Хроничарски грев

Работна сила имаше сè помалку, па затворениците ги вршеа поголемиот дел од работите.

Pablo-Picasso-Black-Jug-a-004

Еднаш, кога градот го тиштеше стравовлада, започнаа апсења. Тие најчесто се случуваа ноќе: група маскирани луѓе ќе тропнеше на нечија врата, ќе му наредеше на домаќинот да се облече и тивко го одведуваше во некој од многубројните мали затвори кои ги имаше насекаде низ градот. Некојпат вооружените луѓе ќе го одведеа и целото семејство, заедно со голомешестите деца и бабата која спиеше на печката. Во градот остануваа сè помалку луѓе, по цела ноќ се слушаше ѕвечкање на сабјите од патролите што ги одведуваа луѓето од сите улици, од многубројните домови; затоа многумина ноќе не се ни соблекуваа, туку сосем спремни и со врзопи под главата, како да се на пат, спиеја со лесен сон, чекајќи да бидат уапсени. Народот се чудеше од каде има толку места во затворите; но во затвори, една по една, беа претворани куќите, и луѓето само чемрееја во некоја друга куќа во градот, куќа што не е негова: богатите во куќите на сиромавите и обратно, војниците во училиштето, свештениците во касарната, лекарите и болните во јавната куќа, а блудниците во манастирот.

Работна сила имаше сè помалку, па затворениците ги вршеа поголемиот дел од работите. Тие беа облечени како обичниот народ, и не се разликуваа од слободните граѓани. Најпосле едвај можеше да се распознае кој е уапсен, а кој не е, па затоа затворениците можеа да бидат вработени и додека се вршеа апсења: тие носеа сабји, а беа затвореници.

Се апсеа сè повеќе луѓе – меѓу првите заглави страшната Градска управа – и сè помалку се знаеше кој е сè уште слободен. Беа одведувани свештениците, трговците, воените поглавари, стражарите, чиновниците и други. Конечно, сите се претворија во затвореници, па и самите претставници на власта. Сите внимаваа едни на други, сите беа затвореници и чувари, а никој не знаеше кој со што управува, кој кому издава наредби и наложува нови апсења, сите имаа впечаток дека учествуваат и во управувањето и во затворањето и во чемреењето. А бидејќи сите беа подеднакво облечени и ги имаа истите права – бидејќи сите беа затворени – продолжуваат да си ги извршуваат своите работи како ништо да не ни случило. Живееја обично, и да ги прашање некој, ќе речеа дека се задоволни.

А неколку години подоцна тие секому би одрекувале дека имало некакви апсења, тврдејќи дека сето тоа е измислица на некој недоволно надгледуван – па поради тоа и злобен – летописец.

 

Павао Павличиќ (Вуковар, 1946) е хрватски современ писател, автор на бројни романи, збирки раскази, книги со фељтони, со лирско-мемоарски текстови и со есеистички писма. Во книжевноста влегува во 1972 година, со збирката раскази „Лаѓа од вода“, од којашто е преземен и овој одличен краток расказ. Живее и твори во Загреб.

Превод од хрватски јазик: Ѓорѓи Крстевски

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Аџии
Џон МекНот е британски уметник и илустратор
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *