На врвците од животот

НА ВРВЦИТЕ ОД ЖИВОТОТ
Син декември, мене студот ме топли
во стара волница од нов непознат мот.
По трет пат те сретнувам низ празни толпи
во пеколните кошмари од студената пот.
Сѐ уште чувствувам чувства празни,
пишувам писма, адресирам: „тивок огин“.
Од мене останаа нераскажани сказни
од својот живот кај сум само еден непознат гостин.
На праг е јануари, на усните кашмиров шал,
в гради виулица, на мислите наталожени сомнежи.
Самува мојата улица, под солитери, снег и жал,
а јас повторно посегнат кон неостварените копнежи…
Зошто ме сепмнува иднината што следи,
иако филмот го изгледав уште в дамнина?
Во раното детство, кое полека бледи,
во мајчиниот скут под небесната рамнина.
Месец на мразот, а јас уште закитен со Божиќни нишки
од цинобер. Книга на коленици, тие околу врат,
треперат отсјај низ своите последни воздишки.
Зарем тие се водилките низ животниот ми пат?
На врвот од прстите се придржувам, по нова книга
посегнувајќи. Солзите на прозорецот спелуваат носталгија.
Нов сум човек, а старо бреме ми недостига
крај квадратите мастило со исушената Далија.
Ќе се стопат ли куси страсти со снегот,
што ко бескрајна вечност ги осетив?
Дали првиот цут ќе ми стане збегот
и мелем на раната, бар дур сум жив?
***
Виолетови сенки се нижат на ѕидот,
А под нив лалиња замотани во весник.
Март нечујно заминува од видот
Се кинат врвците животни, на овој син песји.

 

Босоног човек (на Конески)
Небото блеска во пурпур и златно
По патишта долги едно срце оди
Да наслика судбина на бескрајно платно
Со вечен сон што низ светот го води.
Бос е тој и без чевли скита,
Со два чорапа во својата рака.
Некогаш цар, денес без свита.
Задишан е од умор. Задушен од јака.
Бремиња ѕвезди на плеќи му лежат,
На срце два збора му тежат:
„Зоро, кажи каде споменот броди
Ќе го сретнам ли по пат, кај срце ме води.„
„Ѕвезди ти нацртав крај белезите драги,
Црвени и црни се твоите таги.
Нијанси на модра крај секоја ѕвезда,
Ги напуштија славеите твоите гнезада.“
И кога најмилиот спомен ќе зажари во соништата,
– ги буди, разгорува, смело огништата.
Си ја повторува целта по пат стоти,
А последните сили низ потта му капат.
Тишината ги свири крајните ноти,
За сонот кој веќе пристинува на запад.
Сега го напушта темницата што гласи
И ко фантом опседнува со века.
Зар ќе може некој да го спаси,
Од крвавата зора што веќе штрека?
Го колне и моли својот бог,
Еден човек, босног.

Тагови од објавата
0 replies on “На врвците од животот”