Ставот на Милорад Павиќ: „Ако сакам да го променам начинот на читањето, морам да го променам и начинот на пишувањето“, за Жарко Кујунџиски претставуваше и животна и творечка определба уште додека го пишуваше „Spectator“, и во срце, и во глава, но и на хартија. Зашто, како и Павиќ, и покрај својата младост, знаеше дека на светот постојат многу повеќе талентирани читатели отколку талентирани писатели или литературни критичари. А читателите го кажаа своето големо ДА за овој роман. И така спектакуларно во Библиотеката НАЈчитаните на „Култура“ многу брзо, и тоа веднаш зад „Папокот на светот“ на Венко Андоновски (2002) и „Разговор со Спиноза“ на Гоце Смилевски (2003), под број 9 (случајно или не) се најде и неговиот „Spectator“ (2004). Своето големо ДА го кажав, а и го напишав, и јас, и како читател и како критичар, со тоа што моето тогашно исчитување на овој исклучително нов роман, и композициски и (пре)раскажувачки, се вдоми и во мојата книга „Мал книжевен тестамент“ (2007).
Роланд Барт разликува два начина на читање. Првиот ја артикулира приказната и, бидејќи таа приказна е битното, преку неа едноставно се прелетува без притоа да се спознаат јазичните игри. Вториот се приклештува за самиот текст и притоа го освојува, многу внимателно, трпеливо, копајќи по неговата знаковност на полето на јазикот, а не на полето на приказната. Препрочитувајќи го денес по 15 години од неговата првообјава, чувствувам колку зрело „Spectator“ ја дава токму таа можност за едно такво двојно читање преку кое се откриваат и неговата разгранета знаковност и неговата леснотија со која се градат и нанижуваат приказните. Зашто „Spectator“ нуди големо задоволство од/во самиот текст.
Скопје, 18.8.2018