КОГА ЌЕ ОСТАРАМ
И кога ќе остарам,
кога ќе пресушат пулсирањата на страстите во вените
а грубата кожа ќе ја поприми излижаната сива боја,
кога гравитацијата ќе ги повлече очните капаци кон југ
– и тогаш ќе пишувам
песни за тебе.
И тогаш душата
ќе биде млада,
без брчки,
а аглите од усните ќе се стремат кон облаците.
На нив ќе трепери
таинствена, слатка насмевка,
изродена од сеќавањето
на деновите
кога земјата под нас гореше,
кога од жега и сладострасност тешко се дишеше
кога од желба со трепетлива рака се пишуваше
Наместо миризливи масла,
страст по нас ќе протривам
сочувана во погледите,
во допирите,
со кои си го тетовирал
секој милиметар од мојата кожа.
Наместо лековити билки
и исцелителни чаеви,
ќе ги пијам секој ден
капките на твоите копнежи,
што уште
така живо по телото ќе ми течат.
И тогаш ти само гледај ме
со истите овие очи.
И тогаш биди чувар во ноќите.
Биди, како сега, линија,
која длабоко продира
во корените на дланките.
Биди ми последно трунче,
врела капка пот од челото,
биди ми цела вселена.
А јас и тогаш
ќе ти пишувам песни,
свиена во топло ќоше на твојата душа,
на она мое место,
на кое обично седам кога пишувам.
Ќе ти пишувам песни
како што секогаш ги пишувам –
со рака трепетлива
денес од страст,
утре од старост.
Ќе ти пишувам песни и кога ќе остарам.
ОД ОВОЈ АГОЛ
Ми влезе под кожа, како во свој дом.
Богартовски ја закачи насмевката на закачалката на копнежите,
фрлајќи ја од другиот крај на усните.
Со капутот го нагрна потпирачот на разлабавената самоодбрана,
седна спроти мене, домаќински самоуверено,
нали во крвта оган
– без лед –
ја раскопча кошулата,
ги одврза врвките и…
.
… нозете ми ги подигна на рамената,
не оставајќи
ни секунда време
ни атом сила
да да се спротивставам.
Мат во еден потег.
Чадот од тутунот се мешаше со куртоазијата на моралот.
Прстот преку усните
ја спречуваше вербалната метеријализација
на задишаните, испотени мисли.
Едно време се обидував да ја заштитам својата срж
од сечилата на гладниот поглед,
од жарот на отворените дланки,
што бездушно ја валкаат мекоста на белите бедра.
.
Од овој агол,
сигурно сум изгледала како пубертетлија во најава,
џебови преполни со планови за освојување на животот,
немајќи воопшто поим
дека животот е заебан играч
всушност.
.
.
.
Добар мој
Јас тебе,
добар мој,
ти дадов сè.
Очите,
во кои жените не се повеќе мои,
оти местото на кое живееш,
е твој дом.
Дури и кога
живееш како потстанар.
Рацете ти ги дадов,
околу себе да ги обвиеш
и стегнеш,
колку што силно
посакаш.
На дланките судбината да ми ја врежеш,
додека околу задницата страстта да ми ја впрегнеш.
Душата ти ја дадов и на неа тапија,
немирите твои од неа да се напијат.
Стомакот ти го дадов,
добар мој, ти ја дадов
и сета плодност.
Да ја изораш
да ја засееш,
со срцето, под ладовина,
со тревка меѓу усните,
да се насмееш
кога ќе фрлиш поглед на родот.
Подножјето свое ти го дадов
и широкиот свод на бедрата.
Од тебе ништо не барам.
Ти само собери го сето тоа,
да не кисне,
да не се измолкне,
да ни го продолжиш сојот,
добар мој.
Препев: Елена Пренџова