Соларис

Почекав дваесетина секунди тишина и го повторив повикот. И овој пат одговорот не дојде.

Во деветнаесет часот, нула-нула часот на бродот, слегов по металните скали во внатрешноста на капсулата. Во неа просторот беше толкав, за да само си ги подигнеш лактите. Штом го навртев винтот на цревото во доводот што излегуваше од ѕидот, скафандерот се наду, па не можев веќе да направам ниту најмало движење. Стоев – или повеќе висев – во воздушното легло, споен во една целост со металната корупка.
Отворајќи очи, горе, низ сферичниот прозорец на ѕидот од капсулата, го видов надвиснатото лице на Модард. Веднаш исчезна и настапи мрак, зашто одозгора го прекрија тешкиот заштитен конус. Го потслушнував осумтактниот засилен свиреж на електричните мотори при дозавртувањето на завртките. Потоа – шуштењето на воздухот крај амортизерите. Очите се навикнуваа на темнината. Веќе ја гледав бледата контура на универзалниот показател.
– Спремен, Келвин? – се разлеа низ слушалките.
– Спремен, Модард – одговорив.
– Не се грижи за ништо. Станицата ќе те преземе – рече. – Среќен пат!
Пред да успеам да му одговорам, нешто отскокна нагоре и капсулата се стресе. Махинално ги стегнав мускулите, ама веќе ништо не се случи.
– Кога е стартот? – запрашав и слушнав шум, божем зрнца најситен песок да се истураат по мембраната.
– Веќе леташ, Келвин. Со здравје! – одговори блискиот глас на Модард. Пред да поверувам, пред носот ми се распосла широк процеп низ којашто видов ѕвезди. Попусто се обидував да ја најдам Алфа Водолија кон којашто леташе „Прометеј“. Небото во овие простори на Галаксијата не ми кажуваше ништо, не познавав ниту една констелација, низ тесното прозорче, постојано блескава прашина. Чекав да затрепери првата ѕвезда. Не ја здогледав. Почнаа само да бледнеат и да исчезнуваат, размачкувајќи се на румената позадина. Сфатив дека веќе се наоѓам во горните слоеви на атмосферата. Здрвен, обвиен со воздушни перничиња, можев само да гледам пред себе. Сè уште немаше хоризонт. Летав и летав, без воопшто да го чувствувам тоа, само пополека, постепено, моето тело го облеваше жар. Внатре се појави еден тивок, продорен тракот, божем метал по мокро стакло. Да ги немаше цифрите што се појавуваа во отворот на показателот не ќе бев свесен за наглиот пад. Веќе ги немаше ѕвездите. Објективот исполнет со румена светлина. Ги чувствував тешките отчукувања на пулсот, лицето ми гореше, по ’рбетот го чувствував студениот провев на климатизерот; ми беше жал што не успеав да го здогледам „Прометеј“ – мора да се наоѓал надвор од видното поле, па автоматот ја отвори капсулата.
Капсулата затрепери по втор пат, произведе неподносливи вибрации, тресењето продре низ сите слоеви за изолација, низ воздушните перничиња и навлезе во моето тело – сјајните контури на показателот се размачкаа. Гледав во него без страв. Не сум дошол од толку далеку за да загинам на целта.
– Станица Соларис – реков. – Станица Соларис, Станица Соларис! Сторете нешто. Се чини дека губам стабилност. Станица Соларис, тука Дојденец. Прием.

Solarisd-(2)

И повторно го пропуштив важниот момент на појавувањето на планетата. Се распространи огромна, рамна; според размерот на испарувањата можев да сфатам дека уште сум далеку. Всушност – високо, зашто веќе ја минував онаа недофатна граница на којашто растојанието до небесното тело почнува да претставува височина. Паѓав. Уште паѓав. Сега го чувствував тоа, дури и со затворени очи. Веднаш ги отворив, зашто сакав да видам што повеќе.
Почекав дваесетина секунди тишина и го повторив повикот. И овој пат одговорот не дојде. Во слушалките се повторуваше канонадата атмосферски празнења. Со шум во позадината, толку длабок и низок, божем гласот на самата планета. Портокаловото небо низ прозорчето се прекри со белина. Стаклото се затемни; махинално се згрчив колку што ми дозволија пневматските завои, па следната секунда сфатив дека тоа биле облаци. Како распрснат песок се подигнаа наоколу. И понатаму пропаѓав, еднаш на сонце, еднаш низ магла, капсулата се вртеше околу себе, па огромниот сончев диск, некако надуен, рамномерно ми минуваше пред очи, појавувајќи се одлево, а заоѓајќи оддесно. Наеднаш низ шумот и тресоците во увото почна да ми зборува далечен глас:
– Станица Соларис на Дојденец, Станица Соларис на Дојденец. Сè е во ред. Дојденец под контрола на Станица. Станица Соларис на Дојденец, подготви се за приземјување на одбројување нула-нула, повторувам, подготви се за приземјување на нула-нула, внимание, почнувам. Двесте педесет, двесте четириесет и девет, двесте четириесет и осум…
Одделни зборови беа поделени со пискави прекини, што сведочеа за тоа дека не зборува човек. Ова, во најмала рака, беше чудно. Нормално, кој жив ли ќе потрча на пистата за слетување кога пристигнува некој нов, па уште и право од Земјата. Сепак, не можев долго да размислувам за ова, зашто огромниот круг што околу мене го отвораше сонцето се накоси заедно со рамнината кон којашто летав; по ова накосување настапи второ во спротивната страна; се клатев како клатно на огромно нишало и борејќи се со вртоглавицата, на пространството, рамно како ѕид, здогледав една ситна шаховска табла – преплетена со темно виолетови и црни сајли – со бели и зелени полиња – знакот на распознавање на Станицата. Воедно, со тресок се откорна нешто од врвот на капсулата – долгата купола на прстенестиот падобран наеднаш се отворила; во овие звуци имаше нешто од Земјата, што не може да се искаже со зборови – првиот шум на вистински ветер по толку месеци.
Сè почна да се одвива со голема брзина. Дотогаш само знаев дека пропаѓам. Сега тоа и го здогледав. Бело-зелената шаховска табла нагло растеше, веќе знаев дека е нацртана на едно издолжено сребреникаво блескаво тело во форма на кит, со иглите на радарските уреди што излегуваат од страните, со низите темни отвори од прозорците, зашто овој метален џин не почива на површината на планетата, туку виси врз неа, издолжувајќи ја својата црна сенка како мастило по нејзината површина, едно елипсовидно петно на уште подлабока темнина. Истовремено ги забележав виолетовите бразди на океанот што покажуваа слабо движење, во моментот облаците се беа кренале високо, небото што се гледаше по краевите со заслепувачки сјај се протегаше во далечина, рамно, темно портокалово и сè се разлеваше: пропаѓав во вител. Не стасав да се одгласам, краткиот удар ја врати капсулата во исправена позиција, од прозорчето се разлеа сноп отровна сребреникава светлина, разбрануваниот океан замаглен по сиот хоризонт; заплетканите јажиња и прстени на падобранот наеднаш се откачија и летнаа над брановите, носени од ветрот, а капсулата меко се заниша, со некакво чудно забавено движење, како при вештачка гравитација и се лизна надолу. Последно нешто што стасав да забележам беа квадратните конструкции од лансирните рампи и огледалата на двата мрежни радиотелескопи, најверојатно издигнати на неколку нивоа. Нешто ја запре капсулата, со еден ужасен звук од амотризиран удар на метал со метал, нешто се тргна под мене и металната капсула во којашто се наоѓав, со непрекинато бревтање, го заврши во исправена положба своето сто и осумдесет километарско патешествие.
– Станица Соларис. Нула-нула. Атерирање завршено. Крај – го слушнав мртвиот глас на контролниот уред. Со обете раце (чувствував мало стегање врз градите, а во внатрешноста несакана мачнина) ја дофатив командната рачка пред мене и ги исклучив контактите. Светна зелениот натпис ЗЕМЈА и ѕидот на капсулата се отвори; пневматското легло лесно ме поттурнуваше по грбот, па за да не паднам, морав да направам чекор напред.
Со тивко шиштење, слично на рамнодушни воздишки, воздухот го напушташе вентилот на скафандерот. Слободен бев.
Стоев под еден свод, извишен како наос на црква. По ѕидовите имаше множество шарени цевки што исчезнуваа во тркалезни одводи. Се свртев. Отворите за вентилација бучеа, вовлекувајќи ги остатоците од отровната атмосфера на планетата, што влегле за време на атерирањето. Празната капсула, божем распукнат кожурец се наоѓаше на влезот во металната сферична конструкција. Челичната надворешност се здобила со боја на ’рѓа. Тргнав по благо накосената платформа. Понатаму, врз металот, допасуван слој рапава пластика. На некои места се излижала до самиот метал, онаму каде што вообичаено се движеле дигалките за ракетите. Активираните вентилатори наеднаш молкнаа, па настана потполна тишина. Беспомошно разгледав наоколу, очекував да се појави некој човек, ама сè уште никој не доаѓаше. Само неонската стрелка, со својата светлина покажуваше кон безгласната подвижна лента. Стапнав на неа. Плафонот на халата, со убава параболична линија се спушташе надолу, преминувајќи во тунелот на ходникот. Во неговата внатрешност се издигаа купишта шишиња на гасови под притисок, контејнери, прстенести падобрани, сандаци, сето натрупано без ред, како било. И ова ме замисли. Подвижната лента завршуваше крај тркалезното проширување на ходникот. Овде владееше уште поголем неред. Под растурените лимени буриња растечена баричка од маслосана течност. Непријатен, силен мирис го исполнуваше воздухот. На разни страни водеа траги од чевли, што изгледа стапнале во оваа леплива течност. Помеѓу конзервите, божем исфрлени од кабините, се тркалаа ролни бели телеграфски ленти, сокинати хартии и ѓубре. И повторно светна зелената стрелка што ме водеше кон средишната врата. Зад неа се протегаше еден толку тесен ходник, во којшто двајца едвај би се разминале. Осветлувањето доаѓаше од горните прозорци насочени кон небото, со сферични стакла. Уште една врата, бојосана бело-зелено како шаховска табла. Затворена. Влегов внатре. Полукружната кабина имаше еден голем панорамски прозорец; во него гореше небото прекриено со магла. Долу, безгласно се поместуваа црните гриви на брановите. По ѕидовите имаше мноштво разотворени шкафчиња. Исполнети со инструменти, книги, чаши со нешто засушено во нив, правливи термоси. На нечистиот под имаше пет или шест механички подвижни масички, меѓу нив неколку фотелји, клапнати, зашто се испуштил воздухот. Само една беше надуена, со наслонот свртен наназад. Таму седеше еден малечок испиен човек со лицето изгорено на сонце. Кожата со пластови му се лупеше од носот и јаболчиците. Го познавав. Ова беше Снаут, што го замени Гибариан, кибернетичарот. Во свое време имаше објавено неколку прилично оригинални статии во „Соларистичкиот алманах“. Уште никогаш не сум го видел. Имаше облечено кошула со квадратчиња, на градите низ петлиците, му излегуваа сивите влакненца по сувите гради и платнени панталони, што којзнае кога биле бели, сега дамкосани на колената и изгорени од реагенси, со многу џебови, како на мајстор. Во раката држеше една пластична круша, од оние од коишто се пие на бродовите без вештачка гравитација. Гледаше во мене како погоден од некаква заслепувачка светлина. Од прстите, што попуштиле, му испадна крушата и потскокна неколку пати како балон. Од неа се излеа малку од проѕирната течност. Пополека сета крв му ја снема од ликот. Премногу бев изненаден за да пуштам глас, а оваа сцена на молк траеше, сè додека врз него, на еден непоимлив начин, не се пројави страв. Направив чекор. Се стутка во фотелјата.
– Снаут… – шепнав. Се стресе како удрен. Гледајќи во мене со неискажлив ужас, прокркори:
– Не те познавам, не те познавам, што сакаш…?
Истурената течност бргу испаруваше. Почувствував мирис на алкохол. Пиел? Бил пијан? Ама зошто ли толку се плашеше? Уште бев застанат насреде кабината. Со слабост во колената, а во ушите божем имам памук. Допирот на подот под стапалата уште ми доаѓаше како нешто несигурно. Зад сферичното стакло на прозорецот рамномерно се движеше океанот. Снаут не ги спушташе од мене крвјосаните очи. Стравот се повлекуваше од неговиот лик, ама од него не исчезнуваше неискажливото гнасење.
– Што ти е… ? – прашав полугласно. – Болен ли си?
– Се грижиш… – рече придушено. – Аха. Ќе се грижиш, а? Ама зошто за мене? Не те познавам.
– Каде е Гибариан? – запрашав. За миг остана без здив, очите повторно му станаа стаклести, нешто во нив се запали, па се угаси.
– Ги… Гиба… – простенка – Не! Не!!!

Се стресе во нем идиотски кикот што наеднаш стивна.
– Си дошол кај Гибариан…? – рече скоро мирно. – Кај Гибариан? Што сакаш да му сториш?
Гледаше во мене, божем за него, одеднаш сум престанал да претставувам опасност; во неговите зборови, а уште повеќе во нивниот тон, имаше некаква нереална опсесија.
– Што зборуваш ти… – пропелтечив придушено. – Каде е тој?
Се стаписа.
– Не знаеш…?
Пијан е – си помислив. Пијан до бесвест. Ме опфати силен гнев. Всушност, требаше да излезам, ама моето трпение заврши.
– Освести се! – вреснав. – Од каде да знам каде е, само штом сум слетал, само штом сум слетал! Што станало со тебе, Снаут!!!
Вилицата му висна. Повторно, за миг остана без здив, ама некако поинаку, нагол блесок се појави во неговите очи. Со растреперени раце се фати држачот на фотелјата, со тешкотија стана, дури и нозете му се стресоа.
– Што? – рече скоро трезен. – Си долетал? Од каде си долетал?
– Од Земјата – одвратив бесно. Може си слушнал за неа? Изгледа, дека не!
– Од Зе… широки Небеса… тоа си ти – Келвин?!
– Да. Зошто така гледаш? Што има овде чудно?
– Ништо – рече, бргу собирајќи ги веѓите. – Ништо.
Го протри челото.
– Келвин, се извинувам, ништо не е, знаеш, едноставно, изненадување. Не очекував.
– Како тоа не си очекувал? Всушност, добивте известување пред месеци, а Модард телеграфираше уште од кабината на „Прометеј“ …
– Да. Да… сигурно, само гледаш, овде владее извесен… хаос.
– Се разбира – одвратив суво. – Тешко да се забележи.
Снаут ме заобиколи, божем го проверува изгледот на мојот скафандер, најобичен на светот, со сплет на доводи и кабли на градите. Се закашла неколку пати. Си го допре ковчестиот нос.
– Може сакаш да се искапеш…? Добро ќе ти дојде – сината врата од спротивната страна.
– Благодарам. Познат ми е распоредот на Станицата.
– Може си гладен…?
– Не. Каде е Гибариан?
Појде до прозорецот, како да не го слушнал моето прашање. Свртен со грбот, изгледаше многу постар. Кусо острижаната коса му беше сива, вратот изгорен од сонце, изразити брчки длабоки како лузни. Отаде прозорецот блескаа гривите на брановите што се издигаа и се спуштаа, толку пополека, божем океанот самиот си се крепи. Гледајќи во него се стекнуваше впечаток дека Станицата малку се поместува настрана, божем лизга од невидливата основа. Потоа се враќаше во нормала и исто така, мрзливо се навалуваше на другата страна. Ама ова, веројатно беше заблуда. Слоеви лигава пена со боја на коска се собираа во длапките меѓу брановите. За миг во слепоочницата почувствував притисок што ме замајуваше. Совршениот ред во кабините на „Прометеј“ ми се чинеше нешто бесценето, отидено во неповрат.
– Слушај… – неочекувано се одѕва Снаут – само, јас моментално… – Се сврти. Ги протри нервозно рацете. – Ќе мораш да се задоволиш со моето друштво. Засега. Викај ме Стаорец. Ме познаваш само од фотографија, ама ништо за тоа, така ме викаат сите. Се плашам дека нема спас од ова. Па најпосле, штом некој имал родители со толкави космички аспирации како моите, дури она Стаорец и ми прилега, колку-толку…
– Каде е Гибариан? – со упорност уште еднаш го зададов прашањето. Промрмори.
– Жал ми е дека вака те пречекав. Ова… не е само моја вина. Сосема заборавив, овде многу нешта се случија, знаеш…
– Оф, добро – одвратив. – Пушти. Што е со Гибариан? Не е во Станицата? Летнал негде?
– Не – одврати. Загледан во аголот натрупан со макари кабли. – Не е одлетан никаде. И нема да одлета. Токму затоа… меѓу другото…
– Што? – прашав. Ушите уште ми беа затнати, па ми се чинеше дека послабо слушам. – Што треба да значи ова? Каде е тој?
– Ама знаеш веќе – рече со еден сосема поинаков глас. Со студен поглед директно во очи, трпки ме полазија. Може да беше пијан, ама знаеше што зборува.
– Да не се случи…?
– Се случи.
– Несреќен случај?
Кимна глава. Не само одобрувајќи, туку и потврдувајќи го она што го реков.
– Кога?
– Денес на осамнување.
Чудна работа, не се потресов. Сета оваа размена на куси прашања и одговори, со својата концизност, во голема мера, како да ме смирија. Ме се чинеше дека го сфаќам неговото претходно недоветно однесување.
– Како?
– Пресоблечи се, среди си ги работите и врати се овде… за… да кажеме еден час.
За миг се двоумев.
– Добро.
– Чекај – рече додека се вртев кон вратата. Ме гледаше на некој особен начин. Согледав дека она што сака да го каже не му излегува од уста.
– Бевме тројца и сега со тебе, пак сме тројца. Го знаеш Сарториус?
– Како и тебе, од фотографија.
– Горе е во лабораторијата, па не претпоставувам ни дека ќе излезе оттаму, пред да падне ноќ, ама… во секој случај ќе го препознаеш. Ако здогледаш некој друг, ме разбираш, не мене ниту Сарториус, разбираш, тоа…
– Што тоа?
Којзнае, да не сонувам. Врз црните бранови со крвав отсјај од сонцето, што беше паднало ниско, седна во фотелјата со спуштена глава како и претходно и посматраше настрана, во макарите кабли.
– Тогаш… ништо не прави.
– Кого можам да го видам? Духот?! – избувнав.
– Разбирам. Мислиш сум полудел. Не. Не сум полудел. Не умеам да ти го кажам ова поинаку… засега. Па дури и да можам… ништо нема да се случи. Во секој случај, памети. Те предупредив.
– За што? За што зборуваш?
– Контролирај се – упорно си стоеше на своето. – Однесувај се како… биди спремен на сè. Не е можно, знам. И покрај сè, пробај. Ова е единствениот совет. Друг немам.
– Ама ШТО да видам!!! – скоро викнав. Одвај се воздржав да не го грабнам за рамената и убаво да го стресам, додека си седеше така загледан во аголот со измаченото лице изгорено од сонце и со видлив напор, од себе цедеше одделни зборови.
– Не знам. Во извесна смисла тоа зависи од тебе.
– Халуцинации?
– Не. Ова е – реално. Не… напаѓај. Памети.
– Што зборуваш ти?! – се одѕвав како некој туѓинец.
– Не сме на Земјата.
– Политериа? Ама тие воопшто не се слични на луѓето! – извикав. Не знаев, што да правам за да го оттргнам од она зјапање, низ коешто успеваше да одгатне некаква бесмисленост од којашто се леди крвта во жилите.
– Токму затоа е толку страшно – рече тивко. – Памети: држи се настрана!
– Што се случило со Гибариан?
Не одговори.
– Што прави Сарториус?
– Дојди за еден час.
Се свртев и излегов. Отворајќи ја вратата го погледнав уште еднаш. Седеше со лицето в раце, мал, стутулен, со нечисти панталони. Дури сега забележав дека на глуждовите од обете раце има скоравена крв.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Станислав Лем
Киберијада
Книга на месецот април е Киберијада од Станислав Лем, објавена со поддршка...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *