Какво време дојде – ќе почнеме да се делиме и по крвни групи.
Партиите го поделија народот – остана уште народното богатство.
Се затворил во себеси, па сега не може да го најде излезот.
И празните ветувања се полни со – лаги.
Како да го прочитаме кога е неписмен.
Знам дека има дупки во законот, но не знам дали има според мојата големина.
Ситуацијата е јасна – многумина сакаат да ловат во матно.
Ако ни ја цицаат крвта, барем да нè наградат како крводарители.
За државен грб најмногу би одговарал грбот на народот.
И тапкањето во место има своја предност – ја зацврстува позицијата.
Тешко е кога на народот му читаат лекции оние кои немаат прочитано ниту една книга.
И пукањето во празно може да погоди нечии интереси.
Ако се суди според меѓучовечките односи, општеството ни личи на зоолошка градина.
Најпосле рамноправност – сите сме сиромашни; секоја чест на исклучоците.
Кој ќе ми го плати скршениот прозорец кон светот?
Мајмунлаците станаа најголемо човечко обележје.
Живееме од денес за утре, мислејќи на вчера.
Како да бидеме умни кога тие прават толку будалаштини.
Следејќи ги нашите културни текови лесно ќе се најдете на суво.
Многумина ја оплескаа работата – ракоплескајќи.
Ако секоја партија смета дека зад неа стои народот, би требало да увеземе уште народ.
Празни ни се стомаците, а тие ни ги полнат главите.
Му падна голема идеја на ум – сега оди со скршена глава.
Знам многумина кои од зборови преминаа на – говори.
На запад ништо ново – на Балканот сè по старо.
Ристо Филчевски е роден 1950 година во Струмица. Со пишување афоризми, сатирични рими и написи се занимава од 1975 година. Изборот од дваесет и пет афоризми со кои го претставуваме на нашиот портал е земен од неговата прва книга „Афоризми и рими“, објавена како самиздат во 1993 година.