ОД ДНЕВНИЦИТЕ НА ТЕТА ВЕТА

Има јоште да се каже за Тумбу, ама за сга е доста.

Јас и покојна Драга много жалевме за нашу родну куќу. Која беше пространа и голема. Двор голем, калдрма од влезна порта до капиџик. Друг дел на двор со насадени дрвја и леи со цвеќиња. Од дрвја: три црници раѓаа бели, крупни бубинки, много слатки, две кајсии од кои една благосемка, две јаболки, три праски, две до три сливи џанки, неколку вишни со ниски стебла, а разгранети круни што даваа многу крупен и поблаг плод. Неколку леи разни цвеќиња кои ги имавме од рана пролет па се до доцна есен, како божур црвен четворен, лалиња шарени, жолти и црвени, кандилки, бели, розови, црвени, серско цвеќе (хризантема)…
Куќата имаше излез на две улици. Од мал капиџик излегувавме на една улица, а од спротивната страна, од големата порта, на друга. Додека беше жива мама, ништо не сакаше да продава, така и беше. На горниот крај од дворот, на десна страна, имаше бунар, до него сопче, па мутвак со оџак, убаво изграден. Покриено со кров во продолжение, такозвана стреа, кога врне дожд или снег да се заштитиме. Во мутвакот покојна мајка во голем котел грееше вода, а и ни правеше ручкови – месеше леб, разни пити што ние деца потоа ги носевме во фурна. Имаше и специјален прибор од плех за печење кафе што остана таму.
Во тоа време Куманово е било градче со тесни сокачиња, калдрмисани од камења. Куќички приземни, некои приземни со еден кат. Жителите беа ѕидари, бунарџии, циглари, ковачи, бербери, опиничари, рогожари, плетари, ќумурџии, самарџии, папучари, ќурчии за штавење на кожа, фурнаџии. Имаше мајстори за правење налани од дрво. Некои беа калајџии, казанџии, лимари, шивачи, бозаџии, шекерџии. Имаше ги јошта, за сга е доста!
Од селата, на пазарен ден, од четврток до недела, доаѓаа кај Тумбу куде четири бандере селани, некои со коњи натоварени со вреќи полни со вуна, перена и неперена. Некои со магариња што на самар носеа ќумур и дрва помали и потенки, а со воловска кола дрва долги и дебели. Носеа планински компири, многу вкусни, како да јадеш костени, зрна од оберен мумуруз, кокошки. На Тумбу имаше и пиљарници, каде што се продаваа разни зеленчуци и овошје, највише лубеници. Еден пиљар што се викаше Навко беше многу дебел, не му стигаа две столици да седне, ама имаше најубав бостан.
Штом нешто продаде, селанецот одеше по дуќани да купи што му треба за дома. На пример, гас, сол, брашно, црвен пипер, опинци, ќунци, вршник, тепсија, јажиња, секири, тесла, сапун за прање и миење. Кога ќе ја завршеа таа работа, наминуваа во ашчиница нешто да каснат и да сркнат чашка ракија или винце. Ама понекад, место на купување, тие прво во ашчиница, па таму ќе се запијат и ќе заборават што треба да купат за дома. Така еден пијан Петко заборавил се, па дури и дека земал две вреќи за воденица да ги наполни со брашно, една со пченично, друга со ржано, па на празно магаре, без вреќи се вратил во село. Кт га видела Крстана, турила руке на половицу и почнала да го кара. Силно викала абре слепцу, корчо, камо ти мангал не само за правење манџи, од њега ќе ни е вруќа одаја? Камо ти тава у коју ќе пржу кромид за чорбу? Што не си купил лубенче, бозу? Камо ти две вреќе што ги однесе на воденичара, да не си гу забравил у воденицу? Петко мужу за ништо не те бива!
Има јоште да се каже за Тумбу, ама за сга е доста.
Да продолжам со раскажување за наша родна куќа. Кога ќе се влезеше во нашата куќа, по качување на неколку камени скали со ограда од убаво изработени штички се стапнуваше на едно чардаче со праг. Од десна страна на чардаче имаше одајче со две пенџериња. Таму јас и покојна Драга често седевме и си муабетевме и низ крошните на дрвјата гледавме кој минуваше по сокакот. Ако здогледавме некој познат или позната, ќе го поздравевме и ќе го викневме, ако има време, да дојде во дворот да седнеме под сенка или под лозница. Од пенџерето се гледаше и Матејачка планина, дури ноќе и оган што го палеа скаутите кои таму беа на излет.
Кт бесмо помали ќе седнемо вечерно време на наш чардак и ќе почнемо да ги поеме песми што сме ги слушале. Мие поемо, а одалеко одкуда Средорек ги слушамо жабе куде крекав. Реки Којнарка и Липковска беа многу чисти, се гледаа каменчиња и песок, вода бистра како слза. А сга што гледаме у њија: тиња, ѓубре… Куде се саставуев, тече Кумановска река, туј е имало неколку воденици за мелење пченично, ржано, мумурузно брашно, сга нема ниедна, само куда Проевце имало една. Јас водев еден пут ученици да видив како се меле и од зрна излегува брашно. Минало доста време, може и тај гу нема.
По мамина смрт, дојде чичко Александар и ме праша дали може да продаде три простории на горниот спрат од куќата. Ги продаде на едно семејство што си додаде уште некои сопчиња и што и ден денеска таму живее. Со нив јас и покојна Драга добро се согласувавме додека бевме таму. Имаа две машки помали деца, кои си играа во дворот, додека родителите им беа на работа. Братчињата често се тепаа и се псуеја со лоши пцости. Кога Драга од горе ќе им викнеше да престанат, тие ништо не одговараа, само замолчуваа.
Едно лето, кајсијата благосемка роди многу плодови. Ја повикавме комшивката да ни помогне и таа и нејзините две синчиња ги узбраа сите кајсии. После таа направи слатко и ни донесе една тегла за нас.
Така јас и Драга ги чувавме добрите односи со новите комшии. Останавме да живееме во приземјето и на горниот спрат во нашето одајче со две двокрилни пенџериња, за да можеме да гледаме во дворот со расцутени дрвја.

woods-1072819_960_720

* * *

Чичко Александар од Скопје често не посетуваше во нашата куќа. Еднаш се симна во големата, темна и долга визба во која што уште дедо ни Прокопие оставил разни работи. Некои ламби, бисаги, два кантари, еден голем, еден мал, што служеа за мерење брашно, голема бочва за вино, запустена справа за сечење дрва на потенки и покуси дрва, друга справа за тепање инсекти тафтабити, што и сега ги има насекаде, не само по куќи, туку и по хотели…
Сга ќе се врату кт чичо ми улегнал у избу. И видел га котленце што га носил татко му у цркву кт се крстила вода. У њега ќе донесе крстену воду да пиев свите.
Кога го виде котленцето, чичко Александар многу се возбуди. Го изнесе од визбата и не замоли да му го дадеме да го калаиса кај комшија Коце кој живееше неколку куќи од нас и калаисуваше тепсии и котлиња. Го однесовме котленцето кај него, тој го калаиса и го направи многу убаво. Чичко си га однесе у Скопје, сга га чува сигурно неговиот внук што има исто име, Александар Прокопиев.
Во нашето маало имаше и еднокатна турска куќа каде живееше чичко Ељмаз со своите неколку сина и снаи. Од нивниот двор излегуваа на сокакот од една вратичка, жените цели забулени, не им се гледаше лицето, а од големата порта одеа со воловска кола на нива. Ељмаз како најстар во семејството си седеше пред капиџичето на клупа и си пиеше цигари. Кога ќе поминеше некој познат, ќе седнеше до него, ќе испиеше неколку цигариња и ќе си заминеше.
До куќата на чичко Ељмаз се наоѓаше влашката куќа на тетка Лефта и син и Васил Иљовски. Тој работеше како професор во гимназија, предаваше српски и бараше од учениците да му ги прераскажат прочитаните книги. Има напишано многу гледана пиеса на прав кумановски език, “Ленче Кумановче”. Жена му Елица предаваше фискултура.

* * *

После војната, кога се ослободи Македонија, требаше да се подготват учители кои ќе предаваат на македонски јазик. Додека на учениците им дадоа распуст, ние посетувавме курс во Учителското школо во Скопје. Во исто време, одевме по селата да ги запознаеме децата дека ќе учат на македонски.
Мене и мојата другарка, покојна Нада, не викнаа во Крива Паланка, за да оттаму не испратат во село, а не водеше еден младинец со натоварен коњ. Најпрвин одевме по рамнина, потоа кога почнавме да се качуваме угоре, не фати умор. Околу нас густа шума со високи дрвја, се уште неразлистени, но со пројавени пупки по гранките. Нигде чистинки, само шума и патчето што се качуваше во висина, се симнуваше во долина…
Во селото Нерав стигнаме уморни, кога веќе се стемни, само Месечината ни го осветлуваше патот. Не сместија во една голема одаја – околу нас сите легнати и позаспани, ни направија место, па и ние некако заспавме. Утредента младинецот со коњот не поведе кон школото, мала, ниска куќа покриена со камени плочки. Младинецот ни отвори: ходниче, од лева страна сопче, внатре астал, две столици, шпорет, сламарица врз која ја наместивме нашата постелнина што ја донесовме од дома. Имаше и едно долапче со кое порано се служеле поранешните учители Црногорци. Влеговме во училницата, исто така малечка просторија, со неколку трупчиња, две стари клупи и една троножна табла. Дојдоа од селото да не поздрават оние кои беа одговорни и при тоа ни кажаа дека селото ќе не храни.

* * *

После дојдоа и децата, облечени во конопени алишта, со торби на рамо и во нив табличка, сунѓерче и креда за пишување. Јас држев часови по македонски, а мојата покојна колешка Нада по математика. Во почетокот, ги учевме на најосновните работи: секое сабајле да се измијат, да се исчешлаат, да се најадат и на време да тргнат на училиште. Потоа, да не притискаат со кредата врз таблата и да не се приближуваат премногу со главата до таблата. Јас прва на
секоја ученичка и ученик им напишав една права црта од горе па надоле, a потоа тие ги испишаа цртичките на целата табла. Одев од еден ученик до друг, погрешните цртички ги бришевме, па потоа пак ги испишувавме. Пиши, бриши, пиши, бриши, и со креда и сунѓерче ги научија и првите букви од азбуката – а,б,в,г,д,е,ж.
Меѓу часови имаа мали одмори, да си потрчаат надвор пред школо, да се напијат убава студена вода од дрвеното чешмиче, па потоа пак на час. Пред да тргнат дома, ќе им започнев на табличките што треба да напишат за домашно, па ќе се испратевме до утре.
А пиејќи ја таа студена планинска вода, јас и покојна Нада осетивме болка во гради, а после не фати и грозница. На кола со впрегнати коњи што служеа за храна за војска не пренесоа во Куманово кај доктор Божидар Христов. Не утеши дека не е ништо сериозно, сме фатиле добра настинка од нагло пиење на планинската вода. Одлежавме два дена и пак назад, со кола, за Нерав.
Еден ден не водеа на ручек на бачило. Таму пиевме млеко измолзено од овци и леб со урда. Потоа избраа една овчарка која пред стадо овци и овчарски кучиња покрај нив, не одведе до пасиштето, доста далеку од бачилото. Таму видовме други стада овци, по цело лето беа на испаша под ведро небо.а кучињата и овчарите ги чуваа.
Никогаш не сме пожалиле на храната. Често во рерната од шпоретот ќе испечевме слатки планински компири, а селаните ни носеа свежи, вкусни производи.
Деновите минуваа, јас ги учев учениците колку што можев за тоа кусо време, зашто веќе од Управата ни стигна наредба да направиме список на деца од селата Нерав и Герман кои треба да појдат во школо во септември 1945 година, кога започнува учебната година. Повторно со нашиот младинец и неговиот коњ се спуштивме до Паланка со цел да го предадеме списокот. Таму го зедовме нашиот багаж, му се заблагодаривме на младинецот што се измачи околу нас и после два дена се вративме дома, во Куманово.

bench-560435_960_720

* * *

Јас и покојна Драга много жалевме за нашу родну куќу.
Еден ден чичко ми Александар ни кажа дека треба да го продадеме и другиот дел од куќата и да се преселиме во стан, зошто, ни објасни, така е подобро и за нас, и за сите. Не извести дека во Скопје треба да се состанеме со сестра ми Наде и покојни брат Михајло и заедно да одиме во “Стопанска банка”. Таму на сите во црвени книшки ни набележија колку сме добиле од продадената куќа. Така се продаде нашата куќа, со наше одобрение.
И така, јас и покојна Драга се вселивме во новиот стан, во зграда, на први кат. Стан број 2. Комшии ни беа: во стан бр.1 – Војо, во стан бр.3 – Бубе Пурка со семејство, во стан бр.4 – Боро со синот и снаата Цвета. Сите беа пристојни, само Бубе беше некако малку чудна. Ама Диче, Бубин маж, ни поправаше разни работи по станот, јас, да не му останам должна, секогаш го прашував колку да му платам, тој не сакаше ништо. Јас пак ќе му купев цигари, кафе или сок, пиво, да не е без ништо. Така, еден ден Диче ни поправаше осветление за ѕид во купатило, кога дојде Бубе нешто да му каже, а јас не им обраќав внимание, зашто бев нешто зафатена во кујна. Потоа таа си замина, а подоцна и Диче штом ја заврши работата. Јас тогаш вледов во купатилото да пробам како свети, кога гледам долу го нема тркалото од лимената цевка. Отидов, зазвонив, ми отвара таа, велам ми го нема тркалото од лимената цевка. Ништо не одговори, отиде во шпајз, се врати со две тркалца од друг матерјал, па без збор влеговме кај мене во купатило и почна да ги мести. Откако ги намести како нема излезе и се врати во нејзиниот стан. Пак продолживме како ништо да не е било.
Ама после се случи она со белата калиева печка. Иако кога и порасна синот Владо, со него работев и му помагав во учење, од прво до четврто оделение, доброволно, без пари.
Јас се уште предавав во училиште, се до 1979., кога заминав во пензија. Одев на пазар, купував за јадење што ни треба, а покојна Драга готвеше. Во слободно време таа излегуваше на терасата од станот и таму си наоѓаше работа: нешто ќе крпеше, ќе плетеше од волница парчиња, ги составуваше и правеше од нив прекривачи. Од 1972 -та, кога се преселивме во станот, до 1979, таа можеше да излегува од станот, да се прошета низ градот и да се врати дома. Но 1979 година, како свежа пензионерка, летно време отидов во Скопје. Драга зела да пере некои работи и кога ги постелела на тераса, се лизнала и паднала на болната нога. Ме викнаа по телефон и веднаш се вратив во Куманово, па на хируршко во болница, и дадоа инекции против болки. Покојна Драга и натаму правеше ручеци, ама почна многу потешко да се движи, без да може да излегува надвор.

* * *

Сега сум стара и неподвижна, оти и јас, како и покојна Драга, паднав во кујна, си ја скршив десната нога и сега се движам со помагало. Таква ни е судбината иако на никого не сме згрешиле. Благодарам на Биле, добра домаќица, па и предобра, што се најде покрај мене. Таа е мила и поштена, знае да цени стари и немоќни. Цело домаќинство е во нејзини раце, освен тоа е медицинска сестра. Нејзиниот маж Кире, и тој е многу добар, пазари кога е слободен, купува се што ми треба. Денеска нема многу такви млади какви што се тие. Само да се живи и здрави.
За да се движам со помагало околу станот ми помага едно младо момче – Синиша. Тој завршил школо по таа струка и два пати неделно доаѓа да ми ја масира десната нога половина час, па потоа и левата. Правевме вежби колку да можам да ги извршам моите најпотребни работи. Се сеќавам дека и мојата покојна Драга кога се движеше со столица, правевме ручоци, излегувавме на тераса и таму си наоѓаше занимање. Ни доаѓаа стално Бубе и Цвета на кафе и цигара. Кога ќе се пожалевме, тие само рамнодушно не слушаа како тоа да не е ништо за нив.
Такви се понекогаш и луѓето за кои мислиш дека ти се блиски. Рамнодушни. На 21.8. 2006 година и испратив писмо на мојата комшивка од стан бр.3, Бубе Пурка:
“Пред неколку години дојде ти со синот Драган и ми ја побара калиевата печка. Таа беше во форма на квадрат, нова, бела и исправна, само долу каде се чисти пепелта беше нешто малку откачено, што можеше лесно да се поправи. Печката ти ја дадов доброволно, со тоа да ми ја вратиш кога ќе ми биде потребна. Оттогаш таа печка е неколку години кај тебе, месец и повеќе ја барам да ми ја вратиш, ти за тоа не сакаш ни да чуеш, озгора ми се лутиш. Нафтената печка ќе ја изнесам во ходник, ако сакаш земи ја, ако не, ќе ја дадам на чистачката. На местото каде беше нафтената, ќе ја ставам белата калиева печка, што не ви ја дадов на поклон или ви ја продадов, туку ви ја позајмив само за услуга. Има за што да разговараме, само не со висок тон и кревање раце, полека, без узрујавање. Во самиот разговор ќе видиме кој е во право, јас или ти”.
По втор пат ја побарав печката на 6.9.2006. Ама ништо не ми одговори. Ја присвои печката и како да ја украде со фин, подготвен план. Значи знаат како да присвојат туѓо. Такви се денес луѓето.
Во мое време имаше во Куманово голем турски амам. Внатре, каде се бањавме, се беше од мермер. Таа убавина не можам да ја заборавам. Пред ручек бањање за жени, а по ручек за мажи. После, некој се направи паметен и го растури амамот. Каде исчезна мермерот, во чии куќи се однесе?

ruins-962314_960_720

* * *

Тета Вета, Елисавета Прокопиева, почнала да ги запишува своите сеќавања, така самата забележала, во почетокот на 2006-та, на 87 годишна возраст. Двете училишни тетратки, исполнети со старински, но читок ракопис, ги добив по една неодамнешна промоција во Куманово и веднаш почнав да ги прегледувам. Се обидов од овие живуркави, но збркани приказни да извлечам
Инаку, иако семејната историја на ќерките на батко Ѓорѓија ме инспирираше за расказот “Тетки”, тета Вета во магла ја паметам, од неколкуте посети на Куманово со дедо ми Александар кога бев малечок, како една од трите тетки кои живееја во старата семејна куќа. Или можеби тоа беше некоја друга од тетките?
А на калаисаното котленце што дедо Санде го земал за мене, не се сеќавам. Се симнав во подрумот да пребарам меѓу старите, отфрлени предмети.
Такво нешто тражи, тражи, ама не мога да га најду.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
СЛИКИ OД САКСИЈАТА
Кон збирката хаику „Штурецот во саксијата“ од Драган Ј. Ристиќ
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *