Сладокусец кој ги лови убавите музички моменти

Ненад Георгиевски скромно откри дека за него слушањето на музика е динамична и смирувачка активност.

Ненад Георгиевски е страствен колекционер на книги и музика, но и главен и одговорен организатор на Фестивалот за музички документаени филмови „Скопје Синема Сити“. Неговата прва книга под наслов „Музика и муабети“ односно Колекција на музички интервјуа се текстови создавани во текот на 15 години, објавувани во повеќе весници, списанија и веб-страници во светот.
На промоцијата на книгата, која се одржа во рамки на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ во Кинотека, Ненад Георгиевски скромно откри дека за него слушањето на музика е динамична и смирувачка активност и дека го обожава чинот која тој процес е предизвик, и интелектуален и емотивен. Интервјуата се еден вид на фотографии, сликовити моменти преку кои се претставува размислувањето на тој што е интервјуиран за одредена тема и случувања.
Желбата да му поставам неколку обични прашања го израдува. А една ваква книга вреди да се има на полицата од сечиј дом.

ВО СВЕТОТ НА МУЗИКАТА, КАКО ДЕЛ ОД КУЛТУРНИОТ КОД НА СЕКОЈ НАРОД, СМЕ НЕВИНИ. ЗА ВАС МУЗИКАТА Е РЕВОЛУЦИОНЕРЕН ЧИН ИЛИ ОГЛЕДАЛО НА ОПШТЕСТВОТО?
И едното и другото. Од една страна музика ги отсликува состојбите во едно општество, претставува негово огледало не само за интересирањата или музичките достигнувања туку и за состојбите во едно општество. Живееме во еден контроверзен период кој се одразува на квалитетот не само на културната понуда туку и на квалитетот на животот. Сега е доба на рецесија и музиката која се создава го отсликува тоа. Истовремено, по медиумите се форсира турбофолк со својот лажен и празен сјај што од своја страна се рефлектира во обидот да се придуши незадоволство кај народот со помии. Затоа и создавањето квалитетна музика која и не мора да им се допадне по секоја цена на широките народни маси е револуционерен чин. Стоењето цврсто на своите позиции за тоа што е добро или лошо секогаш се рефлектира кај она што го создавате, пишувате, правите.

music-278795_1280

ВАШАТА КНИГА ОПФАЌА 40 ИНТЕРВЈУА ОД РАЗЛИЧНИ СВЕТСКИ МУЗИЧАРИ, СОЗДАДЕНИ ЦЕЛИ 15 ГОДИНИ. ДАЛИ МОЖЕ ДА ИЗДВОИТЕ НЕКОЕ СПЕЦИФИЧНО ИСКУСТВО?
Сите овие разговори се специфични искуства. Двајца соговорници што не се познаваат се среќаваат за првпат и преку разговор се дискутираат разни теми. Сите тие разговори се мисли преточени во печатена форма и со тоа размислувањата стануваат јавна сопственост. Интервјуата се искуства од прва рака, лице во лице. Многу често, тоа што доаѓа до еден читатател или слушател се информации од трета, четврта рака и ова е можност да се добие информација од прва рака, од изворот. Се разбира, многу од овие интервјуа се правени во различни земји во различни услови и доаѓањето до овие луѓе како и разговорите се мали авантури. За мене лично, тие разговори го продлабочуваат чувството што го имам за делата на соговорниците. Преку интервјуата постои можност да се откријат многу детали кои нема да ги сретнете на друго место. Затоа книгата со сите тие интервјуа има за цел не само да забавува со содржината, туку и да информира и едуцира.

КАКО ПРОЦЕС, САМИОТ КОНЦЕПТ НА СОЗДАВАЊЕ ИНТЕРВЈУ СО НЕКОЈА ПОЗНАТА ЛИЧНОСТ Е ПРЕДИЗВИК. КОЛКУ ПРАШАЊА СТЕ ПРЕМОЛЧИЛЕ?
Се зависи од тоа колку време сте добиле за разговор. Честопати се случило средбите да бидат многу кратки. Тогаш ќе си направите проценка кои од прашањата ви се поважни за целокупната приказна која ќе се открие преку интервјуто. Некогаш се случило да одобрат 5 минути разговор кој потоа се проширил на 45. Еден новинар ќе познаете колку е добар по прашањата што ги поставува. Моите се однесуваат на мотивите и идеите позади креативноста. Тој дел ми е многу важен за секоја од овие приказни.

НЕНАД, КАКО ЈА ГЛЕДАТЕ МУЗИЧКАТА СЦЕНА НА БАЛКАНОТ, НАСПРЕМА СВЕТОТ?
Музичката сцена на Балканот си е насочена кон себе како и секоја друга. Секое ќоше на Балканот си има своја интересна музика која е повеќе или помалку позната. Еден од поинтересните аспекти на собирањето музика е истражувањето. Меѓутоа, за еден музичар од овие простори или бенд да си најде свое место на светската сцена и опстои на неа прво треба да се дознае на некаков начин за нив и нивната музика. Само во САД на годишно ниво се издаваат 50.000 изданија и сите се борат за свое место. Меѓутоа, тоа што од Балканот излегува на меѓународната музичка сцена е само ромската музика. Има и други проекти кои си оставаат повремен белег и се забележани, но ромската музика е таа која е најмногу барана.

НА КРАЈ, ДАЛИ МОЖЕ ДА ИЗДВОИТЕ ТРИ МУЗИЧКИ СЦЕНИ ШТО ОСТАВИЛЕ БЕЛЕГ НА ВАШАТА ЛИЧНОСТ КАКО ЧОВЕК?
Мислам дека сите оставиле белег. Книгата го отсликува тоа. Се уште сум заинтересиран за секој детаљ од музиката, информација. Ако се случи некој диџеј да пушта музика што ми се допаѓа веднаш одам да се распрашам што е тоа. Сакам да знам. Тоа се искуствата од прва рака. Кога ќе ја прочитате книгата ќе увидите дека многу работи се поврзани, понекогаш на многу јасен и очигледен начин, а понекогаш и на не толку очигледен начин. Една работа води кон друга. Себеси се гледам како сладокусец кој ги лови убавите музики и моменти без разлика на жанровите.

Тагови од објавата
More from Драгана Евтимова
Драг Сашо
Писма од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
Повеќе
One reply on “Сладокусец кој ги лови убавите музички моменти”