Јас бев обичен човек. Работев обична работа, имав обична девојка. Бев дете од обична фамилија. Со татко ми гледав фудбал. Со другарите играв фудбал во слободно време. Немав ниту хоби, ниту порок. Уживав во мојот обичен живот.
Сè започна eдно утро кога станав од кревет и почуствував силна болка во пределот на половината. Не можев да застанам исправено. После работа отидов на доктор, ме препрати на рендген. Снимките покажаа дека нешто чудно се случува со пршлените и ‘рбетот. Конзилиум од доктори ги прегледа моите снимки, но ниту еден не можеше да постави дијагноза.
Секој обид да се исправам беше проследен со страшна болка, но ако се движев подгрбавен, наведнат, на сите четири, болката целосно исчезнуваше. Од работа земав боледување на неодреден рок. За мене се грижеа мојата девојка и моите родители.
Додека докторите се обидуваа да најдат лек за мојот ‘рбет, нeобични работи почнаа да се случуваат на други делови од моето тело. Влакна се појавуваа на места каде што никогаш не би требало да има влакна. Мојата девојка, на шега, тврдеше дека се претворам во врколак, а пак мајка ми мислеше дека тоа е нус појава од лекарствата за ‘рбетот. Еден ден забележав дека губам влакна од главата, а ушите ми станаа сè поголеми и издолжени. Татко ми, тврдеше дека се претворам во мајмун. Татко ми беше во право.
Како што минуваа деновите, јас сè повеќе и повеќе личев на мајмун.
Збунети и неспособни да ја објаснат мојата состојба, докторите се обратија на колеги и институции од повисоки научни нивоа, европски и американски универзитети и болници, азиски зоолози и антрополози. Научници од целиот свет одеднаш почнаа да се појавуваат во мојот дом. Ме сликаа, снимаа и мереа на секаков можен начин и од секој можен агол. Сите шпекулираа и прогнозираа, но никој немаше одговор или лек.
Еден ден во нашиот дом пристигна еден црномурест маж. Името му беше Др. Погбори. Сите беа изненадени од Др. Погбори бидејќи тој не изврши мерења и испитувања, туку веднаш имаше објаснување. Пред еден куп странски и домашни доктори, извади слика од човековата еволуција од мајмун, но во обратна насока, од човек кон мајмун. Потоа извади уште една слика каде грижливо, една по друга, беа поставени фотографиите кои беа направени од почетокот на мојата болест. „Дами и Господа, мојата диjaгноза е акутна кoнтра еволуција. Нашиот пациент се претвора во мајмун“ констатираше Др. Погбори.
Др. Погбори беше во право и предложи итно да бидам пренесен во специјална лабораторија, каде врз мене ќе бидат вршени детални испитувања. Др. Погбори се плашеше дека наскоро обратната акутна еволуција ќе ја одземе мојата способност за говор и нормална комуникација. Повторно беше во право. Под итно бев пренесен во тајна лабораторија во Швајцарија. Секојдневно ја губев способноста да кажам тоа што бистро и чисто го имав на ум. Размислував нормално, но не можев да го кажам тоа што сакав да го кажам.
Бев сместен во удобна соба, со прозорец и поглед кон Алпите. Научниците постојано вршеа мерења и прегледи.
Одеднаш, научниците престанаа да доаѓаат во мојата соба. Бев посетуван само од моите негуватели кои ја чистеа собата и донесуваа храна. Помина долго време и еден ден се појави Др. Погбори. Ме праша како сум, знаејќи дека не можам да му одговорам но можам да го разберам што говори, продолжи со својот монолог: „Направивме секаков вид на испитување и тестови. Користевме најмодерна технологија. За жал дознавме дека за твојата ситуација, не болест, туку ситуација… нема лек. Но… успеавме да ја дознаеме причината за твојата ситуација. Ти всушност си еден вид на меѓу-димензионален портал преку кој Чарлс Дарвин се обидувам да комуницира со човештвото. Наскоро ќе слушнеш гласови кои ќе ти говорат нешто, тое ќе биде самиот Чарлс Дарвин. Ќе ти биде дадена една кутија полна со букви од азбуката и со помош на тие букви ќе ни пренесеш тоа што Чарлс Дарвин се обидува да ни каже.“
Ако сте виделе човеколик мајмун во музеј, неподвижен како скулптура, исто така изгледав јас откако го ислушав Др. Погбори. Не можев и немав што да кажам. Седев мирно во аголот на собата и зјапав со отворена уста.
„Знам дека си збунет,“ продолжи Др. Погбори, „но откако ќе ја пренесеш пораката од Чарлс Дарвин и со тоа ја завршиш својата работа, можеби… ќе се вратиш во нормална состојба.“
Мина многу време, а јас веќе немав ниту еден дел на моето тело кое потсеќаше на моето човечко минато. Една вечер, додека спиев во мојата лулашка, слушнав глас:
„Пст, пст еј… ме слушаш?“
Отворив очи, пред мене немаше никој, но во себе изговорив, „Да?… Те слушам?“
„Извини вака, малце во незгодно време, јас сум Чарлс Дарвин, можеби сум ти познат од некаде?“
„Да секако“ му одговорив во себе. „Др. Погбори ми навести дека еден ден ќе се обидеш да комуницираш со нас луѓето од денешницата, користејќи ме мене како еден вид на портал. Тоа е супер, ама една работа само, мораше ли мајмун да ме направиш, жити тоа брадата?!?!“
„Ех… види… како да ти кажам,“ иако само можев да го слушам, го замислував Дарвин како се витка и клацка од срам. „Незгодно овака, ама ова беше единствен начин да се пренесе пораката, знаеш, јас по тоа сум познат, по еволуцијата, тоа сликата од мајмун до хомо еректус… ти текнуе?“
„Знам ми текнуе,“ му одговорив нервозно, „ама можеше барем во спротивен правец да одиш, нели? Можеше да ме мутираш во следниот чекор на еволуцијата, а не вака во рикверц! Види на што личам… вчера почнав со гомна да фрлам по луѓе што ми носат храна… срамота.“
„Ех тоа никако не можам…“
„Како мислиш не можеш?“
„Па да те мутирам во следниот чекор на еволуцијата,“ срамежливо се исповеда Дарвин „никој не знае каде води следниот чекор на еволуцијата. Ниту јас. Сè што знаеме е само како било порано… тоа ти е… ех… извини.“
„И сега? Што правиме? Ако ја пренесам пораката, ќе се вратам во нормална состојба?“ „Ах и тоа не може, ова е иреверзибилен процес, ќе си останеш мајмун… за жал… или…“
Сакав да го завлечам за брадата и да го трескам од земја… но неможев… Чарлс Дарвин беше само глас во мојата глава. Почнав да плачам, барем во себе си.
Минаа неколку минути и повторно Чарлс:
„Кхммм, извини вака, ама порталов скоро ќе се затвори, а баш би било глупо после сето ова да не успеам да ја пратам поракава.“
„Кажи!“ му реков отсечно. Дарвин ја кажа пораката и гласот го снема со звук на нешто вшмукано од вакуум.
Потоа отидов во кутијата со буквите и на подот ја составив реченицата,
„Играјте ја Манчестер Јунајтед – Челзи кец у кец!“
Со останатите букви, составив реченица или две, во која им кажав на научниците дека никогаш повеќе нема да бидам човек, или пак да се вратам во мојата претходна форма. Им кажав дека може да прават што сакаат со мене и моето тело.
Потоа седнав пред прозорецот, надвор сè уште беше ноќ и темно пред мугри. Позади мене, собата почна да се исполнува со научници во бели мантили и маски на лицето. Сите беа фокусирани на пораката. Седејќи пред прозорецот и гледајќи како небото менува боја и се буди денот, додека белите мантили сликаа, снимаа и мереа, си помислив дека во секој момент можам да почнам да убивам луѓе, да кршам и да предизвикам хаос. Да ги гризам, да им вадам очи, да им ги кршам рацете и исчепам ушите. Да им создадам болка и мизерија на секаков можен начин. Да го истурам сиот мој бес и животинска сила за да создадам пеколен ужас. Но како што изгреваше сонцето над Алпите, бесот се претвори во тага, сфатив дека никогаш повеќе нема да бидам со мојата девојка, родителите и пријателите. Сфатив дека до сега воопшто не сe прашав себе си, зошто ми се случува ова, зошто баш јас?
* * *
Еве ме сега, седам на дрво овде во џунглава. Понекогаш уживам во моите нови физички способности и природните убавини. Понекогаш ме посетува Др. Погбори. Со себе носи кутија со букви во обид да извлече уште барем некоја информација од мене. Др. Погбори добро знае дека нема да добие ниту збор повеќе. Толку од мене и човековиот свет.