Кој си ти?

Тешко ни паѓа некогаш да се погледнеме со туѓи очи.

Запознав една вонредно прекрасна личност. Како што човек може да сретне еднаш или можеби двапати во животот, ако има среќа. Освен ова скапоцено пријателство, скапоцен е и начинот на кој таа посебено го обележа тоа со необичен подарок. Ќе си земам за слобода да споделам мал дел од скапоценоста.
Во него вели „Драга Адријана, Секогаш кога среќавам нов човек во животот, му приоѓам со едно многу директно, остро, дрско прашање… така, барем, го доживеале многумина. ’Кој си ти?’ ги прашувам. Сум добила одговори со кои може да се дефинира шаренило и разноликост. Некои луѓе се придавки, некои се чувства, некои се професија, некои се хоби, некои се школо, некои се имано или посакувано искуство… некои се жар, светлина, некое чудесно постоење кое би било грев да го напикаш во зборови на кој било човечки јазик. Ти!“
„Ме прашале и мене, заради реципроцитет, претпоставувам, зашто тоа навестило тонот со кој било проследено прашањето: ’А ти… ти која си?’“
„Јас сум ти!“, велам.
Тешко ни паѓа некогаш да се погледнеме со туѓи очи, зошто понекогаш и сопствените ни се многу. Но неопходно е, и знае да биде, квалитетно поминатото време, сам со себе, а преку другиот. Мојата драга пријателка дојде токму навреме. И со прашањето и со својот одговор.
Кој си ти? – Јас сум ти.

Јас сум одговорот во твоето прашање. Се осознавам преку твоето прашање. Јас сум твоето исчекување, твоето сомневање, твојата сигурност, твоето знаење и незнаење. И светлина и мрак. Спознанието често доаѓа по прашањето. Но не ја барај маната во одговорот, туку проникни во него, проживеј го.
За да дознае човек кој е и што е можат да му бидат потребни многу години, дури и повеќе животи. Но, бидејќи овој и еден ист живот во иста кожа верувам дека е само еден, а сите минати или наредни, доколку биле и доколку ги има, биле и ќе бидат поинакви макар и се поклопувале во одредени дејанија и случувања; периодот за осознавање на самиот себеси се скратува за времетраењето на овој еден што го знаеме и живееме. Неретко дознаваме за натприродни способности на луѓе кои можат да се сетат дека биле некој/а друг/а во минатиот живот или дури и дека ќе се родат повторно во нечија друга кожа, но сето тоа влегува во доменот на натприродно и невообичаено. Кај овие луѓе може да се направат вонредни студии за одговорите на прашањето „кој си ти?“ од сите наталожени искуства и животи. Што не би требало да значи дека ние, овде и сега, немаме што да кажеме на прашањето кои сме.
Апсолутно сè е содржано во прашањето и одговорот.

Тагови од објавата
More from Адријана Ананиева
Сакам денес да ми биде прекрасно
Последно во распоредот на Мирослав Масин, македонски сликар е отворање нова самостојна...
Повеќе
0 replies on “Кој си ти?”