ПРОЗОРЕЦ

Каде се вкусните оревчиња?

ЕСЕН ВО СТАРИОТ ГРАД

Скоро сите птици
си заминаа
и со себе ја понесоа
тивката надеж
што ја имаа добро сочувано
во грлата
како тробојна градина
со магични цветови.

Градот ја облече
есенската руба
и тивко почна да си зборува
со воздишките од новите
бранови на езерото
Сега ветерот е нашиот
нов музичар
кога ги нема птиците
и нивната надеж.

Жолтите лисја ги бојат
старите улички
поплочени со калдрма
а старците се замотале
во волна и полека цупкаат
кон градската фурна.
Едно малечко маче
ја бара својата мајка.
Гладно е. Како и есента.


ПРОЗОРЕЦ

Го отварам прозорецот сосем малку
за да видиш
што може да значи љубов
со срамежлива насмевка
и мали ѕвездички во очите.

Го отварам прозорецот од моето срце
за барем неколку минути
да ја слушнеш
мојата песна што ти ја пеам
секое утро.

Го отварам прозорецот од душата
за во еден единствен момент
почувствуваш
колку ми требаш кога
врнат силни дождови таму.

ПАСИВНОСТ

Дождот тивко
ги наросува
старите улички
а есента префинето
почна
да ги облекува
во жолто – кафени бои

после тој долг бакнеж
во онаа студена ноќ
се претворив во мал
наивец,
гласот ми се загуби
во страста на нејзините усни.
Зошто сум така наивен?

Каде се вкусните оревчиња?
Го слушав гласот
жеден за моите тајни
плодови.
А јас толку одмерен
само ја набљудував.

Тагови од објавата
More from Мирослав Трајковски
Писмо за дивите цвеќиња
Сите утра пред да пристигнат со себе си земаат некој зрак за...
Повеќе
0 replies on “ПРОЗОРЕЦ”