Елен Тибо пристигна во селото попладне. Ја донесе колегата Ангел Димитров – професор на Софискиот универзитет. За него било задоволство да ја донесе. Така рече. „Многу убаво од Ваша страна!“, се согласи и таа, па дури и му понуди пари. Тој не прифати. Излажа дека одел на службен пат. Елен сфати, но не сакаше да спори. Професорот Берже ја предупреди на тргнување дека Бугарите се честољубиви луѓе.
Застанаа пред црквата „Свети Николај“ и дури кога излегоа од колата, Елен ја почувствува горештината. Беше 21 јуни, 12 часот и 10 минути – жегата допрва доаѓаше.
Се сврти наоколу и виде дека тоа село, со за неа тешкото име Градиште, беше легнато од едната страна на реката Лом, малечко и пусто како декор. Беше убаво и чисто, речиси живописно. Пејзажот ја потсети на родното Алби. Одамна немаше отидено дома. За 25 години – четири во Тулуз и последните две во Париз – се имаше научено да трпи, да забележува и да помни, но не и да се восхитува. Убаво село и ништо повеќе. Два дни ќе ѝ бидат доволни за да ја заврши работата.
– Тоа е црквата – рече Ангел. – Статуетките се гледаат и одовде.
Зборуваше добро англиски, со грешки, но разбирлив. Во Бугарија сите зборуваа некаков англиски.
Влегоа во дворот откај дрвената камбанарија, изгниена и некористена со години. Камбаната висеше со малечко јаженце и недостасуваа скалите кон неа. Немаше никаков ветрец и јаженцето налик на перчин не се помрднуваше.
Тргнаа кон централниот влез на запад, но тој беше густо обраснат со бршлен и со капинки и беше заклучен. Стаклата на прозорците од двете страни беа скршени. Се вратија покрај малата врата откај југ и тогаш Елен ги виде…
Преубавите камени орнаменти од цветови и животни со фигури на птици и елени, змии и кучиња, испреплетени со розетки што небаре беа извезени околу вратата. Беа префинето засечени во црвениот камен и симетрични како излеани во калап. Ќе блеснат чудесно на попладневното сонце.
– Тоа е само мал дел – забележа колегата. – Наведни се, низок е таванот!
Одеше по него поднаведната.
Дали од студот внатре или од глетката што ја виде, Елен затрепери. Кожата ѝ се наежи и таа започна да ја трие со своите раце. Почувствува миризба на јаболка и виде лево цело купче како го попречуваат главниот влез внатре. На таа температура ништо чудно да беа внатре со години.
– Добар ден – викна Ангел на бугарски јазик.
Се слушнаа чекори и откај олтарот се зададе маж на над педесет години, со среден раст, со црна коса и големи очи. Малку поткривнуваше на десната нога. Беше неизбричен и облечен во комбинезон, чијашто боја тешко се разликуваше од бојата на дамките. Мирисаше на боја за фрески чијашто миризба Елен одлично ја познаваше.
– Дали пристигнавте веќе? Добре дојдовте! – рече мажот.
Елен не го разбра, но ја прифати подадената рака. Тој силно и топло ја стисна со насмевка и со подигнати веѓи. Ѝ заличи на еден познат актер од минатото, симбол на сила и благородноста на шеесеттите. Татко ѝ многу го сакаше и во некои свои потези се имаше инспирирано од него. Татко ѝ…
Лино Вентура, се сети Елен и се насмевна на мажот пред неа.
– Марице – викна тој – дојди да ми помогнеш!
Додека си зборуваше со својот колега, Елен се сврти.
Реставрацијата беше во полн ек. Околу ѕидовите имаше скелиња, исковани од борови даски и греди. На скелето отспротива таа виде момче и девојка на нејзина возраст што внимателно се чистеа и се подготвуваа да слезат. Фреските беа дополу реставрирани. Елен се приближи до нив и успеа макар и за кратко да види што цртаат тие двајца во тој миг: секој од нив воскреснуваше по еден ангел во сцената со Богородица и Младенецот. Под светлината на халогените ламби ангелите се откриваа и чекаа да бидат завршени.
Момчето ја изгасна ламбата и пргаво се спушти по скелето. Ја фати и својата колешка. Толку слатко ја прегрна и ја задржа во својата прегратка, што за Елен немаше никаков сомнеж за нивниот однос.
– Salut! – чу зад себе Елен.
– O, salut! – нагло се сврти без да го крие своето вистинско чудење и радост. Првпат во Бугарија некој ѝ зборуваше на француски.
Пристигна претходниот ден со авион на „Ер Франс“, преку интернет најде еден убав стан во центарот на Софија, и тоа за добра цена, преку имејл преку колегата среди сè во врска со својот престој, но ниту на аеродромот, ниту во таксито, ниту со сопственикот на станот, дури ни вечерта во универзитетскиот клуб со смешното име „Јајцето“ – никаде никој не се обиде да ѝ проговори на француски. Сите започнуваа со некаков свој англиски. И ете овде, во ова зафрлено селце на северозападот на земјата, една девојка…
– Се викам Марица – си го повтори името неколку пати, и тоа на слогови – но вие може да ме викате Мари. Знам дека ќе ви биде полесно…
„Ама, Вие сте неописливо убава!“ – сакаше да рече Елен. Девојката пред неа дефинитивно го заслужуваше тоа.
– Не можам да Ви опишам колку се радувам. Елен Тибо, многу ми е мило.
– Да ви ги претставам и другите.
Момчето и девојката од скелето се приближија до Ангел и мажот. Направија нешто како круг – круг на запознавањето и непријатноста.
– Стефан Методиев – започна Марица – наш професор и раководител на групата.
– Enchante – се насмеа господин Вентура. – Преведи ѝ дека откако разбрав дека е Французинче, сум те натерал да ми одржиш неколку часа.
– C’est magnifique! – му одврати Елен. „Сигурно не знае англиски.“
– Кажи ѝ дека сум скаран со јазиците, но сè разбирам од лица и мимики. Со тие нејзини очи ме потсетува на Марлен Жобер, ако се сети која е.
Сите се насмеаја, а по преводот – и Елен. Во право беше за англискиот.
– Не е ли чудно! Вие, пак, ми заличивте на омилениот актер на татко ми. – Лино Вентура. Сигурна сум дека се сеќавате на него.
– Леле, Боже, па тој е и мој омилен актер. Татко Ви е добар човек. Très bon! Така беше, нели, Марице?
– Но, Вие навистина зборувате француски – му даде комплимент Елен. Ја пропушти забелешката за татко ѝ.
Стефан Методиев, тој бугарски Лино Вентура, умееше да ги среди нештата. Понатаму веќе сè беше лесно. Момчето се викаше Чавдар Трифонов, или пократко Чаво или Чавò – со француски акцент на крајот на зборот, неговата девојка се викаше Милена Савова – овде немаше проблем со изговорот.
– Наскоро ќе ги жениме – се вметна Стефан Методиев.
– Е, учителе, рано е уште! – привидно само негодува Чавдар, но за секој случај ја прегрна Милена.
По убавина таа не можеше да се спореди со Марица. Беше мила русокоса девојка, со остро носе и со речиси прозрачни очи, кои успеале да го пленат крупниот, широк и црномурест Чавдар. Подоцна Елен ќе дознае дека и тој е сирак како неа. Затоа можеше да ја разбере неговата посветеност. Едноставно таа сè уште го немаше најдено својот човек.
– Мене нема ли да ме претставите? – се јави колегата Ангел Димитров. – Предавам средновековна историја на Европа на Софискиот универзитет. Елен е моја колешка, поскоро моја идна колешка. Овде е на неколку дни за да ја истражи материјалната култура на богомилите, ќе пишува реферат за нив… Всушност, мојата задача беше да ја донесам до овде, да ја сместам и да си отидам. Кога ќе се заврши работата, ќе ми се јавите за да дојдам и да ја соберам. Гледам дека ја оставам во одлично друштво.
Не ги тргна очите од Марица. Многу сакаше и тој да остане.
Елен му се заблагодари за претставувањето и единствено дополни дека е дипломка по историја на религиите на Парискиот универзитет. Немаше никаква потреба да знаат повеќе – тие ќе си ја гледаат нивната, а таа нејзината работа. Ќе ја замоли за помош убавата Мари само во краен случај.
Излегоа во дворот.
– А сега, за сместувањето – започна Ангел. – Овде, се разбира, нема хотел, но може да се сместиш во Белоградчик. На дваесетина километри е. Ќе треба да патуваш.
– А, бе, каков хотел! – се вмеша Стефан. – Бидејќи е за два дни, ќе оди со Марица кај баба Монка. Ем нема да биде сама, девојката знае француски… Овде луѓето се чисти и гостопримливи. Балканци се и не се скапчии. Преведи!
Елен го прифати предлогот да остане во селото. Така беше поразумно.
– Тогаш да одиме – рече колегата. – Колата нè чека.
– Нема потреба – вели Марица. – Куќата е преку улица. Можеби и сте застанале под неа.
Ангел Димитров искрено жалеше што не можеше да остане уште малку со идната цимерка на Елен. Му се читаше сладострастие на лицето. Таа го почувствува тоа уште претходната вечер во универзитетскиот клуб. Му се гледаше колку и да го прикриваше со звучни гестови и со професионален жаргон. Што ли ќе направеше ако наместо со неа вечераше со Мари?
– Еј, Даниеле, каде одиш? – се јави Стефан. – Ела, да те претставиме на гостинката.
Се запознаа. Даниел Тонев, последен од групата, беше низок и со кадрава црна коса, со наивно лице и астигматизам. Носеше очила со рамки од жица. Според начинот на кој се ракуваа, ја почувствува неговата вродена срамежливост. Од сите таму, тој најмалку личеше на Бугарин. „Како западноевропски научник“, си помисли Елен. „Сигурно знае и малку француски?“ Излезе дури и повеќе одошто таа очекуваше, но Даниел речиси и не зборуваше. Беше најдобриот студент на Стефан Методиев.
Колата навистина беше до куќата, а самата ограда – на пет метри од надворешниот ѕид на црквата. Од северните прозорци јасно се гледаа орнаментите околу јужната врата на храмот.
– Марица е најдобра. Може и по ноќница да дојде и да реставрира.
Тоа беше Стефан, кој брзо ги зеде торбите од рацете на Елен по својата шеговита забелешка. Продолжи:
– Што има поубаво до тоа да си блиску до Бога?
Марица не преведе. Таа одлично знаеше колку е беспомошен за да врати на својот сарказам.
– Е, јас ќе си одам – започна Ангел Димитров. – Елен, се радувам дека сè излезе подобро одошто се надевавме, нели? Ќе те чекам да ми се јавиш.
Се ракуваше со сите, но најмногу ја задржа раката на Марица. Тешко му беше да ја пушти.
Пред да влезе во колата, тој застана:
– Пренесете му многу поздрави на отец Петар. Три години бевме колеги на историскиот факултет. Потоа тој се запиша на Духовна академија…
– Да пристигневте порано, ќе го затекневте – му одговори Стефан. – Живее во соседното село, таму му е седиштето. Доаѓа овде секој ден помеѓу 10 и 11 часот претпладне. Постоја, погледна, праша дали имаме потреба од него и си замина. Не е многу зборлив.
– Таков си е, но многу е паметен. Можеше да има одлична кариера како историчар… Е, поздравете го.
Откако излезе на патот, Ангел свирна неколку пати со свирката. Сите го заборавија многу брзо.
Елен почувствува олеснување. Тргна по Стефан и Марица накај домот на баба Монка Неделина, без да претчувствува што ја очекува.
– И овај ли девојка ќе црта? – ги сретна уште во дворот баба Монка.
– Нема да црта, ќе пишува за црквата – ѝ одврати Стефан. – Преведи ѝ на Елен дека во овој крај зборуваат на дијалект што понекогаш е тежок дури и за нас. Стрино Монке, ќе ја примиш ли на два дни да спие кај вас. Ќе си плати.
– Ќе гу зему, ќе гу зему, зашто да не. Куќа е голема. Ќе гу зему и Марчета, да не биде сама. Ама не е од наши, нели?
– Не е, од странство е, Французинка.
– Е убаво, де! Ајде да улегнемо унутра пошто надвор е голема вруќина.
Стефан Методиев се насмеа и којзнае зошто сам си преведе наглас: „Да влеземе бидејќи надвор е многу топло“. Од сѐ срце се радуваше на тој говор. За сливенец, кој не е научен на овој дијалект, тој му звучеше певлив и на некој начин смешен. Еден месец откако ја реставрираа црквата и Стефан веќе одлично го разбираше, дури и во крчмата се шегуваше со селаните и најмногу со газдата, чичо Димитар Котларот. Му велеше: „Да га ебу, овој да ти било за свако тенџере капак!“, на што стариот ѓавол одвраќаше: „Стеване, немој да ми се праиш на три и пол!“ Но, Стефан со „ф“ не престануваше да се шегува и да си пие со тие „диви неверници“, како што ги нарекуваше отец Петар.
Внатре куќата беше исклучително чиста и подредена. Имаше околу сто квадрати со две спални, голема соба како дневна, ходник кај предниот влез и огниште кај задниот. Од него се слегуваше по десетина камени скали во дворот. На нивниот горен дел, пред задната врата имаше тераса со масичка и клупа каде што Марица пушеше навечер пред легнување.
Од предниот влез се слегуваше право на улицата по три чекори над неа. Од ходникот се влегуваше право во одајата и едната спална, а од собата со огништето – во другата спална. Помеѓу неа и ходникот имаше врата. Двете спални беа од едната страна и гледаа на североисток кон црквата. Под куќата имаше подрум, разделен во неколку соби. Прозорчињата им беа на нивото на улицата, која вртеше покрај источната и северната страна на куќата, минуваше нагоре по црквата, каде што беше училиштето и западниот крај на селото. Во него, на стотина метри над црквата, беа сместени и другите од групата: Стефан и Даниел – кај чичо Димитар Котларски, а Чавдар и Милена – кај Методи Недин, попознат на сите во Градиште како Мето Прчот.
Влегоа низ задниот влез по камените скали. Уште на терасата Стефан ги остави трите жени сами да се снајдат. Одлично го познаваше распоредот таму. Токму одовде минуваше ноќе, кога Марица ќе одлучеше да го прими.
Откако ги разгледа собите, Елен приседна во ходникот покрај една масичка со чаршаф од тантела, плетена со една игла и со грозен зелен пластичен телефон одозгора.
Трите жени молчеа и се учеа.
– Прашај ја колку ќе чини за две вечери. Ќе се сместам во онаа соба – покажа на вратата десно од ходникот.
– За две вечере паре нејќу да зимам. Кажи му дека к’д ќе дојду ја куде њу, т’г ја нема да плату.
Елен се насмеа на нејзиното чувство за хумор. Си ја замисли оваа баба во Париз.
– Не настојувај – ѝ рече Марица. – Нема да ти земе пари. Подобро ќе биде да ѝ подариш нешто на одење.
Не сакаше да ѝ каже со колку малку пари живеат луѓето овде.
– Одлична идеја, ти благодарам.
Потоа се сврти кон баба Монка, ја фати за рацете и ѝ рече:
– Merci, merci beaucoup!
Елен беше сигурна дека старата жена ја разбира. За баба Монка беше радост што во нејзината куќа ќе живее уште еден човек, макар и за два дни.
– Марче, прашај га дали е ручаја.
– На оваа горештина? Фала! Ниту сендвич не сакам.
Предложи да испазари и да приготви вечера за нив трите. Сега би сакала да си го остави багажот, да си отпочине и да се подготви за работа.
– Bien?
Марица Филипова не одговори. Стана, ѝ рече нешто на бабата и излезе низ предниот влез. По некој миг, Елен ја ѕирна низ прозорецот на ходникот. Навистина беше ѓаволски убава.
Минуваше пладне. Жегата допрва доаѓаше.
Во собата беше студено, мирисаше на лаванда и на сушено овошје. Опременоста на собата беше доволна: кревет со дрвени даски, покриен со црвено-црно ќебе, стар орман од пред војната, натрупан до горе со черги, маса со два стола, челична печка и ноќно и нокшир. Над масата имаше огледало во облик на срце. Подот беше послан со черги со жолти сиво-сини и темнокафеави рабови. Имаше два трокрилни прозорци. Едниот, откај црквата, беше покриен со хартија, а другиот на југоисток кон сретселото под куќата беше слободен. И на двата прозорци имаше завеси од тантела, рачноплетени. Како и во другите соби, сите ткаенини и плетива беа рачноизработени. Баба Монка не си го губела времето.
Елен беше убедена дека некаде во куќата има разбој. Не се излажа. Во кошницата под масата виде вратило и неколку совалки. Сигурно разбојот е во подрумот.
Се сети дека во текот на XII век, албигојците во нејзиниот роден град биле од родот на ткајачите. Тоа ја потсети за што дојде и се зафати со багажот.
За десетина минути беше готова. Десетте години самостоен живот ја научија на брзина и ред. Само според брзината личеше на татко ѝ…
Засекогаш ќе ѝ недостига. Елен имаше дванаесет години кога тој загина во сообраќајна несреќа на пат од Тулуз за Алби. По четири години мајка ѝ повторно се омажи. Елен едноставно ја напушти и се фати со учење. Ништо друго не ѝ преостануваше. Беше умерено амбициозна и темелна. Тоа ѝ помогна да се научи да биде внимателна во своите желби, до некаде и рамнодушна, откако еднаш Бог ѝ го зел најдрагото нешто.
Уште додека учеше во тулускиот „Мирај“, откри дека од сета историја на христијанството најљубопитни и некако најблиски ѝ се чинеа еретичките учења. Во нив имаше бунт и несогласување со официјалниот семоќен Творец, а Елен не-маше многу причини да му се радува. Како причина ја наведе – својата мала одмазда за неговата безгранична рамнодушност.
Додека на масата ги редеше лаптопот, фотоапаратот и другите малечки нешта, во главата на Елен ѝ минуваше што сè треба да направи. Требаше да ги фотографира и подетално да ги опише камените фигури по внатрешната страна на црквата. Се претпоставуваше дека таканаречените камени фигури од храмот „Свети Николај“ во село Градиште се доцни богомилски статуи слични налик на оние од надгробните плочи во Босна и Херцеговина. Беа уникатни за Бугарија, особено фигурата на „орантот“ – човечето што се моли со огромните дланки однадвор на апсидата над прозорецот на олтарот.
Зеде и специјален пластелин за да земе отпечаток од него.
Освен тоа, сакаше да ја опише и да ја фотографира резбата од внатрешната врата на олтарот, на којашто имаше зооморфни и растителни елементи, карактеристични за богомилската симболика.
Знаеше дека црквата е градена на почетокот на XIX век. Требаше да провери сè околу самата градба, летописните книги, кондаки, текстови и белешки по црковните книги, да ги разгледа гробовите во дворот на храмот и да ги фотографира натписите на камените плочи.
Нејзиното прашање беше: на кој начин и зошто толку доцна се имаа појавено материјални докази за богомилството, откако тоа толку одамна беше искоренето и пренесено – според сите докази со крстоносните походи – во Западна Европа? Нејзиниот роден Алби беше едно од првите места. Во Европа, богомилската ерес во своите многубројни разновидности одамна беше запечатен и уништен. Дали беше можно богомилската обредна практика во ова село да останала низ годините од нејзиното возникнување?
Елен требаше да ги најде своите одговори. Нејзиниот научен раководител проф. Берже ја охрабри да се прошета низ Бугарија, иако знаеше дека бугарската научна мисла многу совесно и детално ги имаше опишано сите нешта по однос на ова прашање.
Младата дипломка Елен Тибо сметаше дека е неверојатно тоа што нејзиното доаѓање овде се совпадна со реставрацијата на црквата, па за помалку од час и нешто веќе беше готова за работа на терен. Беше многу возбудена.
Веќе беше готова. Се исправи и не сакајќи погледна во огледалото во вид на срце. Имаше свеж изглед и покрај патувањето. Нејзините очи беа без шминка и креон, црните очи ѝ личеа на темнорусата коса, собрана одзади во кратко репче. Нејзиното лице беше нежно, со мазна бела кожа, а кога ќе се насмееше, од лево на образот и се образуваше мало дупченце. Носето ѝ беше некако детски чпрто.
Направи гримаса на одбивност кон своето лице во огледалото. „Марлен Жобер – глупости!“ Елен не беше суетна, и тоа го имаше наследено од татка си. Своето лице го прифаќаше за волшебно, но телото мораше да го трпи. Не беше грдо, имаше нормални пропорции, но Елен свесно го мразеше поради малите гради и малата заобленост на нозете под колената. Поради тоа одеше поднаведната и многу ретко со здолниште. Беше висока 172 сантиметри и тежеше 48 килограми.
Облече чисти фармерки, ја смени маицата, а потоа ги зеде фотоапаратот и тефтерот, подготвена за акција.
Во ходникот за малку ќе се удреше во баба Монка, која носеше ќебиња. Елен ѝ се насмевна и излезе низ предниот влез. Старата жена си ја знаеше работата.
Црквата „Свети Николај“ беше еднокорабна и зафаќаше површина од не повеќе од 150 метри квадратни. Имаше остар покрив, спуштен од двете страни, многу повисок од тие на другите храмови во тој крај. Беше изѕидана со црвен камен
од истиот вид и состав како познатите белоградчишки скали. Во долниот крај на селото, од другата страна на реката, во месноста Огрипки, имаше таков вид.
Поради покривот и бојата, градбата изгледаше повисоко, иако нејзините ѕидови не беа повисоки од 6-7 метри. Прозорците само придонесуваа за тој впечаток. Беа тесни и долги со остри сводови, чиишто агли беа еднакви со тој на покривот. На нив имаше решетки од ковано железо со цветови што одговараа со растителните мотиви од камените розетки што се спуштаа од двете страни по должината на секој прозорец.
Највпечатливи и најубави беа тие од внатрешната страна на олтарот. На апсидата над самиот камен на сводот, со размери приближно 50 на 30 сантиметри, беше фигурата на орантот. Познат во научната литература под тоа име, тој човек што се моли, поскоро човече од машки пол со голема, небаре насмевната или отворена од занес уста, јајцевидна глава и со мало тело во здолниште, налик на „килт“ на шкотски дворјанин. Рацете на орантот беа молитвено подигнати нагоре со огромни дланки несразмерни со трупот. Од горе, од двете страни над главата на човечето имаше два големи и еднакви кружни небески тела – најверојатно сонцето и месечината.
Елен се сети на размислувањата на гневниот прогонител на еретиците Инокентиј III, за сонцето и месечината како симболи на духовната и светската власт. Се разбира, сонцето е власта на Божјиот намесник на земјата, а месечината едноставно одразуваше светлина.
Елен стоеше под прозорецот на олтарот и се прашуваше како ќе стигне до статуата за да ѝ земе отпечаток. Можеби требаше да ги замоли Стефан и момците да пренесат едно од скелињата. Но, тоа ќе го стори најнакрај. Сега фотографираше, мереше и запишуваше.
Ѝ остави впечаток тоа што нивото на внатрешниот двор беше најмалку еден метар погоре од теренот надвор. Одовде ѕидот не беше повисок од 70-80 сантиметри додека од дворот на баба Монка тој беше впечатлив. Беше здрав – во тоа немаше никаков сомнеж.
Елен реши да се качи одгоре, за да може со објективот да ја фотографира статуата на орантот под прав агол.
Успеа. Си помогна со гранките на дрвото што растеше до ѕидот. Удобно се смести и започна да фотографира.
Камениот маж навистина се смееше, го гледаше во визирот на фотоапаратот толку јасно, небаре беше жив. Имаше чувство дека ќе ѝ проговори. Елен не престануваше да штрака, во очекување секој момент да го чуе гласот на човекот што се моли.
– Внимавајте да не паднете!
За малку ќе се случеше тоа. Добро што дрвото беше до неа. Го отпушти апаратот да ѝ виси над вратот за да се фати за првата поздрава гранка.
– Пред неколку години едно момче падна одовде, за несреќа од надворешната страна, и ги скрши двете раце одеднаш. Оној горе, со здолништето го накажал. Но, на момчето не му било пишано да остане живо. Дојдете ваму!
Елен забрзано дишеше и трепереше и го стегнала дрвото како птичка за гранка. Ја фати подадената рака и скокна на меката трева.
– Mais, qu’est-ce qui se passe? – се држеше таа без да може да ја скрие својата избезуменост. – По ѓаволите, кој сте Вие?
– Виктор Марков, мило ми е. Елен Тибо, претпоставувам?
– Да.
Елен се обидуваше да се смири, но срцето сè уште ѝ тропаше силно. На неколку пати се обиде длабоко да земе воздух за да го скрие уплавот.
– Жал ми е што Ве стресов! – „Стреснав!“ – Неверојатни се, нели?
Ја прашуваше за статуетките. Веќе можеше да го разгледа.
Тоа беше маж со долга црна коса, залижана наназад. Неговото високо чело, засилено од страничните залистоци, и веќе појавените бели прамни ѝ велеа дека има четириесетина години. Беше мазно избричен. Имаше голем, но правилен нос, полни усни и густи црни веѓи. Беше облечен во црна маица без ракави, бледосини фармерки и носеше сандали. Прстите на нозете му беа сразмерни, убавосредени – имаше убави палци. Телото му беше стегнато, со елегантни бицепси и со мазна кожа.
Колку повеќе го гледаше, толку повеќе Елен осознаваше дека мажот пред неа е привлечен. Она, што најмногу ѝ остави впечаток, се разбира, беа неговите очи. Тие не беа темнокафеави или црни, како што навестуваа тенот и косата, туку беа светли, речиси жолти, со зелени дамки околу зениците. Најверојатно татко му имал (или сè уште има) сини очи. Судејќи според испакнатите вени на неговите раце и чело, најверојатно Виктор Марков беше нулта крвна група. Имаше издадено адамово јаболко.
– Друга ваква црква нема да најдете во Бугарија – рече тој. Беше свртен со лицето кон зградата. – Не толку поради таканаречените богомилски елементи, колку поради нејзината архитектура. Таа не е типична за нашата преродба. Е – се сврти кон неа и се приближи – мислам дека треба да Ви се извинам и да Ви посакам добредојде во Градиште. Не сакав да Ве исплашам.
– Нема проблем – одврати Елен и почувствува пријатна миризба на афтершејв. Беше мазно избричен и белите влакна на брадата не му се познаваа.
– Сакам да Ве известам дека вечерва ќе ми бидете гостинка.
Тој не очекуваше одбивање. Говореше бавно како актер, интонацијата му беше школувана… Елен дури сега сфати дека Виктор Марков зборува беспрекорен француски јазик.
– Вие… Вие сте Бугарин, нели?
– Natutrellement! Чист и типичен. Дури сум и од ова село, поточно татко ми. Презимето ми е карактеристично за овој крај, но мене не ми се допаѓа. Дојдете да Ви покажам нешто интересно. Ќе Ви биде од корист.
– Од каде знаете толку добро француски? – не можеше да се воздржи Елен додека го следеше.
– Имам живеено во Париз.
Не ѝ остана време да го праша зошто.
– Еве!
Беше наведнат до северозападниот агол на градбата и покажуваше нешто во основата меѓу дебелите стебла на бршленот што како пипала беа впиени во каменот. Оддесно се гледаа спомениците на црковните гробишта, над кои еден огромен орев ја фрлаше својата вечна сенка. Беше студено и усојно, од никаде не пробиваше ниту зрак светлина.
Елен се наведна за да го види она што ѝ го покажуваше Виктор. На една педа од земјата и на уште толку од работ на аглестиот камен имаше малечок натпис, поскоро две букви, споени една за друга, не повисоки од три сантиметри.
Тие изгледаа вака:
ND
– Видовте ли убаво. Со сигурност тоа не се бугарски букви. Никој досега ги нема забележано и го нема соопштено овој факт. Може да ги фотографирате, Вие ќе бидете прва.
– Имате ли објаснување? – подоцна ќе го послуша неговиот совет.
– Е, па… Да се вратиме кај човечето. Овде е… како да речам, премногу оревово. Звучи ли добро на француски?
– Не особено. Кога ги видовте првпат?
– Ох, уште како дете. Многу сакавме да си играме овде, да се качуваме по дрвјата и ѕидот… Тогаш црквата не беше до толку обрасната со бршлен. Буквите се N и D. Прашањето е дали се тоа иницијали – да речеме на некој од тие што ја граделе, но тогаш зошто се на латиница или е некаква скратеница – во вид на тајни зборови или, пак, некакви знаци на трагачи на богатство…
Застана и ја погледна право во очи. Елен почувствува дека се вцрвенува и ја тргна главата. Срцето одново ѝ затропа, но не од страв.
– Знаете ли дека Вие не сте првиот странец што пројавил интерес за овој храм?
– Така ли? Не.
– На два пати доаѓаа Полјаци. Крадци, се разбира. Словени – и при тоа католици. Се разбира дека им помагале православни Бугари. Добро што не го зеле тоа што е највредно! Но, Вие, по сè изгледа, не сте како нив. Раскажете ми нешто за Вас!
Дали тој се сомневаше во нејзините намери?
– Видете, Виктор… – Сакаше да му стави до знаење. – Мојот интерес е строго научен и ако алудирате…
– Mais non, ma chère! – ја прекина, па дури татковски ѝ ја стави раката на рамо. – Едноставно се обидувам да Ви помогнам. Верувајте ми.
Одново ја погледна. Овој пат Елен не ги спушти очите. Беше искрен. Немаше ниту трага од итриот сладострастен блесок, присутен во погледот на маж што се обидува да ти остави впечаток. Виктор поскоро беше непоправливо сентиментален.
Сфати дека започнува да ѝ се допаѓа без воопшто да знае нешто за него.
– Не заборавајте дека мојата покана сѐ уште важи!
Се исправи, ги истресе панталоните од тревата и продолжи:
– Се разбира, не Ве присилувам. Стефан и неговите студенти исто така ќе дојдат. Тие ќе Ве донесат иако кого и да прашате ќе Ви каже каде живеам. Овде сè е блиску, како една комуна сме!
Ѝ подаде рака, небаре настојуваше да му прости дека ја навредил без да сака. Елен ја зеде раката, за што подоцна ќе зажали.
– Мислете малку за знакот. Ако ми дојдете нагости, ќе Ви раскажам уште нешта. A bientôt!