Личниот и особено женскиот идентитет во светлината на колективните општествени превирања

Вистинската причина зошто жените сакаат ќерки, лежи во фактот дека синовите не ги слушаат приказните на своите мајки и заради тоа тие и не можат да бидат прераскажани.

ЛИЧНИОТ И ОСОБЕНО ЖЕНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ВО СВЕТЛИНАТА НА КОЛЕКТИВНИТЕ ОПШТЕСТВЕНИ ПРЕВРИВАЊА

(за книгата „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“

од Елена Феранте)

 

„Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ (Storia di chi fugge e di chi resta, 2013) од Елена Феранте (1943) е една од оние исклучителни т.н. женски/сестрински приказни на кои им се посветив особено и во својот роман во писма „101 живот“. Оваа „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ (Скопје: Три, 2020) во преден план ја има чувствителноста на искреното, на вистинскотодругарство! Елена и Лила, Лила и Елена, двете нераздвојни девојчиња од првиот и од вториот роман од сагата за неколку неаполски семејства, се разделуваат во третиот роман „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ на возраст на триесетина година. Така, едната заминува во Фиренца, а другата останува во Неапол. Иако изборот на двете млади жени е сосема различен, тие остануваат постојано во близок контакт, во еден амбивалентен однос создаден од љубов и омраза. Тие остануваа сепак блиски на далечина. Одделени, а сплотени!

Овој текст/приказ е пишуван во неколку наврати или поточно тој е допишуван. Најпрвин се случи кога Радица Никодиновска ми спомена дека би сакала и јас да бидам дел од настанот „20-та Недела на италијанскиот јазик во светот“ што се случи во октомври 2020 и тоа преку моето исчитување заради промоција на оваа книга на Елена Феранте. Во тие денови на повторно затворање заради новите настани околу есенскиот бран на пандемијата, вистинска радост ми причини токму ова задача да ја исчитам книгата и потоа да напишам текст за самата промоција. Имено, во Неапол се вљубив на прв поглед (на факултетската екскурзија пред повеќе од 10-тина години) и ете тогаш имав можност повторно да го почувствувам и Неапол, но и цела Италија, преку оваа приказна на Феранте. А во самата приказна на Феранте најпрвин се вљубив преку серијалот „Мојата генијална другарка“ и „Приказна за новото презиме“ што ги проследив благодарение на тв-кутијата (ХБО) за потоа да ги побарам и самите книги (кои, за разлика од оваа третата, се преведени од англиските верзии на книгите на Феранте). Затоа ѝ бев неизмерно благодарна на Радица Никодиновска што ете дури преку третата книга од таканаречената неаполска тетралогија или „Неаполски романи“ ја добивме онаа вистинска јазична колоритност што таа ја доловува преку преводот од италијански на македонски. Искрено посакувам во најскоро време да го видиме на македонски и четвртиот дел под наслов „Приказна за изгубеното девојче“ (Storia della bambina perduta, 2014) со нејзиниот преведувачки печат. И така оттогаш во неколку наврати му се посветував на овој текст за другарството на Елена и Лила, на Лила и Елена и во неколку наврати го дообликував, го допишував пред конечно да го споделам со вас, драги читатели на РЕПЕР!

Концептот на приказната на Феранте произлегува од копнежот да се биде што поблиску со своите предци, но и со своите најблиски и пред сè со својата другарка, за да може што подобро да се разбере и времето во кое тие живееле, а преку тоа да се разбере и сопственото време. Приказните на двете другарки,  или поточно приказните произлезени од сеќавањата на една од нив, како да ѝ пркосат на колективната поточно на историјата на мажите. Затоа, секогаш е поприсутна гледната точка од аспекти на жените од едно семејство (на бабите, на мајките, на сестрите, на ќерките). Сите тие во своите аспирации да успеат се попречувани од родителите, од мажите, од децата. Целата сага се темели на нераскинливото и амбивалентно педесетгодишно пријателство/другарство меѓу две необични жени, Лила и Елена, испреплетено со педесет години историја на Италија. Така што голем е влог што го остава Елена Феранте со самото тоа што таа опфаќа импресивен број теми без притоа да го жртвува квалитетот на нарацијата и стилот.

Вистинската причина зошто жените сакаат ќерки, лежи во фактот дека синовите не ги слушаат приказните на своите мајки и заради тоа тие и не можат да бидат прераскажани. Затоа таа голема улога ја презема токму Елена Греко, наречена Ленуча или Лену, родена во август 1944 година, ќерката на портирот во општината. Лену почнува да пишува кога ќе дознае дека исчезнала нејзината пријателка од детството, Лина Черуло, која само таа ја нарекува Лила, ќерката на чевларот. Имам чувство дека Феранте неслучајно двата женски лика ги ситуира во такви семејства. Едната која и покрај мирната природа постојано заминува и оди напред, отвора и затвора нови и нови врати како ќерка на портир на општината, а другата, која и покрај бунтовната природа и исклучителната емотивност, останува цврсто прикована, со двете нозе, обуени или боси сеедно, во местото на своето раѓање како ќерка на чевлар. И во „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ се редат околностите кои ги зближуваат и оддалечувааат во текот на бурните седумдесетти години од минатиот век.  Овој трет роман од тетралогијата има и историска и интимна димензија која се одвива во текот на десетте години што ги покрива романот и кои се пресудни за Италија, земја во трансформација која чекори кон модерноста.

Приказната за оние што заминуваат и за оние што остануваат се отвора вака:

„Последен пат ја видов Лила пред пет години, зимата 2005 година. Се шетавме рано наутро долж булеварот и, како што впрочем со години наназад се случуваше, меѓу нас сѐ уште лебдеше чувство на нелагодност. Се сеќавам дека само јас зборував: таа потпевнуваше, ги поздравуваше луѓето кои не ѝ отпоздравуваа, одвреме-навреме ме прекинуваше со извици кои немаа никаква врска со она за што зборував. Со текот на годините меѓу нас се случија премногу грди работи, некои дури и навистина ужасни, така што, за повторно да ја вратиме меѓусебната доверба, неопходно беше да си ги довериме скриените мисли, но јас никако не можев да ги најдам вистинските зборови а таа, која можеби беше подобра во тоа, немаше ниту желба ниту гледаше потреба од тоа. 

Па сепак, многу ја сакав и секогаш кога доаѓав во Неапол наоѓав начин да се сретнам со неа, иако, морам да признам, по малку ме плашеа тие средби. Многу беше изменета. И на двете беа видливи трагите на стареењето, но, додека јас се борев со склоноста кон дебелеење, таа постојано беше кожа и коска. Имаше кратка коса која самата ја шишаше,  сосема бела и запуштена. Набрчканото лице сѐ повеќе потсетуваше на нејзиниот татко. Се смееше нервозно и со речиси пискав глас, зборуваше многу гласно. Постојано гестикулираше со таква ѕверска решителност што се чинеше дека сака напола да ги пресече зградите, улиците, минувачите, и мене лично.“

Приказната за оние што заминуваат и за оние што остануваат се затвора вака:

„Си заминувам, го напуштам мажот ми.“  

„Не разбирам.“  

„Мојот брак е готов, Лила. Го сретнав Нино и откривме дека отсекогаш сме се сакале, уште од детство, само не сме биле свесни за тоа. Затоа заминувам, почнувам нов живот.“  

Замолче извесно време, потоа ме праша: 

„Се шегуваш, нели?“  

„Не.“  

Сигурно ѝ се чинеше невозможно да внесувам неред во мојот дом, во моите средени мисли, и механички се фати за мојот маж: Пјетро е извонреден човек, добар, интелигентен, луда си што сакаш да го напуштиш, помисли само колку ќе ги повредиш ќерките! Зборуваше без да го споменува Нино, како неговото име да застанало на каналот на ушната школка, како да не допираше до нејзиниот мозок. Јас морав повторно да го спомнам неговото име, реков: не, Лила, не  можам повеќе да живеам со Пјетро, затоа што не можам да живеам без Нино, што и да се случи, ќе одам со него, изговорив уште неколку слични реченици како да беа некакво почесно признание. Тогаш таа почна да урла:  

„Сакаш да се откажеш од сето она што си постигнала заради Нино? Заради него да си го упропастиш семејството? Знаеш ли што ќе се случи? Ќе те искористи, ќе ти ја исцица крвта, ќе ти ја одземе волјата за живот а потоа ќе те напушти! Зошто толку учеше? Како можев да поверувам дека ќе уживаш во убав живот и за мене? Сум згрешила, ти си обична глупачка!““

Впрочем, тие 70-ти во кои се одвива сеќавањето, сведоштвото на Лила, се период на идеолошки превирања во италијанското општество, на свет на револуционери, реакционери, студенти, камористи, комунисти, неофашисти, црква, синдикат, гнил владеачки естаблишмент, но и свет кој отвора сосема нови можности и за Елена и за Лила. Во овој контекс како да одѕвонуваат и опоменуваат и зборовите на македонската писателка Оливера Николова: „.. магливата историја ја прави маглива и сегашноста“.

Затоа романот „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ се обидува низ интимната, женско-семејната нота, да даде вистински или приближно вистински одговори и на прашањата врзани со личниот особено женскиот идентитет во светлината на сите тие колективни/општествени превирања. Така што топло ја препорачувам да ја прочитаме пред да се исправиме пред нејзиното телевизиско издание како трет дел од серијалот на ХБО (која го очекуваме оваа есен во сè уште пандемична атмосфера)! 

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
И ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ И ВОЛШЕБНИ ПРЕГРАТКИ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ
За книгите за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните...
Повеќе
0 replies on “Личниот и особено женскиот идентитет во светлината на колективните општествени превирања”