Тие денови, некако расеано и без концепт, ги разлистував страниците на својот дневник. Преку нив се отвораше, како што можеше да се предвиди, еден цел сандак мои спомени, веќе заборавени. Таму имаше регистрирано, со заоблени букви и со виолетово мастило, една ноќ на внатрешен мир. Мојот брак со Едуардо достигнуваше момент на рамнотежа, на заемно почитување, обвиткан ниту од оган ниту од снег; туку од топлината на чувствата, така верував и така пишував. Научив да ги држам под контрола своите страсти, да ги турнам настрана своите стравови, да ги прифатам своите ограничувања. Каква наивност… Како ме измами времето, ми го разоткри привидот на стварноста и ги однесе моите чисти и јасни очекувања на дното на морето.
Морав дефинитивно да ги исфрлам веќе заборавените делови од својот живот, помислив кога се исполнив со храброст да ги фрлам тие листови хартија во кошницата за ѓубре. Подоцна ќе ги искинев или, уште подобро, ќе ги запалев. Тоа беше болна одлука, како да си заминува еден дел од мене. Тоа не значеше самоуништување, тоа беше отворање врати кога се чувствував задушена. Задушена од нешто внатре во мене, од некоја внатрешна расположба, можеби измислена.
„Мојот проблем беше тоа што не се задоволував со можното“, велам. „Сега почнувам да мислам дека она што е можно и што не доаѓа кај мене. Кога гледам наназад, Едуардо беше, во основа, вљубен и верен. Јас бев таа што не се освести навреме за да ја избегне онаа ситуација што се изобличи во горчина, во лутина и во насилство“.
„Тоа е чиста илузија. Ниеден маж не е верен. Сигурно мислиш дека не можам јас да бидам пример, но моите периоди на промискуитет се должеа на мојата машка страна… Затоа што мажот нема фантазија; има потреба од искуства. И види: љубовта постои или не постои. Ако умрела, умрела. Нема дишење уста на уста што може да ја спаси“.
Го разбирам неговиот начин на размислување, не е само љубовта таа што не може вештачки да се продолжи; тоа се однесува на секое чувство.
„Имаш право“, велам, „но самотијата е уште полоша“.
Во текот на својот брак со Едуардо, не бев сигурна дали зборот љубов опфаќа и нешто повеќе од едноставно очекување или барање; нешто како гладно страдање, она недостасување без кое не постои желбата. Но, по разделбата, наместо да се појават такви чувства на недоволност, со време се појави само една тешка празнина и слаба надеж: дека некоја случајна средба ќе го преобрази мојот живот… Дали е сè уште можно да го вратам назад Едуардо?
Овој сериозен момент е одбележан и од одекот на нашите бавни чекори врз плочникот.
„Уште се гледате?“
„Не, речиси никогаш“.
„Остави ми го тоа мене“, Берта весело се насмевнува. „Ако сакаш, може; светот им припаѓа на оние што знаат да се борат“. Потоа, покажува нагоре: „Види ја месечината“. Како божем само тогаш ја гледа. „Сонцето е на мажите; земјата на жените, но месечината е мешана, како мене; се идентификувам со неа“.
„Зборуваш како Патон“.
На враќање, се приближуваме кон куќата.
„Можеби и јас треба да купам пиштол, за самоодбрана“, вели Берта.
„Некој конкретен проблем?“
„Не, никаков, не се будали! Пак ти со својата параноја“, се насмевнува за да ме смири. „Имено, опасно е сама да одиш наоколу взори“.
„Тешко се добива дозвола за носење оружје, а ти си поизложена на опасност од мене. Држи, земи го мојот“, ѝ го давам. „Само, те молам, кога нема да мора со него да излегуваш, секогаш оставај го спастрен врз орманот во мојата соба“.
Во тој момент, го здогледуваме Карлос и првпат помислувам дека тој би можел да биде човекот што го барам да не беше женет. Толку е симпатичен, толку внимателен кон мене. Неговите мускулести и смирени движења ми влеваат сигурност. Човекот кому цвеќињата толку многу му се допаѓаат мора да има добро срце. Карлос се симнува од терасата на куќата кон патеката да нè поздрави.
Единаесет часот е кога влегуваме во куќата. Чувствувам олеснување затоа што ништо не ни се случи. Претчувството не се оствари. Сепак, вознемиреноста ми остана, можеби затоа што копав таму каде што не требаше, поради тоа што помислив на тој недостиг од љубов, на Паблито, на Едуардо.
Берта ме придружува до мојата соба и ги гледа кутиите полни со хартија врз дрвениот патос.
„Продолжувам со уништувањето хартија. Веќе не знам каде да продолжам, има толку многу сепаратори“, коментирам.
„Јас тоа би го сторила по хронолошки ред. Од најстарите пријатели“.
Не знам дали иронизира, но можеби има смисла тоа што го вели. Потоа, го става пиштолот врз орманот:
„Денеска нема да ми треба“.
Се ослободувам од лошото расположение со тоа што им се одмаздувам на хартиите:
„Ѓубре, ѓубре, ѓубре!“, извикувам, а воедно почнувам да ги фрлам кутиите во ѓубре. Моите движења земаат замав, додека да излезе целиот мој бес. Како Дијана сум слободна, слободна да зборувам и да ги уништам овие зборови што се камења на мојот пат.
Тоа е слободата што ми ја дава Берта, да бидам таква каква што сум самата, да ги извадам нанадвор своите ексцентрични и необјасниви лутини, лутини кон себе.
„Мојот живот е ѓубре!“, викам.
Самата си го избрав неуспехот, не ме интересира ништо од она што се случува во светот, моите идеали од минатото веќе немаат смисла…
„Минувам низ многу тежок период, Берта. Ти благодарам што си тука, крај мене“. Губам контрола и почнувам да плачам.
Одамна не сум плачела. Не знаев дека моите очи уште можат да истурат толку многу солзи. Присуството на Норберто, со својот нов изглед на Берта, ме воскреснува, ја ослободува мојата тага. Берта минува со раката по мојот грб и потоа ме прегрнува, без збор.
„Единствено што вреди да се одбележи во мојот живот е оваа нашата повторна средба“, продолжувам додека си ги бришам солзите. „Како што ти реков, самотијата е најлошото нешто“.
Одиме во кујната и таму Берта ми подготвува чај од камилица за да ми ги смири нервите и се обидува да ме утеши:
„Си го имаш семејството, мајка ти, Режина…“
„Но тие не се бројат. Моето семејство се внуците, ти и дури и Беренисе, која ме напушти“.
„Ана, ти си најинтелигентното суштество што го познавам. Она што сакаш да го направиш, ако навистина го сакаш тоа, ти ќе го постигнеш. Сите што те познаваат се одушевени. Ти си убава, привлечна… Ти се восхитуваат, те почитуваат… Тогаш, излези од јамата, може?“
Го носиме чајот во салонот. Пуштам џез. Го слушам Кол Портер со впечаток дека можам да преживеам и да бидам среќна – без да биде битно што значи тој збор – крај Берта и крај своите внуци.
„Ти си мојот најдобар лек против депресија“, се шегувам.
Она што навистина го чувствувам е дека Беренисе ми недостига, како некоја сакана личност што умрела. И се смеам при помислата – вистина ли е тоа – на авантурата што ја имала со Каду, „дегустаторот“, како што го викаа. Некој ден Беренисе ќе се врати, како грешниот син.
Пред спиење, додека чепкам по хартиите, како по навика, на патосот паѓа едно ливче со фрагмент од Банкетот и со многу белешки: „Хесиод вели дека прво постоел Хаосот, потоа Земјата, основата на сите нешта, и Љубовта…“ Љубов, тој збор, збор што сите го знаат… Само еден збор, едноставен збор, а колку слики ми предизвикува за она што сум го проживеала и, пред сè, за сето она што можев да го живеам… Засега ќе го зачувам тој лист, ќе го оставам овде врз купот за љубовта, залепен на ѕидот на левата страна од мојот кревет, куп што порасна и што ќе биде уништен на крајот.