Кога врбата сака

Врба недвосмислено ни дава и една таква - суштината на МАЈЧИНСТВОТО не е само САМОЖРТВУВАЊЕ или само ЖРТВУВАЊЕ (породување), туку САКАЊЕ.

„Врба“ е филм за минатото и сегашноста, и од тој аспект е поставен во два периоди, иако може да се толкува и како филм со три дела кои се самостојно одржливи, функционираат дадени сами за себе, но меѓусебно се преплетуваат, надополнуваат и вклопуваат многу добро.

Кога сме кај формата, филмот, формално, има две верзии од кои првата е подолга за дваесетина минути и е официјалната верзија, популарно претставена како „женска“. Втората верзија е пократка и иако би било очекувано да е „поударна“, не е. Повеќе наликува на некаков ТВ-филм, прилагоден за македонските (и регионалните) ТВ-куќи полесно да се нафатат да го прикажат за конечно сите да имаме можност да изгледаме и нешто квалитетно. Определбатата за пуштање во промет на две верзии на филмот веројатно е на линија со општествено-политичката актуелна плурална култура, и промоција на правото на избор на луѓето како основно човеково право од кое произлегуваат бројни други, како и последните текови во филмската индустрија (но рака на срце поинспиративна е определбата за правење на „интерактивен“ филм, како кај „Bandersnatch“ (Black Mirror).

Oчебијно е тоа што користејќи се со материјалите од долгогодишната, посветена и умешна работа и истражување овој филм како своевидна сликовница пред нас ни отвора нов видик кон обичаите, јазикот и хуморот кои постоеле на ова поднебје, можност да ги анализираме ритуалите кои на некаков начин го предодредувале животот на нашите предци, односно нивната сегашност. Ова ни овозможува да извлечеме заклучоци и за нас, што треба да биде и основна задача на секоја историја.

Жртвувањето на „најдрагото во моментот“ е претставена како неопходност за да дојдеме до констатацијата дека животот не е „таму некаде во минатото“, туку „овде и сега“. Припотресувањето за „сопственоста“ на првото дете и покрај договорот со бабата е во целосна спротивност на принципот на владеење на правото и, што е уште поважно, во целосна спротивност со суштината на љубовта – споделување и немање граници. Немање сопственост. Во „Врба“ го гледаме и нашето курбан/урбано Скопје. Ја гледаме нашата сообрaќајна (не)култура и (не)опстојување до индивидуалните базични принципи на постоењето. Потклекнувањето на првиот предизвик на постоењето.

Нарацијата е претставена без да се дадат конечни решенија и дефинирани ставови и е доследно продолжување на каузата за играње и релативизација на формата на филмот кај Манчевски, поставена претходно со „Пред дождот“, „Мајки“ и најмногу со „Прашина“. Но, филозофијата на постоењето и на делувањето на вистинските херои во филмот е во суптилното делување, мирното постоење на медитативни херои, еднакво упаднати како нас во хаосот на секојдневието, со таа разлика што тие опстојуваат. Тоа не значи дека не се доволно видливи или влијателни. Можеби за некого тоа е недоволно јасно, затскриено и ќе постави триесетина прашања. Заблуденоста и опсесивното рационализирање може да боли. Ама филмот не е за лечење на лични заблуди.

Владан Петковиќ во неговата рецензија за филмот фантастично го доловил ова преку претставувањето на „Врба“ како филм кој одбегнува да тврди дека „ова нешто се случува поради тоа и тоа“, туку прибегнува кон сугерирање дека „можеби ова нешто има некаква врска со тоа и тоа“. И тоа е предност, не слабост.

Конечно, ако сакаме конечни решенија, Врба недвосмислено ни дава и една таква – суштината на МАЈЧИНСТВОТО не е само САМОЖРТВУВАЊЕ или само ЖРТВУВАЊЕ (породување), туку САКАЊЕ. Оттаму, Мајка не раѓа, Мајка сака.

 

Златко Кујунџиски

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Јуре Каштелан и Славко Михалиќ „Во очите на Скопје“
Одамна иницираните и долготрајни културни и особено книжевни релации меѓу Македонците и...
Повеќе
0 replies on “Кога врбата сака”