Coming of age story

Кон Волшебникот од Џон Фаулс

Како да се направи кратка и концизна, сеопфатна анализа на роман како што е Волшебникот од Џон Фаулс, роман кој по својата сложеност, комплексност и повеќеслоевитост може да се спореди со, на пример, Волшебниот рид од Томас Ман. Од целото истражување што го направив, сметам дека најсоодветно е овој роман, кој инаку и припаѓа на пошироката стилска поетика на постмодернистичката метафикција, да биде согледан како тоа што Американците и Англичаните го нарекуваат coming of age story или приказна за созревањето или влегувањето во зрелото доба. Како што Морис Кончис – волшебникот (презимето му е директна асоцијација на англискиот збор – свесен) директно му кажува на главниот лик Николас Ерф, во една прилика, дека тој се уште се оформува, дека тој се уште не е.
Николас Ерф оди да предава англиски јазик на грчкиот остров Фраксос. На почетокот од романот стои дека тој, кога се запишал на Оксфорд, започнал да открива дека тој, всушност, не е оној што сакал да биде. Додека е на Фраксос, пред да го сретне Кончис, има една епизода кога Ерф контемплира врз идејата да изврши самоубиство, притоа изјавувајќи дека сакал смрт што ќе се памети, а не вистинска смрт, вистинско самоубиство кое ќе избрише се. Потоа, Ерф се запознава со Кончис, речит, изолиран милионер со интерес за уметност, психијатрија, театар и надреалното, кој го предизвикува Николас да го преиспита впечатокот што го има за самиот себеси и воопшто за реалноста. Во таа насока, како помош за навлегување во содржината на романот, може да се посочи теоријата и дефиницијата на норвешката теоретичарка Мике Бал (преземена од нејзината книга Наратологија) за фабулата, која таа ја дефинира како длабинска структура на раскажувачкиот текст и како нешто што може да биде предмет на проучување не само на книжевни научници, туку и на социлози и антрополози (со надеж дека од таа перспектива и со тоа на ум ќе може полесно и подиректно да се навлезе во романот).

The Magus - John Fowles

Волшебникот се развива така што Кончис му раскажува на Николас епизоди од неговиот живот и го става младиот Англичанец во ситуации кога треба да глуми како да игра некоја улога затскриен под маска. Во текот на романот како мотиви се провлекуваат љубовните односи или врски помеѓу Николас и Алисон, како и помеѓу Кончис и Лили.
Волшебникот од Џон Фаулс како роман претставува предизвик да биде протолкуван, изненадува со свежината на изразот и футуристичката ориентација, како и претставува модерен и современ текст за секој љубител на современа и поавантуристички ориентирана литература.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Бобан Ристевски
Метафизичка гимнастика за умот
Кон Кафка на брегот – Харуки Мураками.
Повеќе
0 replies on “Coming of age story”