Кротките души ја кријат најголемата болка

Кротка е приказна за изгубената љубов, за краткоста на бракот прекинат од лабилна одлука, таа е ретроспектива за прокоцканите можности, за неверството и (не)верувањето. Кротка е претстава за гордоста, пркосењето на нормалното, за спомените и чувството на сепарација (духовна и материјална).

За театарската претстава „Кротка“
Текст: Ф. М. Достоевски
Режија: Дејан Ангелов
Сценографија: Никола Пијанманов Музика: Ставре Ангелаков
Ко-продукција: ЗГ „Култ – Транзен“ & НТ „Антон Панов“ Сцена 112, Струмица

Затоа што е тешко да се биде во матрицата на Достоевски, затоа што е ужасна судбина да се биде еден од неговите ликови, затоа што болката е загарантирана и неспорно жената е неминовна можност за страдање:

„Зашто жената – тоа ти е брате, ѓаволот знае што е, барем нив добро ги познавам! Само обиди се пред неа да ја признаеш сопствената вина: ‘Виновен сум’, – речи – ‘прости ми, извини’ – ќе ти упати цел порој префрлања. Воопшто таа нема да ти прости веднаш и просто, туку ќе те понижи како крпа, ќе ти го нареди и она што не било, сѐ ќе земе, ништо нема да заборави, дури и ќе додаде нешто свое, и дури тогаш ќе ти прости. И тоа најдобрата, најдобрата меѓу нив! Ќе ти истружи сѐ што може, потоа сѐ ќе ти натовари на главата – во нив се крие некакво мршојадство, во сите до последната, во тие ангели, без кои не можеме да живееме.“

А тие, жените, привид на ангели, секогаш во себе го кријат (ли) демонот(?!), се протнуваат (ли) во сите мали и големи моменти на преиспитување, вредеше ли да се љубат и колку сме крути, себични и исплашени тогаш кога ги нема. Во таа насока би сакал да започнам да пишувам, а би можеле првично да ја проследиме монодрамата „Кротка“ на здружението Култ – Транзен“ во соработка со НТ „Антон Панов“. Тие по долго време вратија на сцена една сериозна драмска тежина, во која Стојан Велков Трн маестрално ги вклопил сите негови актерски потенцијали.

Кротка е приказна за изгубената љубов, за краткоста на бракот прекинат од лабилна одлука, таа е ретроспектива за прокоцканите можности, за неверството и (не)верувањето. Кротка е претстава за гордоста, пркосењето на нормалното, за спомените и чувството на сепарација (духовна и материјална).

Стојан Велков Трн има изградено лик во кој постои целосно течение на емоциите, независно од тоа дали си игра со емоциите кои ја откриваат длабочината на човечката психоза или пак ја обојуваат тишината со детали од животот кој трепери пред судбоносниот камен. Различните психолошки состојби, нивната кохерентност и избалансираност со нарацијата која открива детали од профилираните (внатрешни) протагонистички судири прават новелата на Достоевски да започне еден сосема различен живот, независен од оригиналниот, адаптиран со современ призвук и вид, ослободен од класичното театарско сиже, а сепак трнливо, невообичаено, без наметнати нормативи. Трансформациите во неговото сеприсуство, моментите на присуство на неговото алтер его, отсуството на “здрава мисла“, дали животот е најголемиот залог кој може да се стави во хазардна дилема, вреди ли да се прокоцка недопреното, сето тоа во актерската целина, без претерани манифестации Стојан Велков Трн го пласира пред публиката во еден здив, со ритам кој го држи будно вниманието на гледачите во секој единствен, засебен момент. Се сеќаваме ли на луѓето кои ни недостигаат преку нивните реликвии, имаат ли тие приказна независна од реалноста и постоењето, дали има во нас трошка толеранција на духот?

Успешно реализиран режиско-сценски минимализам, во кој сите режиски клучеви и сценски решенија функционираат во нагласувањето на актерската игра. Сите оставени симболи го надоградуваат театарското дело, па така моноспектаклот „Кротка“ ни нуди повеќе можности за анализа.

Професионалниот спој на концептуалното со траги-фарсата на Стојан Велков Трн му отвора слободен простор во кој ќе се покаже повеќеслојниот, комплексен карактер, себеанализата бавно ни ја гради претставата за тоа што тој во себе носи (крие) и основното премислување на состојбите од повеќе аспекти, а амбиенталниот траор и тишината го оставаат гледачот во грч. Прекршувањето на вистините (колку се и дали е тоа само една) и реалноста (како таква) ја прават оваа постановка тревожна. Ароганцијата не е за сите, внатрешното преиспитување на позициите, односот со себе и со другоста во себе, имаме ли потреба од себеказнување… Асоцијативноста е овде крик за изгубениот живот, катарза.. Сопнувањето на каменот е видлив, шокантен доказ за карактерната несигурност и непредвидливост.

Зошто ли „Memento mori“ и зошто да бидеме сведоци на несреќа? Зарем сакаме да ја посведочиме сета болка на светот преку лично преживување на смртта? Тоа можеме само еднаш, зарем не?! И зошто ли се втуркаме во смртта со икона во рака? Зарем тоа не е уште еден контрапункт, дали е тоа правилно, ќе бидеме ли прифатени од Бог, иако судот сме го донеле сами? Се плашиме ли доволно од самите себе и нашиот луденс, дали трагедијата е нашиот излез од чистилиштето, дали лифтот на судбината ќе нè носи нагоре или надолу? Прагматичното следење на кршливоста на човечкиот дух нè тера одново да ги промислуваме движењата и дали остана нешто неискажано, недокажано. Кревки сме, сè повеќе се оддалечуваме и полесно е да кажеме што нè дели, отколку што е она кое ќе ни донесе духовен спокој.

Во овој случај, сценографијата на Никола Пијанманов извонредно го доловува времето, атмосферата, светлината (темнината), црковната амбиенталност и сакралност, има ли финална мисла која ќе ни помогне да ослободиме сѐ? Прозорец на домот или портал кон вечноста, кон ослободувањето… Остана ли уште да се изоди или тоа беше крајот, всушност, дали стануваме свесни колку некој ни значи кога вистински ќе го изгубиме? А телото е овде, заледено, мумифицирано во нашите глави, изложено во целата негова светост, иако празно, безживотно. Се вртиме кон иконите и светците секогаш кога нè јаде стравот, секогаш кога знаеме дека сме згрешиле, секогаш кога свесно (се) повредуваме. Бракот е само за најхрабрите. И љубовта.

Отворениот микрофон (open mic) е маестрално решение кое режисерот Дејан Ангелов го користи за да даде една контемпорарна поетичност, модернистички пресек и своевидно доближување на “мислите кои не се слушаат“, па затоа е оправдана контрадикторноста во изнесувањето на елементарните, носечки сцени. Просторот е дизајниран со чистина, декорот и реквизите се таму само заради тоа што се ставени во функција. Целата претстава се бори со чистината, ја има и тогаш кога сме замрсени во карактерниот јаз на протагонистот, во неговата лична борба и страв, за музиката пак, која, иако можеби секогаш е во позадина да ги црта по петолинието на аудиториумот непознатите предели на потсвеста. Експерименталното музицирање на Ставре Ангелаков одлично се вклопува во целиот тој концепт, само тропотот е тој што најгласно одекнува, се додека другата нарација гази нестабилно на тенка жица која во секој момент може да се откине и да настане молк. Флуидно ги прифаќаме тапите звуци, кулминираат тогаш кога на сцената владее мракот, а ние со кандило во рака ја бараме светлината во нас, додека повторно гласот се враќа за да ни каже дека има и полошо. Сенки сме, затоа таа е споредниот лик на сцената, ги разигрува деловите од сцената кои го кријат ѓаволот. Смртта или самоубиството како финален чин за пресврт, која е тенката линија меѓу животот и смртта, зошто кај сите тригерот е различен, зарем мораме сѐ да искусиме на сопствена кожа? Вреди ли материјалното кога длабоко во нас чуваме бездна?

Расклинувањето е болно, нема стигма на дланките, одењето во крајности е клучно решение, директните метафори прав одговор. Нема преглумување, напротив, постои совршен баланс меѓу музиката, сценографијата и комплетноста во актерската игра. Овој тим знаел што сака да донесе на сцена, а сцената, струмичката…?! Таа долго плачеше за вакво дело. Браво екипо, ќе ја гледаме повторно, а зарем има нешто поубаво од тоа да сакаме да ја гледаме повторно?!

Тагови од објавата
Напишано од
More from Митко Гогов
Доаѓаат гласно стегнатите зборови
Со панорамска лежерност, како кај патник што патува низ космичкиот океан, таа...
Повеќе
0 replies on “Кротките души ја кријат најголемата болка”