АХИЛ
За кој да арчам снага пред куливе илиски?
За силници стрвни по камен и колеж?
За Лебедска ќерка , боголиџба клета?
За гордост благородна, осветлив копнеж?
За жубор од крвоток в домот на Арес?
За крвоток вриејќи в крвожеден занес?
За чест или сеир на Олимподомци?
За Агамемнон, Брисеида што ја плени?
Брановиве трајни на брегов кај седам, –
Кои в друга епоха ќе зборат со младич
Здуман, на рива без човечки немир,
Кој природа повеќе од човек сака , –
Брановиве личат на тие сто војски,
Распрснати залуд на Тројански стени,
Кои секако распад ќе видат со време,
Но нови ќе никнат во матка на Геја,
И моќници повторно пропаст ќе сеат.
А тапанов жарок чим запре да грми,
Од песоци Хронски бранови ќе збришат
Сè што сум бил, секаков спев ил’ списа,
И во преграб сите души ќе се вратат
Кај првиот им братa: Хаос.
Да едриме тогаш, браќа Мирмидони,
Далек од народов жеден за битка,
Фрлете штитови, мечови, копја,
Фрлете калаши, томпсони, гранати;
Чекајте, Антилох ита да соопшти нешто –
СЕСИЈА
На ладното светло од блицот потпрен на филџан,
Кога ќе згасне соларната топилница
И машинистите ќе се соберат
В надземското теќе горе на рид,
Искачаат сенките, се движат,
Го играат танцот на фараонот,
Чиниш е сон но – во гробницава
Сите сме будни, во ризницава
Азно се сенките само,
Кои на момент наѕираат
Од вечната Бездна на мртвите фараони,
Демумифицирани Некробогови.
Го вртиме лозниот грал,
Вртиме факел Прометеев,
Димот во занес од саксот и рајдот
Призрак се твори од вечниот Деец.
А тоа што се мнее
Ко жолто од лажиче в игла
В подрум од ум во ум се впива.
Во реткиот пресек на спирали смртни,
Третиот камен, оменгемен,
Престанува да врти.
Универзумот во топка го туткаме
И кон прашање тешко го тркаламе,
Не прашувајте ме што е,
Знаете што е,
Странци, мои браќа,
Непотребно е тоа што го мислам да го кажам.
Под мозаиков од вавилонската кула,
Сѐ уште на различни јазици зборуваме,
А сепак се разбираме. Колку толку.