Бела морска птица лета сама низ болничките ходници во павилјонот Стора манс на Бекомберја. Голема е, болскоти и во сонот трчам по неа обидувајќи се да ја фатам, но не успевам да ја стигнам пред да излета низ скршен прозорец, исчезнувајќи во ноќта.
ПОСЛЕДНИОТ ПАЦИЕНТ (УЛОФ)
Крај радиопредавателот близу станицата Спонга, доцна зима 1995 година. Пуст вкочанет зимски предел се шири пред него додека се искачува на предавателот на студените ветрови. Телото му е старо и кревко, но внатре е млад и полн со сила. Цврсто го држи погледот кон рацете за да не го фати вртоглавица. Ноќта е ведра околу него, дупчињата на ѕвездите како врвови на игли низ кои пробива светлина од друг свет, силна светлина што зрачи зад темнината, ветување за нешто друго, светулкање што може да болскоти и да бдее над него наместо оваа влажна студена темнина што секогаш се обвивала околу него: сиво сонце, сива зрнеста сончева светлина. На хоризонтот првата слаботреперлива светлина, тенка атмосферска линијa, розова и златна, а на неколку километри оддалеченост е неговиот кревет во една спална сала во Бекомберја и го чека, празен и со чиста постелнина, крај другите кревети, каде што еднаш одморале сенки од меки заспани незаштитени тела. Сега ги нема.
Стои долго на платформата на врвот и гледа кон згаснатиот град и кон одделните бели ноќни светлини. Потем ги соблекува сакото и дебелата блуза, црната болничка капа и очилата, и сето тоа го става педантно крај себе. Светот се шири под него, покривка од куќи, улици и луѓе, кои дишат како единствено здраво, чисто и собрано човечко белодробно крило, но овде нема никаква иднина за него, никогаш не постоела, никогаш не талкал сам со знакот на болеста како сув жиг под кожата, видлив за сите освен за него самиот. Кога ќе се доближел до некоја мома, таа ќе се тргнела настрана, а секогаш кога ја подавал раката кон некого, тоа било толкувано како непријателски гест и така повторно бил враќан во болницата. Невидливи решетки кренати помеѓу него и светот, со неми лица се вртеле луѓето од него, тоа направило да се плаши од луѓе и сè повеќе да се повлекува настрана, останувајќи сам со себе. Не постои никој во светот на кого тој ќе му недостига, неговото тромаво сивило, нема ништо нарочно што го врзуваше за нешто посебно, никогаш не бил гол со некого, никого никогаш не допрел, се чини како да се движел под некаква капа од темнини, никакви долгови, никакви врски со луѓе, само тие решетки, тие невидливи синџири што го држат назад и во осаменост.
И кога медицинската сестра оди низ празните спални сали и ги пали ламбите во последното одделение во Стора манс, тој се фрла надвор во ноќта со една единствена желба нешто најпосле да го носи, рака или ветар, нешто што и понатаму ќе го држи во светот, но тој е само клопче што се врти и се превртува неколку пати во воздухот пред да се преврти во вител на работ на светот и удирајќи на земјата да остане здробен.
Во текот на последните месеци во Бекомберја, доби дозвола да излегува сам, но никогаш не ги користи тие дозволи, наместо тоа по цел ден седи крај прозорецот и ги гледа дрвјата, ниту еднаш не излегува надвор во дворот на прошетка заедно со другите. Прекина да го пали и да го осветлува глобусот што многу години стоеше до неговиот кревет и, дента пред да ја напушти болницата, по отпусниот разговор со докторот Јановски, стои пред собата на медицинската сестра на одделението, со капа и со сако преку пижамата, и соопштува дека ќе биде отсутен неколку часови за да набере цвеќиња. (Да бере цвеќиња во февруари?) Исчезнува и не се враќа вечерта, ниту пак наредниот ден. Неколку дена подоцна е најдено неговото мртво тело под радиопредавателот. Жена со пес што шета во тоа подрачје го забележува како лежи во жолта ланска трева, испружен во пижамата на пруги, со скршена глава и со слана на облеката.
I
ПРВИОТ РАЗГОВОР
„Видов во весникот дека Едвард Винтерсон е мртов“, вели Џим седејќи во малиот круг од светлина крај мојата ламба за читање на улицата Јунгфругатан, загледан во исечок од весник. Тоа е жална вест. „Лекарот во моето одделение во Бекомберја. Се сеќаваш ли на него, Џеки?“
Ѕвездите светкаат додека зборуваме, една по една надвор на небото, лента од светли бисери на темното синило, тоа е придушена, запрепастувачка светлина на вечерни ѕвезди и се разбира дека се сеќавам на Едвард, тој обично стоеше крај влезот на Стора манс и пушеше цигара навечер, осамена линија од чад на сивата светлина, неговата голема насмевка кога ќе го здогледаше Џим. Се сеќавам како еднаш задремав на неговото задно седиште побелено од сонце, кога ме возеше дома од болницата.
Во меката светлина од ламбата Џим ми кажува дека се возел со Едвард Винтерсон во неговиот мерцедес со сребрена боја на ноќни забави во Естермалм во периодот додека лежел во Бекомберја. Го земале на зајдисонце и потоа се возеле низ алејата со липи и понатаму во потемнетиот град што еднаш бил негов живот. Едвард Винтерсон носел цивилна облека за него, чиста кошула, фармерки и сако, кои биле ставени на автомобилската каросерија, педантно наредени, и веќе кога ќе излезеле свртувајќи низ болничките рампи, добивал цигара и пијалак во раката.
„Едвард беше фантастичен човек“, вели Џим и се смее, „и потполно луд, и тој беше таков. Се вљубивме во иста жена. Сабина. Ја паметиш ли? Беше нескротлива и палава, а бидејќи Едвард беше богато момче од Естермалм, немаше поим како да излезе накрај со неа.“
Неколку развлечени облаци пловат преку изместен цртеж со туш што го сочинува небото во тоа прво зимско попладне кога Џим доаѓа кај мене и раскажува за Бекомберја. Дојден е во привремена посета во Стокхолм, за неколку дена се враќа назад во Карињо, во куќата крај Атлантикот. Последните црвени пулсирања на сончеви зраци и тутунскиот чад што ја напушта неговата уста додека зборува ме пренесуваат во мислите кон маглата што беше спуштена врз подрачјето кога јас и Лоне првпат дојдовме таму да го посетиме. Снежна виулица се извиваше меѓу куќите.
Сè беше замрзнато околу нас додека одевме по малите асфалтирани патеки и се обидувавме да ги читаме знаците. Изгледаше како некој да ја исекол кората од влажните стебла и сè уште можам да го слушнам црекањето на свраките што удираше меѓу куќите во тој двор налик на касарна кога брзавме одејќи кон Стора манс. Лоне имаше светлоцрвен капут и чизми, одеше лесно наведната напред со рацете цврсто стегнати во џебовите. Изгледаше како да оди низ виулица. Бледото лице на Џим беше без насмевка, погледот му беше згаснат и рацете толку многу му се тресеа кога се обиде да запали цигара што беше принуден да се откаже и да ја врати назад во џебот. Лоне, која всушност престана да пуши, ја извади кутијата и му запали цигара и една за себе, а потоа неколку пати брзо повлече пред да ја згмечи цигарата под штиклата од чизмата.
Џим: Се обидував многупати порано, но никогаш не било нарочно сериозно. Многупати лежев со главата во гасната печка на Лоне кога таа се враќаше од работа. Букет рози на кујнската маса и пуштање на гасот. Тоа беше експеримент. Овој пат беше како да си во слободен пад. Паднав и потоа продолжив да паѓам.