ВОЗВИШЕНО НАБЉУДУВАЊЕ НА СМРТТА НА ЗНАЕЊЕТО
Кон „ПОРОЈ ОД ПЕПЕЛ“ од Исток Ј. Улчар
Новиот поетски ракопис на младиот Исток Ј. Улчар претставува возбудлива најава на негов премин во посериозен, трпелив и будно обмислен поетски стил. Поетската збирка е пресензитивна преслика на современите младешки и социо-историски превирања, преблиска до духот на една цела генерација луѓе во разминување. Тоа се возбудливи музицирања на лист хартија, што ја тестираат певливоста на сликите кои го обележуваат нашето време, преку степенести премини од една во друга толкувачка перспектива на стварноста.
Составена од три циклуси: Петтолиние, Крвав ум и Скрјабиновиот Мистериум, поетската книга на Улчар почнува со активно автокарикатурирање на сопствените зборови, пренесувајќи го читателот низ различните етапи на развој на стихот, асоцијативно кокетирајќи со космогониските митови за пра-почетокот на Светот, а завршува со пасивно засолнувањево меланхолично бесрамно чувство на пораз, изразено во втренчено набљудувањена личните инхибиции во околината.На ниво на стихозбирка, менливоста и минливоста на знаењето е изразено во видовите на ритам и рима, во должината на стихот и во формата на строфите, кои се трансформираат од песна во песна, принудувајќи го читателот постојано да се прилагодува на новите поетски гласови и слики.
Движејќи се помеѓу естетиката на грдото и естетиката на исчезнувањето, „Порој од пепел“ е сува, крупна и горчлива поезија. Потпирајќи се на бавното скротување на болката и на брзото нормализирано секојдневие, авторот му се навраќа на времето неколкупати во текот на целиот циклус, со цел да го преиспита своето постоење, но и убедливоста на лирските субјекти кои ги пресоздава од песна во песна, ги гради дијахрониски и синхрониски и ги видоизменува од стих во стих, правејќи различни ритмички игри во збирката. Тоа се недоисцртани субјекти, носители на мачнините и на јанѕата на дисонантното време, кои се бришат себеси и се преопеваат во новиот избор на зборови, во метареференците, во кроткото пародирање со попустливиот раскрварен ум од напливот од информации.
Стихозбирката се отвора со песната Портал каде се среќаваме со „пра-почетокот“ и артикулацијата на болката, со ритуалното, митологизирано и симболично пренесување во новиот реалм на гадното, внатрешното, абјектното, злокобното и Другото (во, а потоа и вон нас). Оттука па натаму, во следните песни, настанува драматичен „потоп“ од сцени со собири на луѓе, небаре излезени од (Херонимус) Бошовски триптиси, заплеткани во мрежа од референци и сериски дијалози и судбоносно слепени едни за други како сериски преслики.Влегувајќи во трансцендентните димензии на порталот од првата песна, се забележува секнување на сето дотогашно познание кога гласовите на т.н. „појци“ во Порој „ја замолкнуваат мешавината од [нивните] азбуки“ за потоа да ја испредат „нивната питома песна“. Во таа смисла, вториот циклус Крвав ум, смисловно се надоврзува на притиснатиот „рестарт“ и со сета сила ги впрегнува информациите и искуствата, воочувајќи го својот нагол премин од адолесценција во млада зрелост, по што поразително ги очудува своите знаења велејќи дека „ги [разбира]ме сега сите јазици, / зашто сите говорат за исти јанѕи“.
Понатаму, во Кули од перници, пак, може да се забележи (симпатично) повлекување во „меко[то] разнобојно здание (…) / чие окно е за секого љубезно отворено“, од каде започнува преиспитување на моќтана субјектот, во контекст на траумите вградени во стожерните симболи на детството – сега подигнати во вид на метафорични калиња. Улчар тука ја покажува својата зрелост кога неговите лирски субјекти развиваат страв од одговорноста што ја носи колективното знаење и тргнуваат во потрага по стреа, повеќекратно менувајќи го јазикот на изразување и перспективата, преместувајќи го фокусот врз единечното, минливото, материјалното и трошливото.
Така, на ниво на целата стихозбирка, иронично, Гласот созрева кога подитенува, кога по пат на фантазирање ги извитоперува хоризонтите во песната Кусо ноктурно, каде вели:
„Ноќното небо е очувана шапка/ положена крај чекор на секој случаен минувач, / а Месечината е жолта паричка/ пофално во неа фрлена за уличниот свирач.“
Во овој дел од ракописот може да се забележи суптилната трансформација на видното поле на набљудувачот, кај кого грижата за себе се променува во грижа за Другиот.
Одбројувајќи со низата на Фибоначи (во една од песните), поетот ја воочува историската нужност од информациската обременетост и почнува да се сомнева во способноста за зграпчување на вистината и сликата на Страното во миготкога: „Сите појави се сега објаснети. Сите зборови се сега опредметени. / Дури и онаму каде што немаше ништо, сега врие вител од недофатливи податоци. / Веќе одамна е случена / Големата животворна средба.“. На тој начин, секоја средба, секој пресврт во животната линија на лирскиот субјект се препознава како „убиец на неговото незнаење“ и „зачеток на неговото созревање“.
Поетската книга вистински изненадува кога, наместо да се изоструваат, сетилата на гласот се губат во неповрат поради незапирливото примање на знаења од околината, дотолку што во песната Скриени очи се вели:
„Си ги пронајдов очите (…) / во потребата да се подобрам себеси, / да се претворам во оној кој сакам да бидам. / (…) И откако ми се случија сиве откритија/ низ контролните точки на моето минато, / радосно си ги скрив очите на дното / од една правлива фиока / што ретко ја отворам, / за никој на светов да не може да ми ги украде / спомените за моите младешки јанѕи и мераци.“
Лирскиот субјект оттука повеќе не размислува за тоа како да го прошири, искористи или сподели своето знаење, туку како да го зачува она што му е веќе апсолвирано. Тој со тоа ја изразува универзалноста на неговата состојба на неповратност во пред-знаењето.
Упорно барајќи си ја назад невиноста, полека отстранувајќи ги порталите за влез на болката, конечно и со олеснување, веќе кон крајот на стихозбирката, лирскиот субјект успева да го заспие „остарено[то] бебе / чија плач ја поти проѕирната плазма на светот“, притоа алудирајќи на сопственото лечење на тивок оган, со родителска грижа кон „ладнокрвни[те] демони“ коишто се заслужни за тоа „што во порите сила му се вселува“ и „што во черепот мудрост му се вгнездува“.
Ваквото повратно и зависнично враќање кон изводните канали на реалноста, како кон солидни количини морфиум, го носат лирскиот субјект кон отрпнатост, за потоа тој едноставно да објави дека постојаното навраќање кон вистината ја убило неговата емпатија, која тој самиот ја закопал „во подот на неговата заклучена соба“.
До крајот на стихозбирката, поетот наоѓа задоволство во доживувањето на крајот на знаењето и на познавањето. Во Прогонство на бубачките, гласот на субјектоте веќе отсутен и отцепен од стварноста, и признава дека „очајно ќе ни недостастуваат / (…)лазења[та] врз нашите кожи“ и дека „ќе страдаме по нивните безопасни каснувања…“, алудирајќи на поворките безобразна и сурова вистина со коишто се соочуваме секојдневно, по што (по последната песна Елипса) тој возвишено повикува сонцето да зајде „за [и] светот да се олади!“. Тука, тој почнува, а се враќа на самиот почеток од ракописот, на повторната желба за „отворање на портал“ до непознатото.
Во одредена мера, препрочитувајќи го во едно седнување, овој ракопис може да се гледа и како една единствена песна, како една приказна на развој на лирските субјекти кои стигнале да го доживеат и почетокот и крајот на Постоењето, да го видат „јавачот на апокалипсата“ и да посакаат инего да го присвојат („Наше дете си е тој!“). Поетскиот глас започнува и завршува со својата раслоена множинска форма „ние“ со која си поигрува во текот на пеењето, за на крајот да триумфира со присвојување на злото во себе/во ние, во конечниот обид да го проголта, да се спои со него, да го разобличи и да го подетинети. Конечното бестрашно претставување на смртта на злото во неговото присвојувањево „Порој од пепел“ е возвишен епилог на недвосмисленото обожување на колективната декаденција, како ангажирана реакција за трансформација на негативните животни полнежи во потенцијалот за грижа дури и за најладнокрвните вгнездени демони.