Поет? Се трудам да не се нарекувам себеси така

Не се гледам себеси како слемер.

Исток, пред некој месец ја објави својата втора книга поезија, „Интензивен курс по агонија“. Пред да влеземе во книгата, зошто Молох на корицата?
Гинзберг, второто пеење од „Виј“, во кое паганскиот бог Молох, кому му биле принесувани детски жртви и кој е критикуван на неколку места во Стариот завет, е претставен како општеството што го деградира човештвото, што е една од двете главни теми на мојава втора книга; Песната, која првенствено ја напишав како посвета на мојот омилен музички состав „Laibach“, е насловена како „Молох“, така што тоа неа, на некој начин, ја прави насловна песна.

Те инспирира или, поточно, те вознемирува политичката ситуација, ама не само локалната туку и глобалната. Ова е една од ретките книги поезија кај нас што се занимава со темите со кои ти се занимаваш. Тука мислам на новиот светски поредок, големиот брат, Чичко Сем итн.
Давање критика на глобалните политички ситуации е само еден чекор погоре од надминување на дневните локални политиканства, со кои, за жал, сѐ повеќе се занимаваме, притоа занемарувајќи ги светските социолошки проблеми. Исто така, се обидов во овие „космополитски“ песни да не се ограничувам исклучиво на негативностите на денешницата, туку да дадам една општа слика за сите неправди што системите и режимите им ги нанеле на своите народи во текот на целокупната човекова историја.

Intervju (2)

Глупаво е прашањево, ама каде би се сместил себеси? Ангажиран поет, панкер, слемер? Или сѐ заедно?
Глупав е одговоров, ама „најпрво се трудам да бидам човек“ (зборовите во наводниците да се прочитаат со лигав хипиевски политички коректен тон). Не, реално: иако размислувам „панкерски“ за одредени ставови, моето потекло ригидно ми го одзема правото да бидам целосен панкер, така што не би смеел да си дозволам да се декларирам како таков. Можеби дел од моите пријатели слемери не би се согласиле со мене, но јас не се гледам себеси како слемер, бидејќи на слем-читањата или рапувам или правам некаков краток стенд-ап настап. Периодов гледам да се оддалечам малку од експлицитната социјална ангажираност и да создавам алегорични и надреалистични слики на истите теми. А околу називот поет, само се трудам да не се нарекувам себеси така.

Од љубовта, сепак, не се откажуваш. Кога те сретнав, пишуваше исклучиво љубовна поезија, ама веднаш потоа драстично го смени правецот.
Исправка: Пишував исклучиво емо-поезија, или ти, поезија за сечење вени, во кои, пак, припаѓа љубовната поезија. Од љубовта не се откажувам, но не ја ни реализирам преинтензивно, освен онаа кон музиката и кон храната. Во вторава книга инсистирам да велам дека нема ниедна романтично-љубовна песна, бидејќи двете што можат да бидат така проценети се за љубов кон една пријателка на туѓина и за убавината на една девојка, која се испостави дека е само убава.

Активен си и на слем-читањата на PO:ETRY SLAM. Да очекуваме ли наскоро авторска вечер со Исток Улчар?
Би сакал да напишам доволно материјал со кој би можел да пополнам цела една вечер. Сепак, како што напишав погоре, тоа не бе бил стандарден слем, туку стенд-ап настап.

Те бидува и за рапување. Создаваш ли нешто во тој правец?
Веќе имам три „шеснаески“ (строфи од по 16 решетки/бара/линии/стихови), со што имам напишано рап-трака, која е стандардна по должина. Останува само мојот пријател од Радишани да склопи бит/инстурментал и потоа врз него да се сними мојот вокал. Пријателов сѐ уште не почнал да работи на случајот, а јас не го ни форсирам.

Intervju (1)

Што пишуваш сега, по „Интензивен курс по агонија“?

Третата стихозбирка е, најверојатно, готова и е некаква комбинација од стиловите од двете претходни книги плус некои нови експерименти. Моментално ја пишувам четвртата стихозбирка, во која се среќаваат тие алегорични и надреалистични прикази што ги спомнав погоре. Паралелно, се обидувам и да продолжам со збирката раскази, која е почната пред четири години, и за која се надевам дека годинава ќе биде завршена.

И за крај, дали е вистина дека со поезија се фаќаат многу женски? Тука, се разбира, ќе ги тагнеме Шопов и Еленин.
Иван Шопов ми кажа дека овој цитат, всушност, му припаѓа на извесен Александар Војнески. Кој и да е, кажал голема лага. Женски се фаќаат со многу посуштински вредности, кои јас сѐ уште се трудам да ги стекнам. Се надевам дека трудот не ќе ми е залуден. (Не ми се верува дека најшеговитото прашање го одговорив најсериозно.)

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Тивкиот ум
За „Градови без ветер“ од Александар Маџаровски
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *