- (По БИКИНИ МУН)
Имам една добра и една лоша вест.
Лошата вест е што од ПРЕД ДОЖДОТ до БИКИНИ МУН помина четвртина век.
Добрата вест е што ММ се уште твори.
Со БИКИНИ МУН, Македонецот со две М – Милчо Манчевски продолжува да едуцира и фасцинира. Тоа го прави онаму каде застана тој, а и целото човештво – на границата меѓу реалното и замисленото, во (не)постоењето и време-просторот.
Веројатна најголемата дарба што еден човек може да ја има, од античко време до денес, е да стане ФИЛОЗОФ. И, неретко во балканско-македонските кругови кога одреден човек ќе се обиде да отиде ОТАДЕ границите е КЛАСИФИЦИРАН како ФИЛОЗОФ. Секако, на Балканот се е обратно, па ФИЛОЗОФОТ во балканските краишта се перцепира во некаква потсмешлива или пејоративна смисла, демек МНОГУ ЗБОРЕЛ, МНОГУ РАЗМИСЛУВАЛ.
БИКИНИ МУН продолжува таму каде што е логично (?) да продолжи – се надоврзува на тематиката на филмот МАЈКИ, поточно на последниот негов дел (оној за (само)убиството на Владо Танески), кој го тераше гледачот да се праша ДАЛИ Е ОВА РЕАЛНО? Или едноставно да почне да [се] преиспитува (сè).
БИКИНИ МУН оди чекор понатаму. По гледањето на БИКИНИ МУН преиспитувачкиот дух на гледачот прашува ШТО Е РЕАЛНО?
Точките кои Милчо во Бикини Мун како најголем уметник-филозоф успева да ги загатне па одгатне се:
1. ВРЕМЕ
2. ЉУБОВ
3. ЕМПАТИЈА/СОЛИДАРНОСТ
4. РЕАЛНОСТ
1. ВРЕМЕ
Проблемот со ВРЕМЕТО, односно неговото ЗНАЧЕЊЕ е проблем кој е вековит, загатнат и одгатнат толку добро уште со ПРЕД ДОЖДОТ, односно со ставот дека КРУГОТ НЕ Е ТРКАЛЕЗЕН, а МИНАТОТО (НЕ) СЕ ПОВТОРУВА.
Скоро и да нема теоретски попродуховена а практично пооптимистичка теза од тоа дека Минатото се повторува само за оние кои тоа го прифатиле. Или што би рекле постарите – не научиле од грешките. Се инаетеле.
И времето е навистина само тоа – мерач, мерна единица. Ни помага да НЕ се промашиме едни со други, односно да се најдеме на определено место во определено ВРЕМЕ. И не ни е потребно за ништо повеќе. Историчарите можат да го користат и (ре)контекстуализираат колку сакаат, но ВРЕМЕТО како поим е ИЗМИСЛЕНА категорија. Не е четврта димензија и не е одлучувачки ФАКТОР.
Таа е носечката поента и на КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО. Во КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО битни се МОМЕНТИТЕ. Не секундите, не минутите, не часовите, не месеците, не годините, и не вековите. Моментот на слушањето на НОВИОТ ЖИВОТ е позначаен од се останато.
Опстојувањето во ВРЕМЕТО кога сите НЕМААТ ВРЕМЕ е толку апсурдно. Скролајќи на социјалните мрежи губиме саати и саати, а од друга страна НЕМАМЕ ВРЕМЕ да ги видиме блиските, роднините, пријателите, комшиите, соработниците. Да се видиме како ЧОВЕК со ЧОВЕК.
БИКИНИ МУН, всушност, на некаков скромен начин ја ПОВТОРУВА тезата дека НИШТО НЕ СЕ МЕНУВА доколку НЕ САКАМЕ ДА ГО СМЕНИМЕ. Односот со партнерот останува ист, односот спрема послабите останува ист, односот спрема помалку моќните останува ист, односот спрема помалите останува ИСТ. Се додека храброста на БИКИНИ и отрезнувањето на КЕЈТ не се соединат и не направат фактичка промена.
Кој овде БРЗА?
2. ЉУБОВ
Растегливоста на поимот на ЉУБОВТА, тој толку искомерцијализиран и девалвиран производ на луѓето, во БИКИНИ МУН е претставен преку односите МАЈКА-ЌЕРКА; ПОЈАК-ПОСЛАБ; МАЖ-ЖЕНА; ПАРТНЕР-ПАРТНЕРКА. И Милчо со изострен вкус ја воочува насушната човекова потреба за ИСКРЕНА ЉУБОВ. Онаа љубов која може да се забележи кога ќе ги погледнете очите на ДРУГИОТ. Без патетики – љубовта која зрачи од очите на БИКИНИ кон секој кој има искрена, ненаметлива, некористољубива потреба да биде ЉУБЕН. ЉУБОВ спрема ЌЕРКАТА, (БОГ)ОМОЛКАТА и НЕПОЗНАТОТО.
Кој овде ЉУБИ?
3. ЧОВЕЧНОСТ
Сите сме ЕДНАКВИ. А различни. Суштината е во прифаќањето. Помагањето. Како што Бикини и помага на Кејт. И како што Кејт пробува да и помогне на Бикини кога Тревор не е тука. Добрите луѓе треба да бидат доволно добри за да сфатат дека се добри. Дека се луѓе. Секој обид за вкалапување и пренасочување на потребите на луѓето кон други потреби е погрешно. Секој го знае својот пат. И Бог е човек.
Но, кој е овде ЧОВЕК?
4. РЕАЛНОСТ
Прашањето за тоа што е реално е многузначно – дали е реална подадената рака од младите доку-филмаџии? Дали е реална потребата да и се помогне на Бикини? Дали помошта е потребна во таа мера во која и е понудена? Дали таа воопшто бара помош? Дали богомолката постои? Дали апчињата (ни) помагаат?
ВИСТИНАТА која ја сервираат медиумите, социјалните мрежи, лажните вести е помалку реална од она што го гледа БИКИНИ. Бидејќи тоа е ЛАГА. А она што го гледа БИКИНИ е нејзина РЕАЛНОСТ.
Бидејќи РЕАЛНО е сето она во кое веруваме.
И сега, кој е овде ЛУД?
Златко Кујунџиски