеби и многу повеќе отколку што сум заслужил…

„Антиепитаф“ опфаќа долг творечки период. Има во книгата и стари хитови, како „Лайка“, на пример. Каков ти е односот кон тие свои постари песни? Ги чувствуваш ли сѐ уште како свои?

Ние сме овде за да се сеќаваме. Душата им диктира на рацете да пишуваат една песна. Тоа е една иста песна, која е парадигма на нашето унитарно постоење, таа е жиг, отпечаток, златна спирала што ги сврзува совршено точките од генеризмите на нашето месијно гласноговорништво. „Лайка“ е зборник-конгломерат. Може да ја препрочитуваш повторно и повторно за да ја пронајдеш планетата земја во себе, таа е едно модерно евангелие што луѓето треба сериозно да си го прикачат во домовите за да не заборават да се сеќаваат на животот. Самиот антиепитаф е моментот кога епитафот ни е изрезбан реверзибилно уште на сперматозоидот од кој потекнуваме. Мора да се сетиме од каде доаѓаме за да станеме луѓе…

Во поезијата често се враќаш во матката, а надвор од поезијата?

Постои длабока и плитка матка, па така и поезија. Поентата е колкав ти е уметничкиот фалус. Поезијата пенетрира во матката. Воопшто не е надвор. Ние како свесни битија сме едно те исто, кое се протега со векови. Сите потекнуваме од една голема матка, која како црна дупка нè отшмукала баш во овој универзум да се самовоспитаме. Родителските единици роботски и научено се обидуваат да ни изградат све(с)т што ние веќе добро го познаваме, само сме мрзоволни да го живееме и да се сетиме на него. Инаетливо го плукаме затоа што не ни овозможил оклопи што ќе траат вечно, а ние не можеме да се помириме дека веќе сме вечни, па затоа се заљубуваме во едни несовршени тела што смрдат од повеќе дупки. Да. Стравот од смртта. Единствената причина поради која постои уметноста. А кога ќе помислиш на смрт, не може а да не помислиш на раѓање… Заклучок: ние не се враќаме во матката, матката се враќа во нас. Во тој Regressus Ad Uterum нашата душа претставува зигот. Штета што тој оплоден стожер најчесто повеќето од нас го расплодуваат во текот на животот…

Создаваш некаква надреалистичка космогонија. Од каде ти извира поезијата?

Космогонијата сама по себе е надреална. Ние сме несовршени за да се занимаваме со биг-бенгот на нештата. Но можеме да претпоставуваме. Тука ја гледам убавината. Животот е математички проблем што можеш да го решиш на повеќе начини. Писмената трае приближно 70 години. Се симнува на земјата стопроцентниот мозок (така сакам да го нарекувам создавателот затоа што сум агностик во однос на детерминирани религиски хабитати) и ни задава задача. По 70 години, ни ги проверува тестовите на животот и ни вели: „Ниту еден од вас не одговорил точно. Но ми се допаѓа како размислувате. Ова се секако ceteris paribus услови каде што никој од вас во училницата не лажел и не препишувал. Тие лоши чичковци и тетки се одамна избркани од овој класен час“. Се вртите околу себе и гледате – само двајца останале во училницата. Космоагонија, брате. И како после да не пишуваш? Да не твориш? Да не се бунтуваш? Па, мораш и со раце и со нозе. Јас не познавам уметник што претендира да го уништи човештвото наместо да го спаси…

Да се зборува за смртта значи да се зборува за животот?

Да се молчи за смртта значи да се молчи за животот. Кој е вашиот избор???

Дали границите на нашето тело се нашите единствени вистински граници?

Дали човекот што ги изгубил рацете и нозете во војната има помалку да каже???

За крај, да го приземјиме малку муабетов: за кога ја планираш промоцијата? Претпоставувам дека ќе направиш некаква мултимедијална изведба.

Промоцијата ја планирам некаде наесен. Откога па стихот не претставува мултимедија? Во ова спијачко wall-e индолентно општество, стихот сам по себе како да не е доволен. За мене, еден уметник е и писател и музичар и режисер и готвач и љубовник. Тој што сака да твори ќе го измисли повторно светот ако треба. Но реципиентите се инертни, па сакаат да им правиме авиончиња од залачињата ручек и да им викаме „фиуууууууууу“ додека им слетуваме во устата. Не е пресушен изразот. Човекот е тој што е размазен. Мојата мултимедијалност се раѓа од мојот еклектизам. Да. Очекувајте индукција. Никој не може да побегне од својот карактер. Ниту јас. Му препорачувам на аудиториумот да ја купи книгичкава и да се подготви енергетски и критички за промоцијата. Ние сме тука да се дружиме и да разменуваме, а не да си викаме „браво“ и „фала“…

Разговорот го водеше Ѓоко Здравески

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Опстанок
„Опстанок“ од Мирко Илиќ и Лес Лили Сценарио: Лес Лили. Цртеж: Мирко...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *