МАРЕНТЕ ДЕ МОР
Маренте де Мор (1972) е холандска писателка. Студирала словенски јазици. Во 1990-тите живеела во Русија, пишувајќи за холандски и за руски медиуми. Со авторско дело дебитирала во 2007 година. Од 2009 работи како колумнист во списание за политика. Има објавено три романи, како и книги со колумни и со кратки раскази. Романот „Холандска девица“ е преведен на 10 јазици.
Најомилен и најмалку омилен збор?
Мои омилени зборови се оние што не може да се преведат бидејќи тие отсликуваат расположенија далеку од разумот, длабоко во нашиот животински мозок. Како на пример велшкиот збор „hiraeth“, кој значи копнеж по дом што никогаш сте го немале. Или португалскиот збор „saudade“ или германскиот збор „Sehnsucht“. Или, во помала мера, популарниот холандски збор „gezellig“, кој исто така се губи при превод. Најнеомилени зборови ми се оние што постојано се користат од страна на рекламните агенции. Како зборот „страст“. Кутар збор! Не остана веќе ништо од него…
Кој цитат од книга најдобро те опишува?
„За жал, јас сум целосно непрактична личност, фатена во бескрајни возови од мисли. Сите сме фантазери, лошо опремени за живот… Понекогаш ми се чини дека никогаш не се навикнавме на тоа дека сме на оваа земја и животот е една одлична, тековна, несфатлива грешка“ („Сатурновите прстени“, В.Г. Себалд)
Што е последното нешто што го направи за првпат?
Ослободив една овца од бодликава жица, не рече ниту фала. Откако побегна, си ги помирисав рацете. Мирисаа на добра храна.
Паѓа ѕвезда. Што ќе посакаш?
Би било практично да побарам неколку копчиња за враќање на времето, за ослободување простор во меморијата, за бришење грешки и за брзо заспивање кога е потребно. Но тогаш моето тело, и покрај посесивното срце, ќе има подолг животен век од кој било компјутер.
ЕСМАХАН АЈКОЛ
Есмахан Ајкол (1970) е турска писателка и новинарка. Дипломирала право во Истанбул. Моментално е на докторски студии во Берлин. Нејзините романи се преведени на голем број европски јазици, главно преку серијата крими-трилери со ликот на Кати Хиршел.
Најомилен и најмалку омилен збор?
Го сакам германскиот збор „Heimat“, кој во слободен превод може да се преведе како татковина. Турскиот збор „memleket“ има исто така позитивна конотација како и зборот „Heimat“, но филозофската литература на овој збор го прави исклучителен. Ми го дава вистинското чувство за тоа што „Heimat“ всушност е. Мојот најнеомилен збор е „војна“.
Кој цитат од книга најдобро те опишува?
Нешто од Корделија во „Кралот Лир“ (чин 1, сцена1): „Јас сум многу искрена личност и често запаѓам во неволја поради тоа. КОРДЕЛИЈА (кон ЛИР): Ве молам, Ваше Височество, не сум вешта со зборови и само го кажувам она што го мислам. Доколку одлучам да направам нешто, го правам, наместо да зборувам за него. Затоа Ве молам, Ваше Височество, да им дадете до знаење на луѓето дека не ја изгубив Вашата доверба поради тоа што направив нешто крволочно. Не убив и не сторив никакво неморално или похотливо дело. Ја изгубив Вашата доверба само затоа што не сум ловец на среќа и не владеам добро со зборови, но сум подобар човек поради тоа, иако ме чинеше Вашата љубов“.
Што е последното нешто што го направи за првпат?
Секој понеделник и петок има протест пред затворот Бакиркој во Истанбул, каде што новинарката Асли Ердоган и лингвистката Неџмије Алпај се затворени. Двете жени беа уапсени минатиот август и беа обвинети за тероризам бидејќи пишуваа колумни за прокурдскиот весник „Озгур гундем“. Минатиот петок јас бев на демонстрациите и успеав да влезам во затворот и да се видам со двете жени бидејќи сум член на Адвокатската комора на Истанбул. Не сум имала шанса да ја искористам својата адвокатска лиценца многу пати. Работев само два месеца во својот живот како адвокат и никогаш претходно не сум влегла во затвор во Истанбул.
Паѓа ѕвезда. Што ќе посакаш?
Мислам дека војната е премногу сурова и посакувам за мир во секоја можна пригода.
АГАТА ТУШИЊСКА
Агата Тушињска (1957) е полска писателка. Ќерка е на историчар и новинарка. Доктор е по хуманитарни науки. Предавала книжевност и новинарство. Во пишувањето се занимава со биографијата и со книжевната репортажа. Мешајќи ги историското и фиктивното, објавила дваесетина книги, од кои неколку станале бестселери.
Најомилен и најмалку омилен збор?
Омилен: спомен. Најмалку омилен: крај.
Кој цитат од книга најдобро те опишува?
„Она што е ненапишано кратко трае. И, како што минува времето, престанува целосно да постои. Непознатите приказни остануваат ненапишани“ (Агата Тушињска).
Што е последното нешто што го направи за првпат?
Пливав гола на Ларнака (Кипар) на полноќ.
Паѓа ѕвезда. Што ќе посакаш?
Сила да се соочам со реалноста.
ДОЈНА РУШТИ
Дојна Рушти (1957) е eдна од најпознатите писателки од Романија. Своите дела почнува да ги објавува по падот на комунизмот. Авторка е на девет романи и на голем број раскази, вклучени во разни антологии. Во своите дела пристапува кон фантастични теми сместени во реален контекст. Добитничка е на еминентни награди во својата родна земја. Преведена е на 10 јазици.
Најомилен и најмалку омилен збор?
Мојот омилен збор е живот (со целото семејство), а го мразам зборот правило.
Кој цитат од книга најдобро те опишува?
„Слободата е солза што продира низ телото“ (Дојна Рушти).
„Без оглед на тоа колку страдања си претрпел, никогаш не сакаш да ги оставиш тие спомени“ (Харуки Мураками).
Што е последното нешто што го направи за првпат?
Возев автомобил. Неодамна земав часови за возење. Некое време имав илузија за одлична авантура. Но не ја зедов возачката дозвола. Го паднав испитот. Ова ме вознемири толку многу што решив да патувам само со такси.
Паѓа ѕвезда. Што ќе посакаш?
Слава и љубов.Сите желби се вртат околу овие две нешта, иако никој тоа не го кажува отворено за да не си го уништи своето име. Но зошто да не се признае тоа? Посакувам луѓето да ме ценат и да ме сакаат, но никој не му се восхитува некому без да очекува нешто за возврат, освен будалите. За љубовта… па, како што кажав во еден од своите романи: „Љубовта е среќата да се биде само крпа што скапува на раната на некој странец“. Но кој сè уште верува во ѕвезда што паѓа?
МОНИКА ТРАЈКОВСКА
Моника Трајковска е родена на 26 мај 1989 година во Скопје. Уште од рана возраст покажува заинтересираност за човечкиот ум, па тоа ја води кон факултетот за психологија. По дипломирањето, сакајќи да дознае повеќе за однесувањето на луѓето, завршува и прв степен во областа на гешталт-психотерапијата. Смета дека целото искуство за време на студирањето ѝ помогнало при создавањето на ликовите од трилогијата „Наследството на Вероника“.
Најомилен и најмалку омилен збор?
Најомилен: мечта. Најмалку омилен: беспомошност.
Кој цитат од книга најдобро те опишува?
„Стравот не те исклучува, тој те буди“ (Вероника Рот).
Што е последното нешто што го направи за првпат?
За првпат во својот живот напишав книга и успеав да ја издадам.
Паѓа ѕвезда. Што ќе посакаш?
Да добијам понуда за работа како сценаристка. Уште подобро ако е од Холивуд.
ЃОКО ЗДРАВЕСКИ
Ѓоко Здравески е роден во 1985 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи како лектор за македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и редовно патува со „Ниш експрес“. Пишува поезија, кратка проза и есеи, а најдолго и најпосветено го пишува својот магистерски труд. Има објавено три книги поезија: „Палиндром со две н“ (2010), „куќичка за птици-преселници“ (2013) и „љубавина“ (2016). Преведуван е на српски, хрватски, словенечки и на англиски јазик.
Најомилен и најмалку омилен збор?
Најомилен: себап. Најмалку омилен: еминентен.
Кој цитат од книга најдобро те опишува?
„Човекот е проклет и жали за сите патишта по кои не минал“ (Меша Селимовиќ).
Што е последното нешто што го направи за првпат?
Го прочитав прашањево без да ме збуни.
Паѓа ѕвезда. Што ќе посакаш?
Тамам пред да падне… да полета!