Прва асоцијација наМузејот на модерна уметност во Њујорк отсекогаш ми беше, како што си кажува и името, модерната уметност од цел свет. Посетата не ми го смени мислењето. Напротив, половина од сè што има уметничка вредност од Европа и од остатокот на светот е на американските ѕидови. Сите се таму – фовисти, експресионисти, импресионисти, надреалисти, кубисти, модернисти, концептуалисти, и многу други -исти што не се воопшто исти, ама се претставени со своите најгласовити дела како моите лични пикови „Царството на светлината“ на Магрит (чија изложба гостуваше во моменттот на наше огромно воодушевување) или „Ѕвездена ноќ“ на Ван Гог.
Сепак втората асоцијација станува чекањето. Да влезете, да купите билети, да го оставите ранецот во гардероба, да ја фотнете омилената слика, да се напиете кафе, за сè е потребно да истраете барем 40-ина минути во еден долг ред, кој може да биде прав како змија или извртен како ѕвечарка. Но интересно е што во такви моменти ќе ви се пружи ретка прилика да се почувствувате како во Вавилон, со јазици кои се мешаат во какофониска целина како слика на Џексон Полок. Или да видите и возрасна мајка среде музеј со цела танга на ачик и многу други надреалистички крикови во стилот на Дали. Што да се каже друго, освен дека, ако отидете во Њујорк а планирате да ја пропуштите МОМА, ич не тргнувајте на пат. Чекањето се исплати до балчак.