Потекло

На Службата за странци ѝ напишав: вероисповед: немам. Јас, такаречи, израснав меѓу пагани. Напишав дека дедо ми Перо црквата ја нарекуваше најголемиот човеков грев откако црквата ги пронашла гревовите.

ДО СЛУЖБАТА ЗА СТРАНЦИ

 

Роден сум на 7 март 1978 година во Вишеград на Дрина. Во деновите пред моето раѓање, непрекинато врнело. Март е најомразениот месец во Вишеград, разлигавен и опасен. Снегот се топи по планините, реките го надминуваат водостојот. А мојата Дрина е немирна. Половина град е под вода. 

И во март 1978-мата не било поинаку. Кога мајка ми добила породилни болки, во градот веела страшна бура. Ветрот ги искривувал прозорците на родилната сала, ги бранувал чувствата, и токму сред родилните болки удрил и гром, па сите си помислиле, лелеее, така значи, самиот ѓавол доаѓа на свет. Немам ништо против тоа, не е лошо луѓето да имаат малкуцка страв од тебе и пред воопшто да те запознаат. 

Само што поради сето ова мајка ми немала некои позитивни чувства за породувањето, а и бабицата не била задоволна како тече раѓањето, па со шифрата компликации ја повикала дежурната лекарка. Таа пак, како ни јас сега, не сакала беспотребно да ја одолговлекува приказната. Доволно е само да се каже дека компликациите се олесниле со помош на вакуум. 

Триесет години подоцна, во март 2008 година, за добивање на германско државјанство морав, меѓу другото, да поднесам и рачнонапишана биографија до Службата за странци. Огромен стрес! При првиот обид не напишав ништо друго освен дека сум роден на 7 март 1978 година. Ми се чинеше како ништо да не се случило потоа, небаре Дрина ја однела целата моја биографија. 

Германците сакаат табели. Затоа направив табела. Во неа внесов неколку податоци и информации – основно училиште во Вишеград, студии по славистика во Хајделберг – но ми изгледаше како тоа да нема врска со мене. Знаев, податоците беа точни, ама никако не можев да ги оставам така. Таквиот живот не звучеше вистинито.

Почнав од почеток. Повторно го напишав датумот на моето раѓање, го опишав дождот и кажав како баба ми Кристина, мајка на татко ми, ми го дала името. Во првите години од мојот живот таа најмногу се грижеше за мене бидејќи моите родителите студираа (мајка ми), односно работеа (татко ми). Таа беше од мафијата, тоа ѝ го напишав на Службата за странци, а кога си со мафијата, имаш многу време за децата. Живеев кај неа и дедо ми, за викендите кај родителите. 

Ѝ напишав на Службата за странци: дедо ми Перо во срце и по партиска книшка беше комунист и ме носеше на прошетки со другарите. Кога зборуваа за политика, а секој ден зборуваа за тоа, заспивав без проблеми. На четири години веќе можев да се вклучам во разговорите. 

Го избришав тоа со мафијата, што ги знам. 

Наместо тоа напишав: баба ми имаше сукало и со него ми се закануваше со ќотек. Тоа не се случи никогаш, ама и ден-денес имам резервиран однос кон сукалата, а индиректно и кон сѐ што е од тесто. 

Напишав: баба ми имаше златен заб. 

Напишав: и јас сакав да имам златен заб и затоа си обоив еден од моите секачи со жолт фломастер. 

На Службата за странци ѝ напишав: вероисповед: немам. Јас, такаречи, израснав меѓу пагани. Напишав дека дедо ми Перо црквата ја нарекуваше најголемиот човеков грев откако црквата ги пронашла гревовите. 

Потекнуваше од едно село во кое се слави свети Ѓорѓија, оној што го убил змејот. Или, како што тогаш ми се чинеше, каде што го славеа змејот. Уште рано ги запознав змејовите. На вратовите на роднините се нишаа како приврзоци, везениците со мотиви на змејови беа омилени дарови, дедо ми имаше еден вујко што делкаше змејови од восок и ги продаваше како свеќи на пазар. Е, тоа беше супер! Кога ќе го запалиш фитиљот, изгледаше како чудовиштето да фрла оган. 

Кога бев речиси доволно голем за тоа, дедо ми ми покажа една книга со илустрации. Змејовите од Далечниот Исток ми беа најдобри. Изгледаа страшно, но истовремено и шарено и весело. Словенските змејови беа само страшни. Дури и оние што наводно беа мили и не се интересираа за пустошења и за грабнувања девици. Три глави, остри заби, такви работи. 

На Службата за странци ѝ напишав: болницата во која сум се родил веќе ја нема. Боже, како само ми го решетаа газот со пеницилин, им напишав, ама не го оставив ни тоа. Не сакав со мојот вокабулар да ужасувам таму некојаси воспитана службеничка. Газ го променив во задник. Ама и тоа ми звучеше погрешно, па ја исфрлив целата информација. 

За мојот десетти роденден, ’Рзав ми подари уривање на мостот во нашето маало. Гледав од брегот како таа притока на Дрина го обработува мостот со помош на пролетта во ридовите, сè додека мостот не рече, добро, ајде тогаш, земи ме. 

Напишав: нема биографски приказни без игрите од детството. Со големи букви на средината на листот напишав: 

 

САНКАЊЕ

Шампионската патека почнуваше под врвот на Град, каде што во средниот век над долината се издигала стражарска кула, а завршуваше по тесната кривина пред бездната. Ми текнува на Хусо. Се санкаше со стара санка горе на Град, без здив, се смееше, а и ние децата се смеевме, го исмевавме Хусо зашто беше слабичок, чизмите му беа дупка до дупка, а имаше и многу паднати заби. Будала, си мислев тогаш, денес мислам дека не му било гајле за формалности. Каде ќе се спие, како ќе се облекува, колку јасно ќе ги изговара зборовите и во каква состојба треба да му бидат забите. Сѐ правеше различно од другите. Да бидеме попрецизни, Хусо беше безработник и пијаница, кој не закочи пред бездната. Можеби зашто ние не го предупредивме пред последната кривина. Можеби зашто со пиењето ги испил и рефлексите. Хусо врескаше, ние по него, а потоа се чу радосен восклик: Хусо седеше на својата санка, а половина санка висеше закачена за грмјето.

„Ајде, Хусо“, викавме ние, „не предавај се!“ Бодрен од нашите извици, а пред сè од фактот што во неговата состојба беше полесно надолу отколку нагоре, Хусо се оттурна од грмјето и јурна низ падината. Беше неверојатно, ние бевме восхитени, а во 1992 година Хусо беше застрелан во својата колиба на Дрина, во својата куќа од картон и штици, недалеку од стражарската кула каде што – како што беше опеано во старите песни, а во зависност од тоа кого прашуваш –или српскиот јунак Крале Марко некогаш нашол засолниште од Османлиите, или бошњачкиот херој Алија Ѓерзелез со својот крилат арабец ја прелетал Дрина. Хусо преживеа, исчезна и веќе не се врати. На шампионската патека не се појави поголем шампион од него. 

Запишав приказна што започнува вака: Прашајте ме што значи родната земја за мене и ќе ви раскажам за докторот Роден, таткото на мојата прва амалгамска пломба. 

На Службата за странци ѝ напишав: јас сум Југословен, но никогаш ништо не сум украл во Германија, освен неколку книги на Саемот за книги во Франкфурт. И во Хајделберг еднаш се возев со кану на отворен базен. Но и двете нешта ги избришав затоа што можеби се казниви дела што сè уште не се застарени. 

Напишав: Еве попис на нештата што ги имав.

 

 

Објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Потекло”