СЕКОЈДНЕВЈЕ ФРЛЕНО ПРЕД ОЧИ

...како возрасно дете буричка по светот околу себе, го отсокрива, го препокрива, покажува на работи очигледни а заборавени, или заматени од премногу зашербетена лага...
    За „Небо во кафез“ од Долорес Атанасова-Лори

Поезијата на Долорес Атанасова-Лори е сурова како стварноста, бескомпромисна, секојдневје фрлено пред очи, но во исто време топла и сострадателна.
„Небо во кафез“, нејзина трета книга поезија, природно се надоврзува на нејзините претходни книги: „Будење во трето лице еднина“ и „Со ветрот под рака“.
„Небо во кафез“ како возрасно дете буричка по светот околу себе, го отсокрива, го препокрива, покажува на работи очигледни а заборавени, или заматени од премногу зашербетена лага, и гласно кажува „Царот во нас е гол!“
Да почнеме од насловот на книгата, „Небо во кафез“, слика силна најмногу поради замената на перспективите. Одеднаш небото е заробено, а не тој што го гледа. Маестрална „ти зборувам ќерко, сети се снао“ позиција на оној што зборува во текстот. Тоа е влезот и тоа е нуклеусната метафора во која е собран целиот ракопис.
Кога сме веќе влезени во ракописот, гледаме дека сме влезени во секојдневјето на градот. Но тоа секојдневје е будно и набљудува. Се посматра самото себе и својата повторливост доведена до бесмисла. А кога ќе почне човек будно да го набљудува секојдневјето, тоа полека се избиструва и од него излегуваат купишта очигледни вистини, а настаните се претвораат во зен-коани пред кои понекогаш читателот стои збунето и оџагорено.
Покрај сета сурова искреност со која набљудува субјектот, во поезијата провејува една нишка оптимистична, многу јасна и моќна, која во себе содржи сострадателност и кон себе и кон светот, свест полна разбирање и надеж, која на тој водено-студен светоглед на река понорница му дава топла мајчинска грижливост, но грижливост како мукает, или: посветеност.
Но, има и уште една карактеристика што го збогатува со квалитет овој поетски ракопис: чувството за пресврт во приказната. Талентот за досетка, за кривина, за правењето агол, талентот за автоиронија. Духовитоста, тоа е третиот квалитет покрај топлата посветеност на срцето и погледот што отстрана луцидно набљудува. Овие три квалитети еден со друг се чуваат и заедно впрегнати ја воспоставуваат рамнотежата во текстот.
Овој – третиот – аспект нѐ доведува до корејската поетска форма сиџо, која на Долорес Атанасова ѝ станува омилена, или веќе одамна ѝ е станата таква. Сиџото, слично како и јапонското хаику, е идеално за писмата или, ако сакате, дискурсите што во себе содржат виц, но виц не со значење на нешто смешно, туку на нешто што во себе содржи изненадување, неочекуван развој на настаните. Сиџото со себе неминовно го носи и Истокот, па неретко песните на Лори зазвучуваат како да го поминале Таото. Во „Со ветрот под рака“ сиџото си добива засебен дел во книгата, вториот, а овде го има насекаде расфрлено по малку, ко цвеќиња по ливада, ако сакаме да бидеме малку лирично расположени.
Иако – ова иако се однесува на претходниот пасус – во „Небо во кафез“ нема многу простор за лажни патетики и празни лиризации, ублажувања, засладувања, зашеќерувања. Велам лажни патетики, бидејќи се повикувам на современото значење на зборот, а не на она изворното, кое иде од грчкото патхос (πάθος) и значи страдање, означувајќи на тој начин нешто возвишено. Во современиот јазик патетичното, напротив, си го сменило значењето и од возвишено станало ниско, односно комично, смешно. „Но, како смешно? Кловновски смешно?“ Патетично смешно или лажно возвишено.
Е, тоа овде го нема. А има многу смрт во книгава, многу умирачка, многу простор за страдање, ама и таа се гледа отстрана, како секојдневност, па и од неа се прави смешка. Страдањето е достоинствено, неприкажано и можеме само да претпоставиме дека го има.

Еден ден ќе нѐ стават меѓу загради, знаеш,
меѓу година на раѓање и година на смрт.
Ај што ќе си фалиме, туку и тоа поминува.

И за крај, како последен аспект во книгата, четврти, ако добро бројам, ќе го спомнам женското писмо. Покрај оној неутралниот, човечкиот, ослободен од секакви други идентитети, светоглед, постои, и тоа очигледно постои, и оној женскиот, мајчинскиот, старичиниот. Погледот на мудра старица што седи пред куќи во летни горештини и светот не ја допира многу-многу додека околу неа предат мачки, трчаат деца, возрасни се караат за вестите од земјата и од светот. Тука читателот можеби ќе рече: „Ама, зарем не се совпаѓаат вториот и четвртиот аспект? Нели веќе ја спомна мајчинската грижливост?“ Да, но мајчинството е само дел од женскоста, а овде таа се појавува во повеќе форми, не само како грижливост. Се појавува и како пркос кон доминантно машката цивилизација, се појавува како стаменост и гласност пред неправдата. Женскоста со сета своја лунарност и воденост.
„Небо во кафез“ е книга поезија што ќе ја облагороди современата македонска книжевност, а во оваа масовна продукција на хартија многу од книгите што се објавуваат не се такви.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Предизвиците на мојот превод
Кон преводот на „Рута Таненбаум“ (Бегемот)
Повеќе
0 replies on “СЕКОЈДНЕВЈЕ ФРЛЕНО ПРЕД ОЧИ”