Зборувај

Возењето траеше околу еден час и речиси нестварно стигна пред влезот на мистичната шума

Беше време на заминувања. Ништо не остана од неговиот живот. Сосема случајно, а веруваше во неслучајните случајности, на екранот една вечер се појави репортажа за местото. Местото на совршеното злосторство.
Не можејќи да заборави, не можејќи да си прости за што било и не било, престана да се надева на нов поинаков ден. Не си даваше излез, освен низ неповратниот. Купи билет во еден правец, без багаж се качи на авионот, се смести во седиштето, порача чаша коњак и се напи апче за спиење не сакајќи повеќе да размислува. Остави да делува во текот на долгиот лет и пред слетување дејството веќе беше заминало. На аеродромот фати такси, му ја покажа адресата на таксистот запишана на едно ливче во малиот нотес, овој го погледна чудно и малку тажно, но не приговори. Возењето траеше околу еден час и речиси нестварно стигна пред влезот на мистичната шума*.
Горе-долу ова е воведот во филмот „Морето од дрвја“ (The Sea of Trees) во режија на Гас Ван Сант. Но, да го оставиме за момент ликот и филмот, кој можеби е малку преголем залак за овие кризни периоди за човекот, но, секако, може да се погледне и време е да се зборува на темата.

Местото на злосторството во филмот ја опишува шумата Аокигахара во Јапонија уште позната како Морето од дрвја или Шумата на самоубиства. Чудо на природата, едно од многуте популарни дестинации за самоубиство во таа земја. Шумата е особено атрактивна за екскурзии на туристи, од чии групи неретко исчезнуваат луѓе со цел шумата да им биде последно прибежиште. Луѓе кои водат аскетски живот, со едноставни желби и потреби, работат како мравки, веруваат, љубат и се надеваат веројатно исто колку и сите други луѓе во светот, можеби животните привилегии и уживања ги сметаат за непотребни, но моментот на возвишување на смртта, повеќе отколку животот е посебна вештина или умешност која бара подлабоко проучување и разработка. Не сум многу сигурна дека како луѓе или народ, сме далеку од оваа животна филозофија. Добро де, со исклучок на асоцијацијата со мравките, нели. Но, длабоко во оваа животна филозофија лежи незадоволството, тагата, депресијата. А сведоци сме дека нештата кои водат до овие состојби се во сè поголем број, така што човек не може да остане имун на надворешните и внатрешни случувања и неслучувања.
Можеби така било отсекогаш, но особено истакнато во последнава деценија од нашите животи. А промената, макар и милиметар од себеси е огромен волев подвиг. Промената која е толку неопходно да се случи и ќе се случи без разлика на тешкотиите и пречките. Проблемот е што немаме 18 животи за да си дозволиме да чекаме да помине депресијата, која само тоа и го чека, човек да се предаде; па потоа да делуваме. Не. Во овој живот треба да се проживее и среќата и тагата, и веселбата и жалоста, и молкот и муабетот, и смеата и солзите. И се’ што треба, а што е во наша моќ да одлучиме. Понекогаш е тешко да се убедиме себеси на живот. Понекогаш секој ден одново и одново.
Треба да се зборува…

Тагови од објавата
More from Адријана Ананиева
Отидени
Туку пакуј куферите и дим одовде.
Повеќе
0 replies on “Зборувај”