Скопје во последно време, во музички поглед, е препознатлив по концерти на бајати бендови/артисти кој со залезот на својата кариера треба да ја задоволи жедта за забава на локалната публика. Како слепо црево на Европа отсекогаш сме биле заобиколувани, можеби и тенденциозно избегнувани, од сериозните и свежи бендови при нивните турнеи. Последната дестинација секогаш била, евентуално, Љубљана. Зошто е тоа така, од социјално/економски/политички аспект, нема да анализираме сега (што не значи дека не треба да се анализира посериозно во некоја следна анализа), но значајно е да го споменеме за потребите на овој есеј, каде фокусот е на едукативните аспекти и создавање на културно обликувана публика.
Музички, на ниво на сцена, можеби вслед сериозните политички турбуленции (уште една опстојна тема за анализа), сме прилично слаби, во смисол на комункација и соработка. Поединечните изблици кои комуницираат спрема надвор, не ја прават силна и локалната сцена. И покрај, квантитативно, извесниот број на настани, филмски/уметнички/музички, квалитaтивно, ретко што може да се издвои како нешто над просекот.
Тука секако не гледајќи се сами за себе, како изолирана средина, туку пред се компарирајќи се со регионот, што единствено може да ни даде малку пореална рефлексија за тоа каде се наоѓаме во моментов по однос на овие прашања. За медиумите кои би претставувале соодветна музика или би создавале критичка културна едукација, не само нужна, туку и пресудна за создавањето на здрава културна свест, не може ни да дискутираме.
Тогаш, од каде потребата за еден ваков настан, фестивал фокусуран на филм, и тоа на филм со музичка содржна? Нешто не само насочено, туку и специфицирано, само за одредена публика со одредени културни преференци или истенчени потреби. Колку имаме капацитет сето тоа да го сфариме како средина? Ненад Георгиевски, организаторот на овој фестивал, ни одгатнува:
Публиката и покрај својата редуцираност, покажа соодветен интерес, но секако варирајќи. Како помодарски град, Скопје покажува интерес на отворањето или на некој филм со помодерна содржина, нешто актуелно во моментот или поврзано со моменталниот контекст. Потоа се’ спласнува, а така беше и со овој фестивал, за кој публиката едноставно нема капацитет да го следи во текот на своите пет дена траење.
ССС е фестивал чија главна тема е музиката прикажана низ филм, каде без оглед на жанрот или годината на продукција, целта е да создаде музичко искуство и патешествие, низ приказ на богатството на музичкиот свет навлегувајќи во поединости и детали. Филм посветен на клучната година во џез музиката – 1959 – година кога се појавуваат најзначајните албуми во рамките на жанрот; непознати или ретки животни перспективи за добро познати артисти, кој можеби ете и не сте ги знаеле, како детали за дизајнерот на каверите на Крафтверк или пак раната артистичка фаза на Дејвид Боуви; или можеби случајностите кој ја одредуваат иднината на цел еден правец како боса новата т.е. која е “Девојката од Ипанема” која во клучниот момент, 1962та, поминува по бразилските плажи. Теми кои, како музички слдокусци би ве заинтересирале дури и доколку темата или музичарот/стилот не ви се толку блиски.
Сепак која е идејата позади Skopje Cinema City? Целта нешто да се промени, дали има единствено забавен карактер или интенција да информира или едуцира?
На крај и еден пријателски совет до организаторот: мај/јуни се месеци кога во Скопје (освен во септември/октомври), се случуваат сите можни културни збиднувања. Во недостаток од истите во текот на годината и со цел фокусирање на публиката и вниманието кон фестивал со ваков возбудлив концепт, сепак попрепорачливо би било доколку се одвојат овие пет дена во порелаксирана сезона. Во секој случај, потребата од еден ваков фестивал, за развојот на едно здраво музичко/филмско милје во локалниот културен контекст е неспорен. Во нетрпеливо исчекување на репризното издание некаде во февруари.