Богатата и надарена природа на Блаже Конески за релативно кратко време дала извонредни резултати во македонската поезија и белетристика, во литературниот есеј, во областа на граматиката и историјата на македонскиот народ. Неговите творечки резултати уште повеќе добиваат во своето значење бидејќи се знае дека се зачнати и родени врз сурова традиција. Она што го прави Конески поет е неговиот осет за играта со зборови така што крајниот продукт е плод на комплициран процес во кој учествуваат три фактори : традицијата, авторот и колективот. Вооружен со модерен научен пристап и со жив осет за суштественост, под перото на Конески оживуваат ликовите и периодите од минатото на нашата литература и култура, а трудовите за македонскиот јазик се читаат како богата поезија и проза. Имено, во настанувањето на песната, поетот нужно се служи со веќе постојаниот јазичен материјал на традицијата и колективот што го црпи не само од пишаниот збор туку и од секојдневната говорна стихија. Оттука, песната се открива благодарејќи на осетливиот слух на големиот поет.
Поезијата на Блаже Конески е плод на духот и атмосферата на времето на неговиот културен и книжевен контекст. Сето она што го означува неговиот најплодносен резултат е неговата поезија. Тој резултат, заокружувајќи ја авторовата личност во сета своја полнота, зрелина, човечност и големина, во сета своја животност и животна поставеност, во еден свој екстракт до една своја синтеза, стои мошне високо и означува монументално достигнување во и низ матичниот развоен тек на нашата литература во целост.
Во однос на неговата поезија, карактеристичен е по својот краток и стегнат поетски израз со одмерени и директни зборови. Во неговата поезија многу чести се национално историските мотиви. Како и митот и легендата.
Како и другите поети од првата генерација, неговите почетоци се присутни во збирката „Земјата и љубовта“, и поемата „Мостот“, во кои доминира борбената патриотска поезија, како што е „Тешкото“. Потоа во втората фаза на неговата поезија има промена во поетскот дискурс, при што поетот се свртува кон интимноста, земајќи метафорични мотиви од фолклорот и од митологијата („Везилка“). Неговиот најплоден период е третата фаза во која доминираат реалистични мотиви. Во овој период објавува шест збирки („Сеизмограф“, „Темни води“, „Црн бик“…). Во овие збирки носечки мотив е љубовта претставена како сила преку која се осмислуваат и доживуваат нештата. Последната фаза опфаќа песни со меланхолична содржина, се навестува крајот, се присетува на детството, семејството и размислува за смртта и за безизлезот.
Богат е творечкиот опус на Конески, но не само поради неговата игра со зборовите. Богат е бидејќи е зачнат со афирмативни граматички стуктури кои го одразуваат македонскиот литературен јазик.
Во првите песни среќаваме родољубиви мотиви како реакција на тукушто завршената Револуција. Тие песни се блиски до народот, татковината е реален поим, татковината живее во него и во секој наш човек, тој ја гледа, ја разбира и ја прифаќа, ја оживува нејзината историја, традиција, бит и ги поттикнува родољубивите чувства.
Типична, во оваа смисла, е антологиската песна „Тешкото“. Поемата е составена од десет строфи по осум стиха и поетот преку традиционалното оро Тешкото ја искажува својата љубов кон татковината. Песната започнува со растреперената душевна состојба на поетот кога ќе ги слушне првите звуци на орото. Му навираат солзи, му „иде да плаче ко дете“, зашто тие звуци го потсетуваат на татковината и на нејзиното минато.
Во продолжение, во мирен, спокоен тон, како што започнува орото, поетот ја ткае својата песна. Старците први се фаќаат и го започнуваат орото со мирен и бавен чекор, но ‘рзнувањето на тапанот го забрзува ритамот во кој се приклучуваат и младите кои го лулаат орото и ја завртуваат земјата.
Орото и неговиот народ се едно исто. Во орото е вткаена исконската сила на нашата земја, во него е вткаена душата на народот.
Минатото, поетот го споредува со синџир робја, долговековното ропство е мрачно, ужасно и крваво. Но, неговиот народ поведува „бујно, бунтовничко оро“ што ќе доведе до посакуваната слобода. На крајот, поетот е оптимист, иднината ја гледа во посветли бои и трипати подобра од минатото.
Сите стихови на песната се римувани, а римата е вкрстена (првиот со третиот, вториот со четвртиот стих). Песната има строг ритам кој ѝ дава посебен белег, а застапен е амфибрахот (трисложна ритмичка целина, кај која акцентот паѓа на вториот слог).
О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот –
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик –
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.
Инспириран од народното творештво, од митското минато на нашиот народ, од историјата, легендата, Конески има напишано неколку песни во кои тоа минато ќе го осовремени, ќе го доближи до сегашноста и ќе го поистовети со денешнината. Спојот на на минатото и сегашноста најубаво го изразува во песните : „Стрена“, „Одземање на силата“, „ Болен Дочин“ и сл.
Мотото на песната „Стрена“ е цитиран извадок од легендата за Марко Крале кој под Марковите Кули изградил стрена за да ја запре водата да не го исполни Прилепското Поле и од него да направи езеро.
Оваа легенда го инспирирала поетот да напише песна за човекот кој постојано се обидува да се бори против невидливите сили што се платат во неговата душа. За човекот кој е подготвен да се бори и со непобедливото, за успехот во тие борби, кој иако краткотраен, сепак создава чувство на супериорност. Тоа чувство е навистина убаво, но не е конечно, ни вечно. Секогаш, некаде скриен е сомнежот и стравот на следниот неуспех, но и надежта за повторни победи.
Песната е рефлексивна, мисловна, со испрекинат стих. Богатата, едноставна лексика е карактеристична за оваа, но и за сите песни на Блаже Конески.
Ја затнав Стрената со бубаќ,
со партали,
со песочиште, со чакалиште,
со камења, со карпи
што ги натрупав на дувалото –
да крепат.
Овие почетни стихови се употребени уште еднаш како рефрен на песната. Употребува аугментативни форми на зборовите, па силата на Марко Крале ја изедначува во силата на обичниот човек, а него – со себе.
Немирот, желбата за успех, за себедокажување, за себенадминување присутна во секој човек е всушност желбата за слобода, за мирна и просперитетна иднина.
Во песната „Ангелот на Света Софија“, поетот е инспириран од фреската во црквата Света Софија. Таа оживеана фреска на која ѝ се обраќа поетот е симбол на минатото, на вечното, на нашата историја. Но, вториот дел на песната е рефлексивен и во него поетот пее за својата младост и за минливоста на животот. Двата дела на песната, Конески мајсторски ги спојува во целина, споредувајќи го ликот на ангелот со својата душа, но сепак спротивставувајќи ги како вечност (ангелот) и минливост (својот живот).
Ти којшто толку време мина
под малтерот на ѕидот мрачен,
пак слободен си в простор зрачен
со мојот живот ќе се згаси.
Авторот копнее по детството во песната „Писмо“ од збирката „Земјата и љубовта“ и оваа песна е писмо до неговото најдобро другарче. Копнежот на детските дни, игрите и оној момент кога се разделуваат, бидејќи пораснале, ветувањето кое го дава на својот другар, кој загинува во борба, дека ќе го направи светот поубаво место.
Игрите едни ни беа
и едни днитебели
дури не дојде денот
и деца нас нè дели
Не. Нема да ја скршам
твојата силна клетва.
Јас ќе се борам друже
да стане поубав светот
Додека, пак, во песната „Илинденски мелодии“ од збирката „Земјата и љубовта“, ја величи љубовта и ѝ ја искажува на девојката. Младоста во секој од нас се препознава преку љубовта, убавината и душевниот спокој.
Бел трендафил – ти за мене цутиш
И ти моме ќе ми бидеш.
Ти си младост, за да се радувам
Малој моме за да те милувам
Песната „Везилка“ започнува со дијалог, искажувајќи ја својата вознемиреност кон искусната везилка за тоа што се нарекува проста и строга македонска песна.
Везилке кажи како да се роди
Проста и строга македонска песна
Од ова срце што се себе води
Разговор ноќен во тревога бесна
Тешко минато, големи маки, а каде да го најде одговорот? Изгубени надежи и крвави солзи на илјадници кои го дале својот живот и последниот здив за татковината. Ги опејува сеќавањата за тешкото минато, но и за надежта за подобро утре. Останува везилката со нејзините две бои. Црна и црвена. Две судбини кои го гасат нејзиниот спомен.
И најмил спомен што в душа ми блесна
се гаси од нив ко цвеќе без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна
ти си ја
кажа судбината своја.
Сета историја под перото на Конески станува посликовита, сета љубов поискрена, а секоја мака почувствувана и допрена.
Академик Георги Старделов за Конески вели „ Блаже Конески со сè што се зафати и со сè што допре, во сè нурна и продре најдлабоко. Тоа го направи во лингвистичка и книжевно-историска наука, тоа на уште повеличав начин, го направи во поезијата. Воопшто, Блаже Конески во македонската култура е од рангот на оние ретки личности во историјата на културите на другите народи кои ѝ даваат печат на својата епоха (Пушкин, Шевченко, Гете, Његош или Вук итн.). Тоа се личности кои со своето дело во повеќе области отвораат нова страница во историјата на културата на своите народи, личности низ кои духот на времето, неговите културни настојувања и стремежи се појавуваат на најдлабок и на најсестран начин. Во таа, имено, смисла зборуваме за епохата на Блаже Конески во историјата на македонската литература и во историјата на македонскиот јазик.“
Преку песните се развива културалниот идентитет, односно преку акустичните матрици. Поезијата на Конески изобилува со разновидни мотиви, но уште поголемо богатство за македонскиот литературен јазик е да се создае хибрид на литература и идентитет и преку тој идентитет да се развие минатото на нашиот народ.
Конески е раскажувач, есеист и научен славист. Посебно се истакнал со Правописот на македонскиот литературен јазик, Граматиката и Речникот. За него песната се открива како плод на духот и атмосферата на времето, односно во својот културен и книжевен контекст. Нашата традиција и култура се преточени во неговата мисла. Од умешноста да се создаде поезија, Конески го развива нашиот идентитет, односно тоа што сме денес.