Авторски поговор кон Месечината и огновите

cesare-pavese

Сите романи на Павезе кружат околу притаена тема, околу нешто некажано, кое во суштина е она што авторот сака да го каже и што може да се каже само со премолчување. Околу него се создава сплет од видливи знаци, од изговорени зборови: секој од овие знаци, пак, има прикриен лик (поливалентно или несоопштиво значење), поважен од очевидниот, а нивното вистинско значење е во врската што ги спојува со премолченото.

Месечината и огновите е најзбиениот роман на Павезе, со симболични знаци, со автобиографски елементи, со афоризми. Ги има дури и премногу: чиниш од оној начин на раскажување својствен за Павезе, таинствен и алузивен, се распослало во еден момент изобилието од соопштувања и од претставувања што му овозможува на расказот да се претвори во роман. Но вистинската намера на Павезе не е овој новелистички успех; сето она што тој ни го вели конвергира во една единствена насока, сликите и аналогиите гравитираат кон една опсесивна грижа: принесување човечки жртви.

Не се работи за моментален интерес. Павезе постојано работи на врзувањето на етнологијата и на грчко-римската митологија со сопствената егзистенцијална автобиографија и со сопственото книжевно создавање. Во основата на неговата примена на етнолошките истражувања остануваат влијанијата од четивата од младоста: Златната гранка на Фрејзер, дело што веќе особено влијаело и врз Фројд, Лоренс, Елиот. Златната гранка е еден вид пат околу светот во потрага по човечко жртвување и по празнувања на огнот. Теми што се среќаваат и во митолошките навраќања во Дијалози со Лефко, чии страници исполнети со земјоделски обреди и со обредна смрт се подготовка за Месечината и огновите. Со овој роман завршува истражувањето на Павезе: напишан помеѓу септември и ноември 1949 год., објавен е во април 1950 год., четири месеци пред авторот да си го одземе животот, откако во писмо напоменал за човечките жртви што се принесувале кај Ацтеките.

Во Месечината и огновите, ликот што вели „јас“ се враќа во родното село откако претходно се збогатил во Америка; она по што тој трага не се едноставно сеќавања или рехабилитација во општеството или надомест за бедата доживеана во младешките години; трага по она што родниот крај го прави роден крај, по тајната што ги врзува местата и имињата и генерациите. Неслучајно е безимено „јас“: најденче од сиропиталиште, израснато од сиромашни земјоделци како работна рака за беден надомест; и станува човек емигрирајќи во Америка, каде што сегашноста има помалку корени, каде што секој е на минување и не дава отчет за сопственото име. Сега, вратен во инертниот свет на своите полиња, сака да ја спознае последната суштественост од оние слики што се единствената реалност на неговото битие.

Фаталистичката мрачна заднина на Павезе е идеолошка само во епилогот. Ридскиот крај во јужен Пиемонт, каде што е роден („La Langa“), не е познат само по виното и по тартуфите, ами и по очајничките кризи што ендемично ги зафаќаат селските семејства. Чиниш не поминува седмица, а дневните торински весници да не објават вест за земјоделец што се обесил или се фрлил во бунарот или пак (како централната епизода во романот) си ја запалил куќата сосе себе и стоката и семејството.

Секако, Павезе не трага по клучот за ваквиот автодеструктивен очај единствено во етнологијата: социјалната заднина од долината со заостанато ситно земјопоседништво е претставена преку различни класи со желба да достигне комплетност на натуралистички роман (со други зборови, оној вид книжевност што Павезе го чувствуваше дотолку спротивен од својот што сметаше дека е во состојба да го заобиколи, а да ги присоедини неговите територии). Најденчето младоста ја минува како селски слуга, израз чие значење малкумина Италијанци го знаат, освен – да се надеваме дека нема уште долго – жителите од некои сиромашни делови од Пиемонт: една скала под надничар, момокот што работи кај семејство на ситни земјопоседници или исполичари и за возврат добива само храна, право да спие во сенарникот или во шталата и минимален сезонски или годишен надомест.

Но тоа поистоветување со искуство толку различно од неговото, за Павезе претставува една од многуте метафори на неговата доминантна лирска тема: чувството на исклученост. Најубавите поглавија од книгата раскажуваат две селски прослави: првата ја дожувува како очајно момче што останало дома бидејќи нема чевли, втората како младич што со кочија ги води ќерките на стопанот. Егзистенцијалниот набој дека на прославата човек слави и се ослободува и општественото понижување што бара одмазда ги вдахнуваат овие страници, во кои се соединуваат различните нивоа на свест што ги истражува Павезе.

mesecinata-i-ognoviteПотребата за сознание го тера главниот лик да се врати на село; и можеме да разликувме барем три нивоа на кои тој истражува: ниво на сеќавање, ниво на историја, ниво на етнологија. Особеност на ставот на Павезе е тоа што за последниве две нивоа (историско-политичко и етнолошко) еден единствен лик ја има улогата на Вергилиј за раскажувачот. Столарот Нуто, свирач на кларинет во селскиот оркестар, марксистот во селото, оној што знае за неправдите во светот и знае дека светот може да се промени, но истовремено и оној што продолжува да верува дека месечевите мени се услов за земјоделските работи и дека иванденските огнови „ја будат земјата“. Револуционерната историја и митско-обредната антиисторија во оваа книга имаат еден единствен лик, зборуваат со еден глас. Глас што е само мрмор процеден низ заби: Нуто е најзатворениот, најмолчаливиот и најнедиректниот лик што можете да си го замислите. Далеку сме од каква-годе прогласена верба; романот сиот се состои од настојбите на главниот лик да му извади на Нуто понекој збор од устата. Но Павезе само на овој начин навистина „зборува“.

Тонот на Павезе, секојпат кога ќе зазборува за политика, е премногу остар и решителен, одмавнувачки, како кога е веќе сѐ јасно и кога не вреди да се арчат други зборови. Та сепак, ништо не беше јасно. Спојката помеѓу неговиот „комунизам“ и неговото навраќање на човековото праисториско и безвременско минато е далеку од разјаснета. Павезе многу добро знае дека ракува со најзагрозените материјали од реакционерната култура на нашиот век: знае дека, ако со една работа човек не смее да се шегува, тоа е огнот.

Човекот што се враќа на село по војната забележува слики, следи невидлива нишка на аналогии. Трагите од историјата (мртвите тела на партизани и на фашисти што до ден-денес реката ги носи во долината) и трагите од обред (огновите од прачки што секое лето се палат на врвот од ридовите) го изгубиле значењето во краткотрајната меморија на современиците.

Што стана со Сантина, убавата и непретпазлива ќерка на стопаните? Навистина им била поткажувач на фашистите или била во договор со партизаните? Никој не може тоа со сигурност да го каже, зашто во мракот се препуштила на вителот на војната. И бесполезно е да се бара нејзиниот гроб: откако ја застрелале, партизаните ја покриле со лозови прачки и го запалиле мртвото тело. „Напладне сета пепел беше. Лани сè уште стоеше трагата, како гламносаното по иванденскине огнови“.

 

Итало Калвино

Saggi italiani 1945-1985, уредено од М. Баренги,
Мондадори, Милано 1995 год.
Објавено во „Revue des études italiennes“ (nouvelle série, tome XII),
2, avril-juin 1966, и потем во „Avanti!“ на 12 јуни 1966 год. [Забелешка на авторот].

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Опстанок
„Опстанок“ од Мирко Илиќ и Лес Лили Сценарио: Лес Лили. Цртеж: Мирко...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *