Да се погледне Другиот со отворени очи

кон „Кога заминав од Карл Либкнехт“ од Лидија Димковска, Или-Или 2019
    кон „Кога заминав од Карл Либкнехт“ од Лидија Димковска, Или-Или 2019

Новата книга на Лидија Димковска e фасцинантна како и сѐ напишано од неа.
Најсилниот глас на современата македонска литература, подеднакво моќен и во поезијата и во прозата, овој пат и на теренот на расказот. И тоа каков расказ. Какви раскази!
27 фасцинантни нурнувања во битисувањето на обичниот човек. 27 приказни раскажани со 27 различни гласови, толку различни перспективи и уште толку светогледи. Димковска и во расказите, како и во своите романи (наградуваните кај нас и многу преведуваните низ светот „Скриена камера, „Резервен живот“, „Но-Уи“) е мајсторски прецизна, потресно реалистична и проникнувачки аналитична.
Збирката „Кога заминав од „Карл Либкнехт“ е смислена како 27 исповеди на исто толку луѓе од различни страни на светот, чиј живот на некој начин бил поврзан со името на Карл Либкнехт, поточно за адресата со името на големиот германски левичар, истомисленик и соборец на Роза Луксембург. Така се одмотува клопчето искажувања на луѓе од едниот до другиот крај на земјината топка, чиј живот бил поврзан со споменатата адреса.
Вистински места (топоними), контекст од вистински историски настани и оригиналните фиктивни ликови од перото на Димковска. 27 нурнувања во исто толку биографии, како и подеднакво, а можеби и многу повеќе ѕиркања во нивните домови, соби, во одаите на нивната душа и психа. Прозорецот се отвора, а низ него поглед на колку банални, толку и необични животни патишта, кои меѓу себе навидум немаат ништо заедничко, освен клучната адреса.
Секој од расказите е мини-новела, роман, па и материјал за филм со сите нишани. Јасна слика, атмосфера што лесно може да се почувствува. Звуци, мириси, бои што од приказните лесно се префрлуваат на читателот. Тоа е мајсторството на Димковска, тоа е магијата на нејзиното писмо. Директно соочување на читателот со ликот и приказната за и околу него. Секоја приказна е микросвет сам за себе, а сепак сите заедно се една поголема, компактна целина. Секој може да биде и роман или пак лесно да им се смени структурата за заедно да сочинат роман. Но не треба. Тие се токму такви како што треба да бидат, триесет доволно долги навраќања кон мотивот човек.
На макроплан јасна и ангажирана вивисекција на актуелните случувања во Европа и светот. Миграциски и идентитетски кризи, азилантски приказни, преселби, напуштања, бегања. Поимот дом, (не)вдоменост, дводомност и/или повеќедомност, припаѓање на една и повеќе култури, јазици и преминувањето на многу, многу граници. Сево ова е дел од нештата за кои зборува и пишува Димковска во „Кога заминав од Карл Либкнехт“, преку 30-те гласа артикулирани во нејзините раскази. Да се чуе оној што забораваме да го (и)слушаме, што не сакаме, што го сметаме за недостоен, невреден, неинтересен, да се влезе во неговата глава, да се погледне Другиот со отворени очи, но и да се гледа низ очите на Другиот, кој е друг, најчесто само затоа што е поинаков од нас.
„Кога заминав од Карл Либкхнет“ го доби признанието „Европско културно наследство“ што го доделува ЕУ, истата унија која на Лидија Димковска во 2013 година ѝ ја додели Европската награда за литература за романот „Резервен живот.“.
Европа одамна ја присвои и посвои Лидија како еден од нејзините најзначајни автори, и тоа токму од Македонија. Еден од ликовите во расказите „Кога заминав од Карл Либкнехт“ вели: „Знам повеќе јазици, ама само на еден знам да раѓам литература“. Ако реченицата од ликот му ја препишеме на оној што го создал, односно на писателот, тогаш за македонскиот јазик нема поголемо признание и радост, бидејќи е пишуван и ширен од автор како Лидија Димковска.

Тагови од објавата
More from Александра Јуруковска
Нежна, мистична, мистериозна, дури и онирична
Кон „Пеперутка од пепел“ од Сузана В. Спасовска, Скопје 2018 (самостојно издание)
Повеќе
0 replies on “Да се погледне Другиот со отворени очи”