Политичко-идеолошки импликации во Г-ѓа Даловеј од Вирџинија Вулф

Октоподот на мејнстримот ги пушта своите пипци кон овие анти-херои во обидот да ни ги прикаже како комплицирани, нејасни, неразбирливи.

За сите претставници на модернизмот може да се каже дека 70-80 години подоцна сеуште во себе носат убоит субверзивен потенцијал. Бекет, Пруст, Кафка… Незапирливо и ден-денес се предмет на академски истражувања и интерес. Октоподот на мејнстримот ги пушта своите пипци кон овие анти-херои во обидот да ни ги прикаже како комплицирани, нејасни, неразбирливи. Но, модернистите први го почувствуваа хаосот на современото доба, први се обидоа да ни го доловат распадот во постојано перпетуирање, гнилежот на Цивилизацијата во која парафразирано според Валтер Бенјамин стои наличјето на Варваризмот. Стереотипот кој владее за Вирџинија Вулф е следниот: некаква комплицирана депресивна прото-феминистка, сноб, уште еден англиски романописател-ка со подробни описи за тие здодевни англиски џентлмени, нивните чаеви, нивните филцани шапки, фракови, џемпери од твид, мали ритуали, идиоми ala perhaps, ексклузивни клубови, салони, аристократија-во-пропаѓање-која-никако–да-пропадне, со еден збор, елитизам.
Дај му шанса на твоето читателско љубопитство и пристапи со чисто срце кон вулфовиот шаренолик опус и ќе налеташ на – разбивач со извесен пра-панкерски пркос на сеопшта деконструтивистичка екстраваганција. На удар се некои од темелите на Англосаксонската Цивилизација: хиперрационализам, вкочанетост, пресвета Конвенција, прагматичност, лизгање низ отворите на животот постојано на помал отпор.
Вечна епска тема ќе биде темата на младешкиот нон-конформизам и бунт и компромитација на истиот. За да дознаеме против што се бунтува читаме од следниот пасус мизантропски бисер: „Вистината е дека…човечките суштества не поседуваат ниту љубезност, ниту вера, ниту милосрдие, доколку сето тоа не е во функција на некакво моментално задоволување“. Рушевините на светот по Првата Светска војна ќе наговестат и создавање на еден Нов Свет, а инертноста на стариот ќе ја презрат овие модернистички визионери. Нивната анархоидната позиција ќе стави под прашање се: морал, љубов, брак, успех или по рандом редослед, кому како му одговара. Вулф не е наивен прогресист: наполно свесна за изминување на позитивистичката фасцинација од науката, таа претчувствува дека 20-ти век ќе биде век на психологијата. Или што би рекла една во многу нешта слична близначка Патриша Хајтсмит: „20-ти век е век на психопатот!“
Сите нејзини експерименти ќе бидат во насока на постигнување на „објективност“ која пост-структуралистите одамна ни ја разрушија. За да биде напредна во права смисла на зборот, таа знае дека треба да се врати назад, преку едвардијанците кои ги презира, до Големата Викторијанска Ера. Вирџинија Вулф, таа страствена читателка на писма и дневници, е преокупирана со смислата на времето исто како нејзиниот современик Марсел Пруст, пред чие влијание ќе чувствува силна анксиозност. Нејзини опсесии се трпението, настанот, фрустрирачкото исчекување, носталгијата, жалта, изненадувањето… но и меморијата, загубата, зреењето, стареењето. Впрочем, општопознат факт е дека Г-ѓа Даловеј првенствено требало да се вика: Часови. Вулф е политички прецизен промислувач: цели 20-30 години пред да се случи реален стрмоглавен распад на британската империја таа тоа го најавува во своите романи. Британија во тие години е она што е САД денес: единствено воено-политичката моќ обезбедува економски развој, а не системот сам по себе. Во Г-ѓа Даловеј викторијанската ера е репрезентирана со култот кон природното, есенцијализмот. Кога ликот на Хелена Пери првпат се појавува како предмет на сеќавање на Клариса, таа изгледа како карикатура на викторијанска средовечна вујна: горделива, конвенционална, обземена со цвеќиња. Питер Волш споделува слична импресија од госпоѓа Пери, поготово низ нејзините реминисцении кога се појавува криза во неговиот живот, и тоа во оној круцијален момент кога Клариса се заљубува во Ричард Даловеј, тој е натеран да води бесмислена конверзација со вујната на Клариса.
Како резултат на таа меморија со г-ѓа Пери и сето нејзиното ботаничарење за Питер тие ќе претставуваат амблем за викторијанската конвенција. Во тој поглед Питер ја опсервира разликата помеѓу општеството на неговата младост и актуелноста: пирамидална акумулација на неговата младост која се чинеше неменлива. На врвот беше г-ѓа Пери, каков рол-модел, но „сега таа е мртва“.
„Во Бортун секогаш можеа да се видат мали, збиени букети долж столовите. Сели ќе излезеше и ќе набереше слез, георгина – разни видови цвеќе кое дотогаш никој не ги видел во комбинција – потоа ќе им ги откинеше пупките и ќе ги пуштеше да пливаат во поточето низ бранчињата. Впечатокот беше извонреден – особено кога плутаа при залезот на сонцето. (Се разбира, тетка Хелен сметаше дека тоа е свиреп гест кон цвеќињата) (Вирџинија Вулф, 1964, 30)
Враќањето на Питер Волш е клучна сентенца: тој се враќа поразен после бегството од пред неколку децении кога беше одбиен неговиот предлог за брак со Клариса. Тој ја вознемирува нејзината душа, според едни интерпретатори, според други, веројатно со поромантични толкувања, тоа е потсетување на погубноста на нејзината прагматична одлука.
Питер Волш, Сели и Клариса претставуваат некогашно трио бунтовници. Питер Волш е начитан, прониклив и луциден опсерватор со социјалистички уверувања, Сели е дрска, непредвидлива, жизнерадосна. Сели и Клариса на бракот гледаат како на „катастрофа“ и тоа не само типично девојчинско претерување. Под влијание на Сели, Клариса ќе го чита Платон, Шели и Вилијам Морис; двете ќе седат со часови во спалната на Клариса, ќе планираат социјални активности, со наивни и утописки реформистички замисли, како на пример: укинување на приватната сопственост.
Се се менува кога Клариса го прави изборот на сопруг. Кларисовата суфицитност на пасијата кон Ричард таа ќе го смета за заштита од интензитетот на љубовта, за која како институционалната религија смета дека ја уништува „приватноста на душата“. Според многу биографи и самата Вулф влегла во брак без љубов. Од идеолошки аспект, Вулф овде следи една долга англиска атеистичка традиција.
Интересно е уште што, главните дилеми на г-ѓа Даловеј ги наоѓаме уште при првите странички; напуштањето на куќата на Вестминистер и шетањето по Бонд стрит, во потрага по цвеќиња кои ќе украсуваат пред величествената забава која ја подготвува. Напишани се стотици есеи и анализи на значењето на Цвеќињата во романите на Вулф. И овде наидуваме на сите дилеми кои се закана по нејзиниот карактер: љубовта на нејзиниот живот, нејзиниот страв од животот, нејзините мисли околу бракот, Питер, најдлабоките понори на душата. Читаме за еден лик на жена која е во сигурна социјална положба, омажена е за маж кој ја љуби, има ќерка а сепак радо помислува на смрт. Централното прашање на романот е зошто Вулф се плаши од живеењето на животот? Нејзиниот живот е не-живот, од проста причина што таа ја игра улогата која општеството ја определило за неа, без да ги послуша гласовите на сопствената природа и да биде единствено верна на сопствениот сензибилитет.
„Смртта е пркос. Смртта е обид за комуникација на луѓе кои чувствуваат дека е невозможно да достигнат до средиште кое таинствено им се измолкнува; блиското се оддалечува, занесот бледнее, човекот е сам. Затоа тие во смртта наоѓаат прегратка.“ (Вирџинија Вулф, 1964, 161)
И на веста на смртта на Септимус таа реагира вака:
„Некако чувствува премногу сличност со тој млад човек – тој млад човек кој се самоуби. Мило и е тоа што го направи: што отфрли се`. (Вирџинија Вулф, 1964, 164)
Единствен пат кога почувствувала љубов е кратката афера која ја имала со Сели во младоста за која ќе рече „почувствував религиозен занес кога бев бакната од Сели“. Имплицитно кажано, вистинската природа на Клариса е лезбијска.
За односот кон религијата, продолжува понатаму при описот на г-ѓа Килман: „таа е христијанка… таа го знае значењето на животот“ негува страв од неа, но не гаи омраза. Килман посакува да ја уништи Клариса, но бидува спасена од нејзината повисока положба. На друго место, Вулф го дава сопственото етичко начело: „атеистите прават добро единствено во име на добрината“.

Во есејот „Модерна фикција“ Вулф ќе спомне дека „модернистите се интересираат за темните страни на психологијата“. Од Вулфово признание ќе дознаеме дека ликот на Септимус не бил планиран, дека романот требало да заврши со самоубиство на Клариса. Септимус доаѓа како некаков психолошки двојник. Неговата историја на лудилото е лирика испреплетена со вечност и патетичност. Во Лондон тој живее живот на wanna be уметници. Преку ден работи во канцеларија, а ноќе посетува часови. Тој е анксиозен во очекувањето за себеподобрување, пробува да пишува, да се заљуби, да голта книги и кога ќе се појави војната тој е првиот кој доброволно се пријавува. Paul Fusel аргументира дека големата војна зеде под удар две либерални културни заблуди: верувањето во просветителските моќи на класичната и на англиската култура како и појавата на масовно образование.
Септимус Смит working class anti-hero започнува како млада сензитивна личност од мало место Строуд „каде не може да се види себеси како поет“. Тој еден од полуобразованите самообразуваните млади луѓе од јавните библиотеки. Тргнува во поход во Фанција да ја спаси Англија на Шекспир, на наследниците на грчките класичари, на хистеричните небулози на предавачката Изабел Пол во која тој се вљубува. Во овој пример, Вулф ја декомпонира идејата за Шекспир како „национален бард“ и за штетното влијание на учените пропагатори кои го злоупотребуваат за распламтување на националистички страсти. Септимус поседува ПТПС посттрауматски синдром, произлезен од долгото војување низ рововите и тоа е целосно во духот на вулфовата максима за психологијата. Септимус е сведок на загинување на пријател во војната, тој го доживува хорорите на војнатата, бруталното доживување на светот. Тој одбива да се идентификува со тоа; но во истовреме нешто време длабоко умира во него; тој престанува да чувствува, отапува.
Во Лукреција бара прибежиште и жртвувајќи ја, влегува во брак без љубов. Тоа влече паралели со бракот на Клариса иако склопен во сосема поинакви околности. За разлика од Септимус кој е изложен директно на духовната скржавост на општеството, Клариса има уточиште во кое може да се затскрие да не биде целосно проголтана. Приказот на гостувањето на премиерот е со цел да се воспостави линк со владеачката класа (Даловеевата класа) и целата порака е во јукста позиција: Нема злосторство; љубов. Злосторство во Септимус е во смисла е злосторство на нечувствување, но постојат и други контексти како оној на „прогонот на човековата природа“ мотив кој варира на повеќе места во романот.
Ликот на д-р Бредшо се прашува: Љубов, дрво, нема злосторство!? Се чини одговорот лежи во неговата концепција, на чисто поетско чувство, на универзална љубов. Септимус има обичај да ја естетизира реалноста и станува жртва на таквиот поетски начин на гледање на светот. Од друга страна, во брутализираниот свет неговиот концепт за љубов е нонконформистичка. Ликот на Септимус е против злосторствата на војната и тој претставува некогашен човек со големи капацитети на љубење, но за жал тоа е недоволно ценета особина во супер-корумпирано општество.
Д-р Холмс и д-р Бредшо ликовите на двајца доктори, „позитивисти“ во романот не се оние со кои може да се воспостави автентична комуникација. Тие се ликови кои Вулф ги презира како и она што тие го репрезентираат: ладното научничко размислување, ароганција, и Вулф во фукоовски манир не го амнестира Бредшо од вина за состојбата на Септимус:
„…Обожавајќи ја мерата (чувството за пропорција) не напредуваше само сер Вилијам, туку направи и Англија да напредува, ги издвојуваше нејзините лудаци, забранувше раѓање деца, казнувше очај, оневозможувше на непожелните да пропагираат свое мислење додека и самите не го усвојат неговото осеќање чувство за мера…“
Вулф важеше за противник на беспоговорно прифаќање на медицината, а според многу биографи тие ставови може да бидат под влијание на нејзините конкретни искуства со докторите.
Во однос на жените и литературата го имаме примерот со шовинистичкиот Ричард Даловеј, кој на Рахел и препорачува да ја чита Џејн Остин, опишувајќи ја како „најголемата женска писателка која (we poses) ја имаме“ бидејќи „таа не се труди да пишува како маж. Сеоја друга се труди: кгоа ќе видам такви, престанувам да ги читам“. Ричард Даловеј ја исфрла Остин од маскулинистички конфигурации во маргинализираната категорија „женски писател“ или „писател за жени“. Клариса Даловеј на тоа возвраќа: „не е добро да се преправаш дека ја читаш Остин, нели те тера на спиење.“ Клариса Даловеј ја смета Остин за посупериорна писателка од Емили Бронте.
Улогата на жената во општеството и нејзината трагична детерминираност се гледа во г-ѓа Даловеј: не се важни нејзините реални способности – таа единствено може да се реализира како нечија сопруга, жена и толку. Барем така било во Велика Британија пред 90 години.
Од интересот за јавното политика, историја, интелектуалност, Клариса се срозува на ниво на приеми/забави на кои Питер Волш гледа како меѓусебно мамење, ласкање, арчење на духовноста. За разлика од нефлексибилниот губитник Питер Волш, Даловеј прилично умешно ја игра социјалната игра. За време на климаксот на главната забава која ја организира Клариса Даловеј заплакува на присуството на некогашната бунтовнича, а сегашна домаќинка и мајка на пет деца Сели Сетон – фројдовски гледано зарем нема во тоа некое задоволство на повикување на мемории?
„На некој начин тоа е нејзин пораз – нејзин срамота. Таа е казнета да гледа овде човек а таму жена… и исчезнуват во длабока темнина, додека таа е пронудена да стои тука, во својата вечерна тоалета. Коваше планови: заведуваше. Никогаш до крај не беше ништо беспрекорно. Посакуваше успех. Завидуваше на леди Бесборо и се останато…“ (Вирџинија Вулф, 1964, 164)
Клариса е жена со шарм, таа е обдарена со виталност, инстинкти, интуиција. Сите нејзини потенцијали би се развивале уште повеќе доколку отидеше во уметничко/интелектуална насока. За неа „љубовта е одвратна и деградирачка пасија“. Што би рекол Л.Ф. Селин: „Љубовта не е за луѓе со достоинство“. Успехот на организирање на приемот се доживува како постигнување. Клариса чувствува дека триумфот доаѓа како компензација за нешто што таа длабоко во себе го негира.
Вирџинија Вулф го негира викторијанскиот материјализам и се потсмева дека реализам претставува сувопарно набројување на надворешни детали. Наспроти тоа, таа покрај психолошкото портретирање ни дава еден друг реализам, реализам на човековите односи, полн со поетски метафори кои му даваат една огнена стихија на текстот. Тотална заблуда претставува дека поради употреба на техниката роман по тек на свеста таа не е заинтересирана за реалниот живот. Напротив, таа во Г-ѓа Даловеј прави сатирична вивисекција достојна на Џонатан Свифт. Нејзините романи и денес кога се читаат, без разлика на напредокот на женската еманципација во разни рамки, делуваат свежо, актуелно и модерно. Може да се рече, меѓу другото, дека Вирџинија Вулф била и политички некоректна писателка, во однос на она што во нејзино време важело за политички коректно.
Нејзиниот ангажман е суптилно вткаен и никаде не може да се сретне вулгарен памфлетизам или евтина политизација. Многу манипулативно се чини од западниот канон е тоа што таа се претставува исклучиво како писателка за женски права, а се занемарува нејзината социјална ангажираност, критика на империјализмот, колонијализмот, големите класни разлики итн.
Овој есеј претставува скромен обид да се претстави социјалната страна на Вирџинија Вулф.

Користена литература:
Virdzinija Vulf, 1964, „Gospodza Dalovej“, Beograd, Izdavacko preduzece RAD
Clarissa’s Attic: Virginia Woolf’s Mrs. Dalloway Twentieth Century Literature, Vol. 18, No. 1 (Jan., 1972), pp. 3-18
Published by: Hofstra University
Stable URL: http://www.jstor.org/stable/440690
Virginie Woolf, 2003, The intellectual and the public sphere, University of Toronto
Ugrozene individualnosti – http://pulse.rs/gospodjadalovej/
70 godina od smrti Virdzinije Vulf, Vreme, http://www.vreme.com/cms/view.php?id=981527
http://introvrtlog.wordpress.com/2009/09/15/novi-realizam-virdzinije-vulf-drustveni-sistem-kao-pretnja-u-gospodi-dalovej/
The solitude of Virginia Woolf by C.B. COX
Christina Alt, 2010, Virginia Woolf and the study of nature, Cambridge University Press
James M. Haul, J.H. Stape, 2002, Editing Virginia Woolf – Interpreting the modernist Text, Palgrave

Тагови од објавата
Напишано од
More from Алекс Букарски
Кон филмот „Лет над кукавичјото гнездо“
Со многумина кои сум разговарал не знаат дека тоа е книга првенствено...
Повеќе
0 replies on “Политичко-идеолошки импликации во Г-ѓа Даловеј од Вирџинија Вулф”