Кон „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски, Или -Или 2019

Зрело наратолошко патување

Kусиот роман „Последните денови на Ханс“ на Михалјо Свидерски, е големо и пријатно изненадување за авторот на овие редови. Михајло го знам и го читам пред се’ како поет, но и одличен преведувач, односно препејувач. Во 2014 година тој го најави својот сериозен влез и на прозната страна од македонската книжевна сцена со „Бело и црвено“, за која ја доби наградата Новите. Од тогаш се поминати скоро 6 години и еве го Свидерски со нешто соесема ново, во секој поглед.
„Последните денови на Ханс“ е едно прилично сложено четиво, писмо кое е тешко да се омеѓи во жанровски одредници или класификации, иако можеби е најблизу до она што се нарекува модерен, пред се’ европски, роман на тек на свест. Наратолошката структура на текстот е таква што сфаќате дека читате река од зборови и реченици на едно нејасно ЈАС. Раскажувачот е и фокализатор, значи оној низ чии очи ги гледаме нештата, кој зборува и пишува за себе и за нештата околу себе, и тоа низ една прилично енигматична перспектива. Во позадината на крајно егоцентричното сепство на ликот-раскажувач, се наѕираат и фактички елементи, состојби, па можеби и историски податоци кои се навидум само како расфрлани, како неважни, но тие ја прават уште поголема стапицата во која влегува читателот.
Доминантно логореичната и психотична атмосфера е изградена вешто, трпеливо, небаре на неа се посветил мајстор-ѕидар, кој со големо внимание бирал каде ќе ги намести многуте зборови што ја следат поматената свест на раскажувачот. Но и тука мрежата на нараторот има уште еден јазол. Дали се’ што тој зборува е кажано на јаве или е влез во неговиот или нечиј туѓ сон. Оноричноста се надоврзува на шизоферената состојба од погоре, па ја засилува и така многу моќната игра на ликот за кој не знаеме дали е жртва или џелат, дали е мачен или други го мачат? Од многуте нејасни ситуации – едно е сигурно, а тоа е дека живее во некој вид затвор во кој своето лице го гледа со маски. Некоја понатамошна анализа на романот на Свидерски, а верувам дека ќе има доста, бидејќи е навистина податлив за тоа, може да ја повлече и паралелата со Јукио Мишима и новелата „Исповед на една маска“, и бројните допирни точки по прашањето на односот кон смртта и страдањето што го отвораат главнитејунаци.
„Последните денови на Ханс“ е роман во кој енигмата или мистеријата не се откриваат до крај па дури и кога ќе се открие идентитетот на раскажувачот, читателот останува во недоумица, неверица дека ТОЈ е навистина ТОЈ. Тука Свидерски прави уште едно зрело наратолошко патување, уште еден прилично зрел раскажувачки потег и уфрла уште неколку гласови кои се претопуваат со внатрешниот монолог на доминантниот раскажувач. Вака поставена ситуацијата уште повеќе се усложнува затоа што ненаметливо се менуваат и точките на гледање на нештата, посебно точката на гледање на главниот лик, чиј идентитет и понатаму не го знаеме, но сега добиваме нови перспективи и можност да го видме и од страна и тоа блаодарение токму на полифоничноста.
Прашањата што се ројат – се удвојуваат, читателот е детектив низ лавиринтите на оваа психолошка приказна. Дали негативецот е всушност најголемиот сонувач, дали неговите намери се добри , а нивната реализација крвава и злосторничка? Дали солзите се садистички ? Дали тој искрено пати кога другите страдаат или пак чувствува настрано оргазмично задоволство гледајќи ја туѓата болка?
Во романот постојат и силно нагласени филозофски секвенци за слободата како тешко остварлива и посакувана, или нејзина споредба со желбата за власт над другиот.
На крајот ќе завршам со уште една можна идеја за некоја следна анализа и компарација со уште едно големо дело на европскиот роман, мајсторскиот „Бранови“ од Вирџиниј Вулф, 6 паралелни гаса, полифоничност од најдобар ков. Кај Свидерски избројав четири, но земете го бројот со резерва. Се надевам, дури и посакувам, некој следен читател да ме исправи и да каже дека открил нов глас во сложеното психолошко и наратолошко завртување на завртката наречено „Последните денови на Ханс“.

Тагови од објавата
More from Александра Јуруковска
Скриен портал со емотивен полнеж
Кон „Скриено писмо“ од Митко Гогов
Повеќе
0 replies on “Кон „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски, Или -Или 2019”